Судијата насукан, за да се спасат патниците од „Титаник“?
4 јули 2017Два гласа „за“ прифаќање на мерките притвор и еден „против“. Наводно, такво било изјаснувањето, односно „расположението“ на судиите на тричлениот совет, избран да одлучува по предлозите на СЈО за предметот „Титаник“, тврдат за ДВ извори од Кривичниот суд. Но, таквиот епилог бил спречен, бидејќи одбраната на осомничените побарала изземање на Дарко Тодоровски, еден од судиите кој одлучувал по предлозите на СЈО за овој предмет, и кој заедно со уште една судијка, наводно се изјасниле „за“ предложените мерки притвор.
Откако на негово место бил назначен друг судија, резултатот од изјаснувањето повторно бил „2 спрема 1“, но во насока да се прифатат само предлозите за мерки на претпазливост (одземање на пасоши, забрана за издавање на нови, и јавувања во судот). Ни членовите на советот, ни в.д. претседателот на судот, не беа достапни да ги потврдат или демантираат ваквите тврдења на судски извори.
Во случајот „Титаник“, СЈО поднесе обвинителен акт против 20 лица и обвинителен предлог за уште едно лице. За Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер се бараше мерка притвор, a мерки за претпазливост се бараа за вкупно 16 лица.
Штелување на советите?
Од Кривичниот суд се недостапни и за одговор на прашањето: Како одбраната на осомничените имала информација кои судии ќе решаваат за предложените мерки за предметот „Титаник“, штом побарале еден од нив да биде изземен од одлучувањето? Молкот на Кривичниот суд дополнително ги зголемува шпекулациите за протекување на информации во корист на одбраната на осомничените, но и за „штелување“ на составот на советот што одлучувал за тој предмет.
„Иако персоналниот состав на тричлените совети кои одлучуваат треба да биде тајна, адвокатите на осомничените најверојатно имале точна информаци за составот на советот и 'расположението' во него, штом побарале изземање токму на конкретен судијата кој учествува во одлучувањето за 'Титаник'“, велат извори од судот.
„Титаник“ беше капиталниот предмет на СЈО што ги истражуваше изборните измами, во кои е осомничен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници, заради составување на избирачки список по волја на интересите на партијата, за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по ниедна основа не смеат да бидат таму.
Но, сега и одбраната на осомничените посочила причина, поради која судијата Тодоровски не би требало да биде таму - во советот.
„Имајќи предвид дека за судијата Дарко Тодоровски е поведена постапка за разрешување од судската функција на барање на Советот за утврдување на факти пред Судскиот совет на Република Македонија, бараме да се изземе од одлучување на советите на Основниот суд Скопје 1, кои одлучуваат по предлозите за определување на мерки за обезбедување на присуство и мерки за претпазливост, поднесени од страна на СЈО“, се вели во барањето на одбраната испратено до в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев.
Сомнежот околу „аршините“ и состојбите во Кривичниот суд се зголеми и откако бил направен нов распоред за работа на судиите. Оние судии кои со претходниот распоред беа прекомандувани во одделенија за прекршоци и други, повторно се вратени да работат и на кривична материја. Ваквиот пресврт, судски извори го доведуваат во врска со завршената распределба на обвиненијата од СЈО, односно како знак дека „поминала опасноста“ тие предмети да бидат доделени на „неподобни судии“.
В.д претседателот на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, не се согласува со ваквите толкувања.
„Секое поврзување на измената на распоредот за работа на судиите со поднесените обвиненија од страна на СЈО, изнесено во одредени медиуми е израз на непознавање на текот на кривичната постапка и води кон дезинформирање на јавноста“, реагирал тој до некои медиуми.
Не помага странски пасош
СЈО поднесе 17 обвиненија за 18 предмети, во кои беа обвинети 94 физички и 7 правни лица, за случаи поврзани со злоупотреба на службата, злосторничко здружување, даночно затајување, повреда на избирачко право, бесправно градење и други дела. Притвор се бараше за 18, а мерки за претпазливост за 47 лица. Судот досега не изрече ниту една мерка притвор. Со прифатените мерки за претпазливост за предметот „Титаник“, вкупниот број на одземени патни исправи по поднесените 17 обвиненија - достигна до 38. Покрај Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протоѓер и четворица други осомничени во истиот предмет, без пасоши останаа и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа - Милевска, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков, градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, уредниците во ТВ „Сител“ Драган Павловиќ - Латас и Ивона Талевска, и поранешниот помошник министер во МВР, Небојша Стајковиќ.
Обвинетите нема да можат да ја напуштат државата доколку имаат пасош од друга држава, ниту да патуваат со лична карта во соседни држави со кои Македонија има таков договор. МВР веднаш ги внесува во системот решенијата од судот, па лицата за кои се изречени мерки на претпазливост веќе се евидентирани како лица кои не смеат да ја преминат државната граница, без разлика дали поседуваат и други патни исправи.