1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО: Таргет на УБК биле сите, освен Никола Груевски

БГ
18 ноември 2016

Специјалното јавно обвинителство во рамките на случајот „Таргет“ утврди дека севкупното незаконско прислушување во периодот од 2008 до 2015 година го вршела Управата за безбедност и контраразузнавање

https://p.dw.com/p/2Ssqk
Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

Специјалното јавно обвинителство има докази дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери, а дел од пониските ешалони, се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Сите се сомничат за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Двајцата првоосомничени, првиот поранешен раководител, а вториот- негов заменик, практично ја диригарале целата операција на незаконско прислушување, а честопати и самите додавале телефонски броеви за кои немале судски налог и ги слушале разговорите на политичари, бизнисмени, новинари и други лица.

„Преку системите за следење на комуникациите од 2008 до 2015 незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без издадени судски наредби“, рече обвинителката Фатиме Фетаи. Се следело и пред да се издаде наредба и по нејзиното завршување, а такви случаи, според СЈО, има најмалку 1.541.

Вкупниот број на телефонски броеви кои биле следени во истиот период е над 20 илјади, и во него се вклучени и броеви на лица кои не биле цел на незаконско следење туку разговарале со следените лица.

Прислушувана речиси целата Влада

Обвинителката Ленче Ристоска соопшти дека меѓу следените, на удар особено биле и тогаш актуелни министри и функционери од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Па така, телефонот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска бил незаконски прислушуван повеќе од 700 денови. Трите телефони на поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески над 800 денови, телефонот на Али Ахмети бил прислушуван повеќе од 1.000 денови, на Мендух Тачи- над 1.200 денови, на Муса Џафери исто така. 

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Прислушувана била речиси целата влада со години, освен ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanov

Единствено не бил следен телефонот на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Прислушувани биле и телефони на бизнисмени, на пример Хари Костов бил незаконски следен најмалку 732 дена. Новинарите Борјан Јовановски, Мери Јордановска и Горан Михајловски биле незаконски прислушувани со години и тие веќе најавиле дека ќе поднесат барање за оштета.

Од кажаното на прес-конференцијата произлегува дека поранешниот раководител на УБК многу често на своја рака и без судски налог внесувал телефонски броеви во системот за прислушување и ги слушал нивните разговори.

„Првоосомничениот кој бил на раководна позиција, иако немал право, слушал телефонски разговори за кои не биле издадени истражни мерки, а давал и наредби за внесување телефонски броеви за лица кои биле во блиски односи со него, како и на политичари, бизнисмени и други лица“, рече Фетаи. Во делата му помагал второосомничениот, кој освен што учествувал во организацијата бил запознаен и со сите кориснички имиња и лозинки за користење на системот.

Прислушувањето продолжило и во 2016

Незаконското следење на комуникацијата продолжила и по објавувањето на аферата со прислушувањето од страна на лидерот на опозицијата Зоран Заев, но и во текот на 2016 година, велат од СЈО.

Во периодот од 2008 до 2015 година, УБК користела три различни системи за прислушување. Два од нив, во меѓувреме, се уништени, и за таквата незаконска постапка на УБК се води и посебен предмет под име „Тврдина“.

Од СЈО соопштија и како доказите за незаконското прислушување стигнале до рацете на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Лице кое било вработено во УБК и кое било сведок на незаконското прислушување ги евидентирало сите такви случаи, а доказите ги предало на друго лице- исто така вработено во УБК, и тоа лице потоа му ги предало доказите на Заев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема