Сѐ повеќе Македонци учат германски јазик
5 септември 2019Според македонскиот Државен завод за статистика на почетокот на учебната 2017/2018 година имало 382 наставници во основното и 136 во средното образование кои предаваат германски јазик. Истата година, вкупно 46.960 основци и 19.262 средношколци го учеле германскиот како втор странски јазик. Податоците покажуваат дека по англискиот, кој сè уште доминира, втор најизучуван јазик е германскиот.
И Гете-институтот во Скопје, кој е одговорен за координација на Западен Балкан, од 2016 па досега бележи сѐ повеќе студенти заинтересирани за изучување на германскиот јазик, но и за полагање на испитот за степенот на познавање на јазикот кој им ги отвора вратите за студирање, работа или спојување со семејството во Германија.
Тања Кригер, директор и раководител на јазичниот оддел во Гете-институт во Скопје, во врска со мотивите за учење германски јазик истакнува:„Ние редовно спроведуваме прашалници, конкретно не го поставуваме тоа прашање, зошто учат германски јазик, но можам да дадам неофицијални изјави. Најпрво, германскиот јазик е многу интересен. Покрај латинскиот јазик, германскиот е важен јазик за да се изучуваат и други јазици. Исто така има голем интерес и за германската култура и тоа е друга причина да се изучува германскиот јазик кај нас. Секако дека имаме слушатели кои сакаат да студираат во Германија или сакаат да одат во Германија и таму да живеат.“
Но не само дома, Македонците покажуваат голем интерес, но иуспех во изучувањето на германскиот јазик и кога ќе стигнат во Германија.