„Супер Марио“ не го интересираат критиките од Германија
22 април 2016Во Германија се‘ погласни се критиките против претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, кои одат дотаму што велат-одвај се чека крајот на неговиот мандат во 2019 година. А потоа, смета министерот за финансии на покраината Баварија, Маркус Зедер од ЦСУ, „не можеме да си дозволиме уште еден Драги.“ Тој во интервју за весникот „Билд“ бара: „наследникот на Драги мора да биде некој Германец, кој ќе се чувствува обврзан да се придржува кон стабилност на валутата каква што водеше Германската сојузна банка (за време на германската марка, н.з.).“
Уште потешки критики, па и закани, упати германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во однос на политиката на евтини пари, „која поттикнува скепса кон еврото“ во Германија. Во Германија критиките се најгласни, зашто се има впечаток дека Германија најмногу страда од таквиот однос на ЕЦБ. Едвај да има смисла да се става нешто на штедна книшка, зашто каматите се речиси никакви, нацијата на штедачи веќе не е наградувана за својата доблест. Банките веќе се жалаат дека на овој начин Германците загубија милијарди евра, зашто ни на банките не им оди подобро.
Класичниот извор на приходи на банките - со влоговите од граѓаните да делат кредити и да го финансираат стопанството, практично не функционира, зашто додека ЕЦБ го опсипува пазарот со пари со нула камата, тука нема простор за банките. Уште е полошо кај животните осигурувања и дополнителните пензии од работодавачите, зашто тие зависат од добивката на влоговите во своите благајни. Со други зборови, ако во некоја иднина во Германија има зголемен број сиромашни пензионери, еден од виновниците е и Марио Драги.
„Имаме уште муниција“
И покрај критиките од Германија, ретко некој очекува нешто да се промени во политиката на ЕЦБ. Марио Драги беше јасен дека политиката на поплава од пари ќе продолжи и натаму, тврдејќи дека „нема да има недостиг од муниција“. Се разбира, тоа беше повод за засилување на критиките во Германија, но проблемот е во тоа што мерките на ЕЦБ едвај да имаат дејство. Стопанството во цела низа земји во еврозоната бавно се опоравува, а без оглед на поплавата од пари, изгледа дека не постои ни опасност од инфлација. Навистина, во оваа калкулација помага и моментно исклучително евтината нафта, но инфлацијата е длабоко под одредената граница од 2 проценти.
Секако, евтините пари предизвикуваат и потешки проблеми отколку кај влоговите на штедачите и добивките на фондовите: парите „бегаат“ таму каде има изгледи дека ќе остварат поголема добивка. Во Германија и цените на недвижностите пораснаа до небо, но Драги не го интересира што ќе се случи ако „балонот“ пукне. Зашто, негова главна грижа се се‘ште проблематичните членки на еврозоната, а не силната Германија. Уште неговиот претходник, Жан Клод Трише, водеше поинаква политика-во тоа време пред десетина години токму на Германија во проблемите и‘ требаа поволни кредити, па дури и на сметка на влошување на кризата со недвижности во „слабите“ земји на еврото на југот на Европа.
Помош за Грција или за Германија?
Се вели дека мајката најмногу ги сака своите најслаби деца, а таква е отприлика и политиката која ја води Европската централна банка. Тоа е дефинитивно и проблем на ЕЦБ и вродена мана стекната при раѓањето. Зашто, иако баварскиот министер за финансии бара во 2019 година на чело на ЕЦБ да дојде Германец, изгледите се сосем минимални. Не затоа што меѓу некои земји-членки нема симпатии за желбите на Германија, и цела низа гувернери на националните банки би сакале исто така ЕЦБ малку да го „потстегне појасот.“
Но, многу мали земји од еврозоната стравуваат од доминација на најголемата европска економија во монетарната политика. Во Советот на ЕЦБ важи принципот„еден член - еден глас“, па колку и да е мал членот. Своевремено, директорот на германскиот институт Ифо, Ханс-Вернер Зин предлагаше и во ЕЦБ да важи истиот принцип како на пример во ММФ: нечиј глас е „тежок“ колку и неговото учество во вкупниот волумен на Фондот. Тогаш и тежината на зборот на претседателот на Германската централна банка Јенс Вајдеман во Советот на ЕЦБ би била сосем поинаква. Денес негоиот глас е рамноправен со гласовите на челниците на банките на Кипар или Малта.