1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегија на пајакот

3 ноември 2018

Има едно правило во политичкиот свет: пријателите држи ги блиску до себе, непријателите уште поблиску. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ можеби уште не ги научил тие правила, па успеа триумфот од 30 септември да го претвори во пораз

https://p.dw.com/p/37bXO
Spinnennetz Fotolia
Фотографија: C.M./Fotolia

Христијан Мицкоски има право да се чувствува предаден по гласањето во Собранието за отворањето на уставните промени кога наеднаш многумина во партијата се свртеа против него. Во основа тоа е базичниот страв на секој политичар (па и на Мицкоски, кој има скромно политичко портфолио) – дека некои во твојата околина може да се најдат на другата страна во моментот кога најмалку очекуваш. Нема тука ништо невообичаено. Како што не е невообичаено на Балканот да се исклучуваат од партија по брза постапка оние што мислат поинаку од лидерството. Како што е вообичаено, на пример, во Британија оние конзервативни пратеници кои гласаа против некои законски предлози на владата на Тереза Меј во долгата процедура за „Брегзитот“ и поради тоа не поминаа во парламентот и понатаму да се дел од владиното мнозинство. Но овде, според некакво природно право за престапот и одмаздата пратениците мора да бидат исклучени од партијата.

Од таа перспектива реакцијата на Мицкоски и камарилата околу него е логична. Исто како што е логичен неверојатниот интерес на јавноста за случувањата во ВМРО-ДПМНЕ. Медиумите не ги креираат настаните, тие го следат јавниот дискурс и освен што информираат се трудат да ги најдат вистинските објаснувања за случувањата. Мицкоски би сакал да ја смени таа проекција и јавноста да се занимава повеќе со функционирањето на владата, на нејзините грешки, гафови и корупциски инциденти. Но тоа е речиси невозможно – ако весниците или телевизиите ги минимизираат настаните во опозицијата кои се првокласни политички спектакли, тогаш преку ноќ може да ги загубат и читателите и гледачите. И плус – кога партијата тврди дека е дел од народот, всушност дека е самиот народ, тогаш избегнувањето на одговорите за драмите на кои засега им нема крај, со објаснувањата дека тоа биле внатрешнопартиски работи, е несоодветно, па дури и аматерски. Оној момент кога интензитетот на драматиката во опозициските редови ќе се намали, јавноста веднаш ќе го насочи главниот интерес кон владините коридори. Објаснувањето може да изгледа прозаично, но така пулсира јавноста, а медиумите само го пренесуваат тој пулс.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Пораз за фрагментација

Затоа, основното прашање за Мицкоски не е колку е голема неговата разочараност и болката што му била нанесена со гласањето во Собранието, туку како се случи една речиси добиена партија одиграна со подземната мрежа на агитирање за бојкот на референдумот наеднаш да се претвори во пораз кој ја фрагментира партијата. Дали поради неискуството во високата политика на Мицкоски и групата околу него, дали поради погрешно предвидениот развој на настаните, дали поради потценувањето на политичките ривали, дали поради неочекуваната самодоверба изградена врз лабави премиси, поради која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ речиси се гледаше како иден премиер до нова година, дали поради нешто сосема друго - но професорот кој сакаше да дели лекции на сите други како да се негови студенти наеднаш виде дека паднал на колоквиумот. И дека не може да го скрие својот бес и гнев. И дека наеднаш се нашол во некаква политичка игра која се поистоветува со стратегијата на пајакот – фатен си во мрежата, а што повеќе преташ толку се поголеми шансите да изгинеш побрзо. Се разбира, во политички контекст.

Кога се гледаат или читаат одговорите на Мицкоски на важни прашања од кои зависи впечатокот кај јавноста за неговата политичка зрелост или визија, тие на прв поглед изгледаат логични – ја следат шемата на неговото политичко пледоаје. Но неколку моменти подоцна станува јасно дека тие одговори се недоволни, дека во нив нема искреност, дека нема жар, па дури ни проекција. Постојаните повторувања едни те исти работи, омаловажувањето на политичкиот ривал и неможноста да се погледа во целата слика ја поткопуваат неговата уште несоздадена политичка супстанца. Заедно со отсуството на пристојно визионерство тоа беа дел од причините што триумфот што беше прогласен на 30 септември сега изгледа како неверојатно далечна работа (иако се случи само пред еден месец). Всушност, како и никогаш да не се случила. Токму затоа Мицкоски треба да биде повеќе искрен отколку горд и искрено да каже дека научил една лекција во безмилосниот свет на политиката.

Има едно правило во политичкиот свет – пријателите држи ги блиску до себе, а непријателите уште поблиску. Некни, во интервјуто на Алсат тој го обвини Сашо Мијалков дека со писмото што му го напиша поранешната икона на партијата самиот го растурил пријателството меѓу нив двајцата, а при тоа да не сака ни да се обѕрне на експресното исклучување на поранешниот шеф на УБК од ВМРО-ДПМНЕ и анблок обвинувањата за негово непринципиелно сојузништво со Зоран Заев. Како да може едно понижувачко исклучување да биде примено како лежерен излет на Матка на двајца пријатели.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Основното прашање за Мицкоски е: како се случи една речиси добиена партија одиграна со подземната мрежа на агитирање за бојкот на референдумот наеднаш да се претвори во пораз кој ја фрагментира партијатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Можеби има вистина во тврдењата на Мицкоски за таа наводна коалиција. Можеби тоа ќе се дознае еден ден, а можеби и да нема ништо спектакуларно во тие тврдења. Ова не е прашање како ќе излезе Мијалков од процесите што ги води СЈО против него и за неговото господарење со државата десетина години. Јасно му е секому што правеше Мијалков, каков страв и трепет беше тајната полиција во негово време, па прашањето е - зошто Мицкоски не се дистанцира од тие политики кои беа структурата на авторитарната држава, туку плодовите на гневот ги собра по поразот во Собранието. Објавувајќи дека имал неколкучасовна средба со Никола Груевски – вториот пол од моќните братучеди – за да разговараат за неговиот „политички прогон“ и за иднината што го чека, Мицкоски покажа дека ја одбрал страната меѓу двете големи сили во партијата. (Освен ако Груевски не дошол како посредник да ја смирува кавгата на лидерот со неговиот братучед.) Тука Мицкоски го направил изборот, покажа благодарност кон неговиот ментор, ја омаловажи работата на СЈО и, всушност, ги поддржа сите политики што ВМРО-ДПМНЕ ги водеше десетина година и поради кои партијата сега се фрагментира затоа што не може да се соочи со себеси.

Антизападна етикета

Една партија, не само голема како ВМРО-ДПМНЕ, туку и многу помала, веднаш наоѓа замени за сите оние што си заминале или биле избркани. Така што беше сосема логично местата на Даниела Рангелова и Лука Кржаловски во женското и младинското крило да бидат пополнети за ден-два. Но, таа партија треба да биде загрижена кога за екстремно кусо време врз неа е залепена антизападна етикета, кога нејзините ставови се речиси идентични со соопштенијата на Москва. Тоа што речиси сите од оние што поднесоа оставки, беа разрешени или исклучени како инсајдери зборуваат за реалното оддалечување на раководството од западните демократии, од партнерите во Брисел и Вашингтон, ја прави позицијата на партијата неодржлива не на долг, туку на многу кус рок и тоа најмногу во македонската јавност. А само со еден чекор партијата можеше да има многу добитни карти во рацете – да повикаше на гласање „против“ на референдумот и со тоа да покажаше дека е вистински учесник во демократијата, а не да се обидува да игра некаква претстава на сенки. Разните центри по социјалните мрежи и пајажината што беше сплетена во идејата за бојкот ја поведоа партијата кон маглива стратегија која ја однесе до пораз, внатрешни ломови и безмилосна осуда на секое поинакво мислење. Објаснувањата дека може да има има внатрешни дискусии, но кога Централниот комитет ќе донел некаква одлука сите до еден морале да се придржуваат до неа, е пресликана ситуација од комунистичкото време, кога партијата грубо ги дисциплинираше сите оние кои јавно покажуваа дека мислат поинаку. 

Други колумни од авторот:

Кој пат ќе го отвори помирувањето?

Витезот на темнината

Надница за страв

Таа антизападна етикета се тркала како снежна топка по планина и засега вмровското раководство нема добар план како тоа да го спречи. Потпретседателот Александар Николоски во интервју за телевизиската емисија „Фактор“ на некој начин се обиде да ги сврти на плеќи досегашните тврдења на раководството на партијата. Неговата изјава: „Не можеме да имаме подобар договор со Грција зашто процесот почна и тоа е еднонасочна улица. Ќе мора да живееме со последиците од овој договор“ е целосно спротивна на неговата експликација на конференцијата за иднината на Западен Балкан што ја организираше Европската народна партија во Брисел, кога тој ги убедуваше нивните партнери дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направел подобар договор со Атина кога ќе дојдело на власт. Откако таму се соочи со ѕид на неодобрување и коментари дека тоа е фантазија која е целосно нереална, сега почнува градењето на поинаков наратив. Доколку е искрен тоа може да ѝ помогне на партијата, но доколку е само фасада само за Мицкоски да има нешто поинакво да каже на самитот на ЕПП во Хелсинки наредната недела (и да има кому да му го каже) тоа брзо ќе се врати како бумеранг. Ова е мал почеток за соочување со реалноста и колку и да изгледа важен тој ќе остане само почеток доколку не следат други чекори.

Партиите не се еднаш засекогаш дадени како вредност во едно општество. Може да опстојуваат со децении, а може преку ноќ да почне нивното маргинализирање. ВМРО-ДПМНЕ сама скокна во мрежата на пајакот, тоа е голема структура која по инерција може да постои уште многу години, да доаѓа до работ на бездната, а сепак да не падне (како што се случуваше со СДСМ). За неа ќе биде трагично ако остане на периферијата на политиката, затоа што во некоја ситуација може да се роди и друг политички ентитет кој ќе акумулира важен дел од нејзините гласови. На тоа треба да мисли трустот мозоци во огромната зграда, а не да верува дека воскреснувањето само што не се случило.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар