1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО влезе во „империјата“ на Камчев и Мијалков

БГ
9 ноември 2018

Меѓу петтемина уапсени е Јордан Камчев, но според информациите, листата на уапсени до вечер ќе се шири. Осомничените се гонат за серија кривични дела поврзани со злосторничко здружување, измами и перење пари

https://p.dw.com/p/37xaD
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалното јавно обвинителство гони 13 лица во истрагата под кодно име „Империја“ за кои постои основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. 

Меѓу осомничените се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Од утрово со асистенција на МВР биле извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица.

Според информации на ДВ, меѓу приведените се Јордан Камчев, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески и Тодор Мирчевски и уште едно лице, но се очекува во текот на денот листата на приведени да се шири. Од компанијата на Камчев „Орка холдинг“ во меѓувреме демантираа дека нивниот сопственик е меѓу приведените во акцијата. 

Од СЈО тврдат дека се обезбедени доволно докази од кои произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

Од СЈО најавуваат дека наскоро ќе ја прошират истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а за досега осомничените ќе се бара замрзнување на нивниот имот.

Најзвучни имиња меѓу осомничените се сопственикот на „Орка холдинг“ Јордан Камчев и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков.

Во фирмите на Камчев уште рано утрово влегле службеници на СЈО и МВР и бил извршен претрес на повеќе места. Во рамки на истата истрага, обвинители и полицајци денеска вршеле претрес и во компанијата „Пелистерка“ која е во сопственост на Дејан Панделески.