Супер Марио смее сѐ
17 јуни 2015Највисокиот Европски суд го поддржа најмоќниот човек во Европа. Претседателот на Европската централна банка Марио Драги смее да ги применува речиси сите инструменти на монетарна политика, само ако тоа добро го образложи.
Таквата пресуда беше очекувана, бидејќи се’ останато би ја фрлило Европа во длабока криза на еврото и финансиската политика. Ако судот ги прифатеше претставките, главно на Германците, и на Европската централна банка (ЕЦБ) и’ забранеше купување на државни обврзници од земјите во криза, ќе го уништеше кредибилитетот на таа банка. Финансиските пазари би можеле да почнат со шпекулации против еврозоната, а последици би можеле да бидат неодржливи камати за послабите членки од еврозоната.
Најавата на Драги дека, ако е потребно, на секундарниот пазар ќе откупи државни обрзници во неограничен износ, го имаше саканиот ефект пред три години. Студиите ретроспективно го санкционираа овој последен ас во ракавот на ЕЦБ. Условите кои се поставени за таквиот потег се лабави. Инвеститорите не би требало да бидат во можност да шпекулираат оти ЕЦБ ќе им ги откупи гнилите обрзници. Таканаречената програма ОМТ (Outright Monetary Transaction) предвидува одредени правила кои се однесуваат на времето и квалитетот. Меѓутоа, тие правила ги креира самиот Марио Драги. Европскиот суд предупредува: Драги мора и да се придржува до нив.
Пресудата не го поддржува само купувањето на гнилите државни обрзници, туку повторно ја потврдува целосната независност на ЕЦБ, која не и’ одговора ниту на една друга институција. На владите на државите во криза пресудата им пружа извесност оти ЕЦБ на крајот може да нареди печатење пари и така да ги спаси. Марио Драги и Управниот совет на ЕЦБ одлучуваат за тоа кој и понатаму ќе плива, а кој ќе потоне. Драги секогаш зборуваше дека е мотивиран само од монетарната политика, оти сака стабилно евро и контролирана инфлација, но ЕЦБ одамна води фискална и економска политика, иако тоа не е во нејзин домен. Толку големата концентрација на моќ предизвикува чувство на мачнина. Може ли тоа да биде добро на долги патеки?
Натамошен пад на важноста на германската Бундесбанка
Шефот на Германската централна банка - Бундесбанката, Јенс Вајдман, вели дека Европската централна банка всушност била принудена на тоа, бидејќи политичарите во Европа не го прават она што треба да го прават. Вајдман, и тоа би требало да поттикне на размислување, бил и е против тоа централните банки да купуваат државни обврзници од земјите во криза, дури и ако тоа се работи посредно, преку секундарни пазари. Со пресудата положбата и влијанието на некогаш моќната Бундесбанка се уште поослабени.
Противниците на речиси семоќната ЕЦБ сега можат да се надеваат само уште на помош од германскиот Сојузен уставен суд. Тој, најверојатно во суштина ќе ги следи барањата на судот во Луксембург, а ако и’ забрани на Бундесбанката да учествува во откупување на државни обврзници, тоа би бил конфликт без преседан во рамките на монетарниот систем во еврозоната. Тоа никој не сака да го ризикува.
Кој одлучува за иднината на Грција?
А Грција? Во моменталната криза, пресудата има само индиректни ефекти. Европската централна банка не ја исклучи можноста за откуп на грчки државни обврзници. Тука навистина би станувало збор за забрането директно финансирање на државата, а не за одбрана од шпекулации против земјите во еврозоната, како во летото 2012. година. Грција и онака зависи од семоќната ЕЦБ. Без постојани, итни кредити (ЕЛА) за грчките банки, кои мора да ги одобри Европската централна банка, оваа земја одамна би пропаднала. Колку тоа ќе трае, во целост зависи од Марио Драги, најмоќниот човек во Европа - сега и со печат од највисокиот суд!
Веќе е најавена тужба против неодамнешниот потег на Драги, купувањето државни обврзници од сите добростоечки земји во еврозоната за 60 милијарди евра месечно, т.н. квантитативо попуштање. Мали се шансите за успех пред Европскиот суд, бидејќи со намалување на моќта на Европската централна банка, би се разнишал целиот систем на еврото. Таа во наредните години би можела да биде уште помоќна, бидејќи ќе биде одговорна за надзор на банките и нивните евентуални ликвидации.