1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО го чека извештајот на „Маѓар телеком“

27 октомври 2016

Извештајот од внатрешната истрага во „Македонски Телеком“ треба да помогне во истрагата на СЈО за незаконско прислушкување. Комисијата за надзор на работата на УБК пред месеци го побарала овој извештај, но не го добила.

https://p.dw.com/p/2Rl6f
T Mobile Netz Störung
Фотографија: AP

И експертот од „Ериксон“, но и извештајот од внатрешната истрага што компанијата - мајка „Маѓар Телеком“ ја спроведе во „Македонски Телеком“, треба да помогнат во добивањето на податоците кои Специјалното јавно обвинителство со судски наредби ги побара од УБК.

Повод за внатрешната истрага беа сомнежите околу улогата на „Македонски телеком“ во аферата со незаконското прислушкување што ја обелодени лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, односно, укажувањата дека масовно прислушкување на повеќе од 20.000 граѓани не можело да се одвива без дозвола и знаење од мобилните оператори во Македонија.

Елпида Тризи од одделот за корпоративни комукации на „Дојче телеком“ уште во март годинава за Дојче веле потврди дека „Маѓар Телеком“ ја завршил внатрешната истрага со поддршка на надворешни експерти, но дека добиените сознанија нема да се коментираат во јавност.

„Не ги коментираме во јавност нашите интерни наоди, но како и во сите други случаи, во целост соработуваме со локалните власти, според потребите“, изјави Тризи за ДВ. 

Bundespolizeiinspektion (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Несовпаѓање на налозите за ПИМ

Од СЈО велат дека се уште не се запознати со наодите од истрагата на „Маѓар телеком“. Тие пред извесно време го побарале извештајот и очекуваат да го добијат. Одговор досега не доби ни собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање. Нејзиниот претседател, Хари Локвенец, врз основа на надлежностите што ги има Комисијата, пред неколку месеци испратил барање до „Македонски Телеком“ да им го достават интегрираниот ревизорски извештај од истрагата.

„Од 'Македонски Телеком' бев прашан врз која основа е испратено барањето. Ја објаснив надлежноста на Комисијата за надзор врз двете институции, но и на оние што се поврзани со нивното работење. Потоа добив второ писмо од 'Македонски Телеком', со одговор дека не сметаат оти е потребно да и го достават извештајот на Комисијата, и покрај безбедносните сертификати со кои располагаме сите членови“, вели Локвенец.

Денеска изминува точно една година од последната посета на оваа Комисија во УБК, по која Локвенец на прес-конференција соопшти клучен податок: дека бројот на издадените судски наредби објавен од Јавното обвинителство во Извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2014 година, не соодветствува со бројот на судските наредби за 2014 година евидентирани во УБК.

„Бројот на прикажани судски наредби во УБК е поголем од оној кој е даден од Јавното обвинителство на РМ. Како е можно тоа? Овие факти отворија прашања кои мора да бидат одговорени во интерес на граѓаните на Република Македонија, рече Локвенец.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Телеком нема пристап до опремата

И една година подоцна, се уште е без одговор прашањето зошто бројот на судските наредби за ПИМ не се совпаѓаат со квантумот на следени комуникации од страна на УБК. 

Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, според негови информации од извори од внатрешната истрага во „Телеком“, вели дека се покажало оти прислушувањето било иницирано од Министерството за внатрешни работи. Таква изјава тој јавно даде и минатата година.

„Системот за прислушување е така поставен што бројот се внесува во УБК, а тој само се регистрира во системот на операторот. Операторот не го интересира дали врз лицето кое е предмет на прислушување постапката се спроведува законски или незаконски, бидејќи законот не предвидува одговорност за операторот. Негова должност е само да набави систем компатибилен со оној на МВР. Но, може да провери од која адреса било иницирано прислушувањето. Истрагата во 'Македонски Телеком' покажала дека броевите биле внесени од МВР“, изјави Трајанов.

Од Телеком не ги коментираа ваквите тврдења. Вчера на прашање на ТВ „Телма“ - дали во компанијата е системот „Ериксон“ и како е регулирана сопственоста, од Телеком го дадоа следниот одговор: „Откако е набавена опремата за следење на комуникациите и предадена на МВР, 'Македонски Телеком' нема пристап до истата, ниту пак е запознаен како функционира и како се користи“.

Од таму потврдуваат дека извештајот од интерната истрага е завршен, но дека „неговото обелоденување на надлежни државни органи се врши во согласност со закон“. Првата адреса на која со голем интерес се очекува тој да стигне - е СЈО