1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата со дриблинзи го штити Зврлевски

9 август 2017

Антикорупциската комисија не може да толкува закони од Собранието, велат правни експерти, откако ВМРО-ДПМНЕ побара таа да се изјасни дали постапката за разрешување на Зврлевски е во спротивност со Изборниот законик.

https://p.dw.com/p/2huav
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Нема одмор додека не биде разрешен Марко Зврлевски. Ова е ставот од кој не отстапуваат пратениците од владејачкото мнозинство во парламентот, каде денеска во 11 часот ќе има ново продолжение на седницата на чиј дневен ред е разрешувањето на државниот јавен обвинител. Таа точка веќе се претвори во игра на нерви, и е на добар пат да стане временска „реприза“ на конститутивната седница на парламентот која почна на 27 март, имаше 21 продолжение и заврши на 31 мај 2017 година, со што стана најдолга таква седница во историјата на Собранието. Вовед во сличен заплет е писмото што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го испратија до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за таа да се произнесе дали треба да продолжи постапката за разрешување на јавниот обвинител, откако се распишани локалните избори.

„Седницата на која се расправа за разрешувањето на Јавниот обвинител започната на 05.07.2017 година сѐ уште е во тек, а тоа е во спротивност со член член 8-а став 1 алинеја 4 од Изборниот законик. Според него, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори за градоначалник или членови на советот, односно до конституирање на советот на општините и градот Скопје, не може да се започне со постапка за вработување на нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а воедно започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Очекуваат ДКСК што побрзо да се произнесе дали постапката за разрешувањето на Зврлевски е спротивна на Изборниот законик, а побараа таа точка во  парламентот да се стави во мирување додека да стигне одговор од Комисијата.

„Нека се изјасни Комисијата дали е ова во согласност со законот. Ако е - ќе продолжиме, ако не е - нема да продолжиме. Овие 2-3 дена може да се искористат за други поважни теми“, рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, со оглед дека членовите на ДКСК се на колективен годишен одмор, извесно е дека одговор од таму нема да стигне „за 2-3 дена“.

Собранието може да го толкува законот 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неколку наврати потенцираше дека парламентот работи по Устав и Деловник, и дека испратеното барање до ДКСК не е пречка за негова работа. Од СДСМ, пак, ја потсетија опозицијата дека ДКСК е формирана од Собранието и дека нема правна логика Собранието од таа Комисија да бара толкување за сопствените ингеренции. На таква нелогичност укажуваат и правници.

„Што се однесува до иницијативата за ова прашање да се произнесе ДКСК, сметам дека за такво нешто нема никаква основа, имајќи предвид дека ова не е прашање кое е регулирано со Законот за спречување на корупцијата, ниту пак ДКСК има таква позиција кон Собранието. Се разбира, автентично толкување на Изборниот законик може да дава само Собранието, како негов донесувач“, вели Драган Малиновски, поранешен член на ДКСК.

Dragan Malinovski Anwalt in Mazedonien
Драган МалиновскиФотографија: DW/K. Blazevska

Тој смета дека забраната за нови вработувања и разрешувања во државните и јавните институции (од членот 8-а став 1 алинеа 4 од Изборниот законик) не би можела да се однесува на постапката за промена на Јавниот обвинител на РМ, поради повеќе причини.

„Интенцијата на споменатата одредба, пред сѐ, е во спречување на нови вработувања во предизборен период, односно да се спречи власта да стекнува определена предност преку можноста да вработува нови лица - потенцијални гласачки контингенти. И обратно, да ги отпушта од работен однос постојните вработени. Тоа значи дека предмет на регулација на таа одредба е работниот однос. Во случајов немаме таква ситуација, бидејќи работниот однос на постојниот државен јавен обвинител не е загрозен. Членот 46 став 2 од Законот за јавно обвинителство предвидува дека јавниот обвинител на РМ, кој е именуван од редот на избраните јавни обвинители и кој нема да биде повторно именуван, продолжува да ја врши функцијата на јавен обвинител во истото Јавно обвинителство. Тоа значи дека, доколку Марко Зврлевски биде разрешен од функцијата јавен обвинител на РМ, неговиот работен однос нема да му престане, туку ќе продолжи да работи во тоа јавно обвинителство“, објаснува Малиновски.

Според него, не е спорна ниту постапката за именување на нов јавен обвинител на РМ, бидејќи на конкурсот можат да се пријават и јавни обвинители, кои се во работен однос во Обвинителството, така што нема да има и ново вработување.

„Во членот 8-а став 1 алинеа 4 од Изборниот законик е предвиден и исклучок од забраната, во ситуација на итност и неодложна потреба, а изборот на првиот човек на обвинителството секако дека не трпи одлагање“, потенцира поранешниот член на ДКСК.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien
Марко ЗврлевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спречи реформите

Од СДСМ во постапките на ВМРО-ДПМНЕ препознаваат само намера по секоја цена да се блокираат реформите, во надеж дека ќе го одложат соочувањето со правдата.

„Со бесмислените паузи, со нелогични барања за одложување седници и со реплицирање помеѓу себе, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ очајнички се обидуваат да го одложат разрешувањето на Марко Зврлевски, заштитникот на најголемиот криминал во изминатите 11 години. Во таа насока е и апсурдното барање на ВМРО-ДПМНЕ, точката за разрешување на Зврлевски да се одложи по локалните избори. Лага е тврдењето дека разрешувањето на Јавниот обвинител е незаконско. Процедурата за разрешување на Зврлевски е во целост законска и транспарентна.

„Никаква опструкција од ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спречи реформите во судството, кои почнуваат со разрешувањето на Зврлевски“, порача пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.

Во обраќањето пред пратениците минатиот месец, Зврлевски рече дека е свесен оти и со него ќе се случи истото што им се случило на сите негови претходници кои биле разрешени поради нестручност и неспособност. Тврдеше дека немал врска со политиката ниту партиски старешини, и дека со неговото разрешување ниту ќе почнат реформите ниту ќе се врати довербата во судството или јавното обвинителство.