1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ поголем број натурализирани Германци со два пасошa

ЖА / агенции
10 август 2018

Исклучоците за ЕУ-граѓаните и бегалците во последните години доведоа до тоа зголемен број луѓе по стекнувањето со германско државјанство, да го задржуваат и својот стар пасош.

https://p.dw.com/p/32wcK
Symbolbild Doppelpass / doppelte Staatsbürgerschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Bockwoldt

Шест од десет луѓе кои се стекнуваат со германско државјанство во последниве години го задржуваат и своето претходно државјанство, според Сојузната служба за статистика. Ниеден Сириец, Авганистанец, Мароканец или Нигериец лани не се откажал од старото државјанство, пишува весникот „Ди велт“ во денешното издание, повикувајќи се на статистичката служба. Според овие податоци, 68.918 од вкупно 112.211 натурализирани Германци, си го зачувале својот претходен пасош, а уделот на двојно државјанство никогаш досега не доживеал толкав пораст.

Добивањето германско државјанство претставува чин со трајни последици, тоа останува доживотно, луѓето на таков начин веќе немаат статус на странци, без оглед дали егзистира и нивното претходно државјанство. Во Германија постојат исклучоци при натурализирањето на граѓани од ЕУ-државите. За разлика од другите, тие имаат право на двојно државјанство, што лани го искористиле 99 проценти од речиси 39.000 „новопечени“ Германци. Освен тоа, не се бара отпис од претходното државјанство и за лицата кои стекнале статус на азиланти и оние на кои им е признат статус на бегалци, како што истакнува Сојузната централа за политичко образование, врз основа на регулативата добиена од Министерството за внатрешни работи.

Повеќе: 

Еднаш Турчин, секогаш Турчин?

Германија: Двојното државјанство на удар

Зе темата двојно или мулти-државјанство во Германија често интензивно се дискутира. Противниците сметаат дека оние кои поседуваат два пасоша, подлежат на конфликт на лојалност. Понатаму, тие тврдат дека двојното државјанство ја поткопува интеграцијата во земјата, зашто ги спречува доселениците целосно да се адаптираат во новата татковина. Заговорниците на двојното државјанство имаат сосема спротивна аргументација: двојните врски, според нив, ја засилуваат интеграцијата, тоа служи како средство за зголемување на бројот на нови државјани во Германија. Последново добива потврда и со резултатите на истражувањата на социолозите: обврската за откажување од претходното државјанство долго се смета како пречка за барање германско државјанство.

Од 2014. година е воведена значајна измена: дотогаш децата родени во Германија, кои го „наследиле“ државјанството на родителите-странци, мораа да се одлучат за еден пасош со наполнувањето 18 години. Оваа опција во 2014. година беше укината, ако децата израснале во Германија. Во оваа година бројот на нови државјани кои го задржале стариот пасош порасна за четири проценти. 

Околу 4,3 милиони Германци имаат најмалку уште едно државјанство. Иако најчесто во фокусот на јавноста се наоѓаат германските Турци, тие се трета по големина група со двојно државјанство со 530.000 лица со два пасоша. На прво место се Полјаците - 690.000 и околу 570.000 германско-руски државјани.