СЈО го внесе судот во „портокалова фаза“
29 јуни 2017Обвиненија, мерки за притвор, мерки за претпазливост... Со ваквиот учинок на СЈО, „портокаловата фаза“ во временските услови се прошири и на судски терен. Сите предмети треба да се процесуираат по итна постапка, а судот во рок од 24 часа да почне да решава за нив. Пакетот обвиненија од СЈО станаа најжешката тема во јавноста. Ќе има ли притвор за високи партиски функционери?
Адвокатот Александар Новаковски вели дека според доказите што СЈО ќе ги приложи, ќе се види дали тие обвиненија се основани, односно дали се прибрани релевантни докази за да може да бидат прифатени од страна на судот.
„Имајќи го предвид новиот Закон за кривична постапка, јавноста само на суд ќе дознае како СЈО си ја сработило досега работата. Со оглед на она што се случуваше во последните две и пол години, овие судења ќе бидат под голем мониторинг од јавноста, медиумите и од експертската јавност. СЈО ќе биде пред голем предизвик, бидејќи пред судовите јавно ќе ја презентира досегашната работа. Сега нема враќање назад. Може да има и одбивање на мерки притвор и други мерки, но сепак сите осомничени на суд ќе ја дадат својата одбрана. За некои предмети кои беа најавувани од СЈО на прес-конференции досега не беше побаран притвор, па се надевам дека сега има докази кои не се достапни за јавноста, а се причина за барање на ваква мерка“, вели Новаковски.
Многу блокади
СЈО соопшти дека поднесува 17 обвиненија за 18 предмети, но не и за предметот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителката Катица Јанева рече дека „не може некој да спроведе истрага за 1 месец за друг кој нелегално финансирал кампањи осум години“.
„Тогаш зошто го отворија случајот, ако знаеја за рокот, односно дека има ризик да не ги завршат сите процесни постапки?“ - е најчестото прашање по денешната прес-конференција. Според правни експерти, иако кривичното дело „перење пари“ не застарува, сепак останува „дамка“ што СЈО не стигна да подигне обвинение, иако во стручни кругови постои и разбирање за ваквиот епилог.
„Ако обвинителот дојде до сознание дека одреден настан е инкриминиран, тој е должен по принцип на легалитет да се впушти во кривично гонење. Не е грешка да доцните, туку ако не гоните“, вели поранешниот републички јавен обвинител, Стеван Павлевски.
Тој потенцира дека СЈО било доведено во една непријатна ситуација со рокот за поднесување обвиненија, како законска пречка.
„Втората пречка е институционалната, односно блокадата кон СЈО во смисла да не им се одговара ажурно, да не им се даваат податоци, но и прашања од процесен карактер, кои како што слушнавме, биле злоупотребувани од некои бранители на обвинетите. Во такви услови, СЈО она што го имаше на располагање го искористи максимално. Кога нештата се решаваат со рокови тие и за 'обичните' луѓе претставуваат товар и пречка, а не пак во вакви случаи кога цела јавност со внимание го набљудува работењето на СЈО“, вели Павлевски.
Погрешна проценка
Сепак, голем број правници кои ги консултираше ДВ, сметаат дека во овој случај е направена „погрешна проценка“, со оглед дека СЈО не стигнало да изврши распит на неколку лица, меѓу кои и на првоосомничениот. Поранешниот претседател на Апелацискиот суд, Јордан Митриновски, потсетува дека процесното право има принципи кои мора да се испочитуваат. Според член 302 став 1 од Законот за кривична постапка, пред завршувањето на истрагата сите осомничени треба да бидат испрашани, а во спротивно тоа ќе биде искористено како жалбен адут за повреда на нивното право.
„Требало да се направи подобра проценка за сите потребни процесни дејства, со цел да се запазат роковите и правата на одбраната, но и интересот на постапката - една целосообразна истрага што ќе даде резултати. Не ја знаеме динамиката на работа во СЈО, но сигурно биле преоптоварени. Но, за овој предмет сигурно им биле потребни попрецизни подготовки и проценки, за се да завршат навреме. Особено што 'Талир' се смета за капитален предмет, прв за кривичното дело 'перење пари' и требаше да се ефектуира со обвинение. Можеби требало да ги засилат ресурсите за работа на овој предмет ако увиделе дека нема да стигнат во рокот. Од тој аспект, не е мала грешка на СЈО ако направило погрешна проценка за времето што им било на рсполагање“, вели Митриновски.
Оправдана довербата
И покрај одредени забелешки, според досегашната работа на СЈО, генерално се смета дека оваа институција ја покажала целисходноста од нејзиното воспоставување, довербата, оправданоста на вложените средства и заложбите на политичките чинители во земјата и поддржувачите од меѓународната зааедница.
„Иако индициите за делата беа многу јасни врз основа на објавените снимки од разговори на лицата што се предмет на правен прогон, правната постапка за обезбедување на цврсти докази е многу сложена и тешка и бара подолг период за работа“, вели професорот Ненад Новковски.
„Предметот на работа на СЈО е изразено широк и поради тоа е јасно дека морало да бидат направени строго подредени приоритетни листи, со цел да се постигнат резултати во делот каде што е најзначајна улогата на СЈО во гонењето на делата што нашиот правен систем во другиот дел не беше во состојба да го земе врз себе. Описот на поднесените пријави и барањата за притвор укажува дека за првпат е направен голем исчекор во владеењето на правото до таму што нема да може повеќе никогаш врвните политички водства да влијаат врз запирањето на правосудните постапки, коишто се од огромно значење за зацврстување на владеењето на правото. Со ова, Македонија се доближува за голем чекор поблизу до европските нации според почитувањето на вредностите на системот“, оценува Новковски.
Смета дека со ова се реафирмираат основните заложби за изградба на општествено уредување засновано во прв ред на владеењето на правото и човековите слободи, коишто беа темел за основањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Очекувам оваа партија да ги поздрави изнесените постигања на СЈО и да даде безрезервна поддршка за понатамошните активности на правосудниот систем во насока на зајакнување на владеењето на правото, како и да покаже максимална кооперативност со државните институции на овој план“, вели Новковски.
Од партијата со најголем број функционери засегнати од истрагите на СЈО, до 15 часот се уште немаше официјална реакција.