Тактиката на Вучиќ: Исплаши, па владеј!
31 март 2017Прво, оној дел на Србија кој има петтооктомвриска траума, затоа што со губењето на привилегиите стекнати под Милошевиќ е истуркан на губитничката страна, таа своја траума ја препознава под кодното име ДОС. Вучиќ ја дели таквата траума, па од неговата уста ДОС звучи како пцовка или клетва. Но тој дел на Србија е видно засилен со оние граѓани кои својата траума ја стекнаа во транзициона Србија, во земјата која по убиството на Ѓинѓиќ доби делумно реакционерни црти за време на доминацијата на Коштуница, или се претвори во проевропско позирање со клептократско самопослужување во време на Тадиќевата апсолутна власт. Тие луѓе имаат шестооктомвриска траума.
Токму синтезата на двата трауматизирани блока избирачи е тајната на успехот на Вучиќ. Притоа не е важно што некои „досманлии“, како што со потсмев ги нарекуваа радикалите, сега се перјаница на власта на Вучиќ. Ниту пак што актуелните кандидати не се единствени околу ништо. Заедничкиот именител на Јеремиќ, Бели, Шешељ и Јанковиќ е што немаат заеднички именител. Затоа паролата која го содржи кодното име ДОС всушност е вешто обновување на трауматичното сеќавање, а Вучиќ се појавува како гарант дека траумата нема да се повтори. Иако реална опасност од повторување на траумата и не постои.
Вториот страв кој Вучиќ го проектира на Србија се изјавите за различни „сценарија“ - од украинско до македонско. Него, Вучиќ, ете, сакале да го соборат неименувани демонски сили според криптографско сценарио напишано таму некаде далеку. Александар Вучиќ со тоа го поместува петтооктомврискиот страв во правец на анонимно шпионско роварење и светски заговор протв Србија. Премиерот наизменично се кара со некои „амбасади“ и „нив“. И, овој страв вообичаено се вгнездува во две групи луѓе: во оние кои имаат антизападен рефлекс, затоа што никогаш не се инсинуира роварење од некоја источна амбасада, и оние кои се плашат од лоши магии, вудуа и подли намери на големите сили, накусо - од хаос. Вучиќ потоа ќе ја изговори магичната мантра за стабилност. Тој е пречката за таа злонамерна банда која би сакала да ја расчеречи Србија. Вучиќ, така да се каже, е врховен стабилизатор.
Третиот страв, имплантиран во идеологијата на Вучиќ, е автовиктимизацијата. И кога ги кара другите, премиерот кука дека е жртва. На пример, повторува дека е сам против десетмина, но дека во нерамноправната тепачка ќе победи. Сам против сите. Како осамен каубоец кој јава во пресрет на сонцето кое заоѓа. Овој херојски наратив, се разбира, на ниво на факти е потполна бесмислица. Вучиќ е претседателски кандидат на коалиција која на претходните избори освои шеесетина одсто од гласовите. Така тој со своите партиски дивизии стои сам наспроти расцепканата опозиција, која освен Бели, не е во состојба да развие ниту ефикасна герилска тактика за борба против Вучиќевата економска, политичка и медиумска надмоќ. А не пак, како што тоа премиерот го сугерира, да го опколи храбриот каубоец од сите страни и да почне да го „средува“. Со поза на жртва можат да се поистоветат многумина. Сите кои се повеќепати политички трауматизирани и разочарани, сите кафеански филозофи уверени во светски заговор против Србија, но, за чудо, и многумина кои се фактички жртви на неолибералната идеологија на Вучиќ.
Вучиќ не може поинаку, тој мора да произведе масовен опсаден менталитет. Само така ќе се чувствува корисен, дури и незаменлив. Оттука вештото затегање на избирачките синапси, оттука и постојаниот предизборен стрес, избори во двегодишен такт за кои никој не знае зошто се распишани. Во нормални околности такви политичари би изгледале хистерично и егомански. Затоа нужно се произведуваат вонредни околности. Политичките опоненти се прогласуваат за непријатели, а критичките новинари за лажговци. Вучиќ се инсценира како гарант дека тие исконструирани авети кои самиот ги оцртува - „досманлии“, странски платеници, непријатели, лажговци и жолти патки - ќе останат во подрум.
Четвртиот страв кој Вучиќ капиларно го шири низ Србија има многу реална основа. Тоа е стравот за работното место, за близината до казанот, да се преживее. Неговата партија ги тера луѓето да остават матичен број и да потпишат дека ќе гласаат за претседателскиот кандидат АВ. Неговите директори киднапираат автобуси за да ја превезуваат партиската војска на положба. Разговараат со колебливците за тоа за кого ќе гласаат. Споменуваат систематизација која, ете, се завршува токму во пресрет на изборите. Па, некој ќе биде технолошки вишок. Од граѓаните се бара со камери од мобилните телефони да го фотографираат своето гласачко ливче со заокружена добитна комбинација. Сето тоа говори дека Вучиќ оди на сигурно. Или луѓето ќе се плашат од непријателите кои АВ им ги црта на ѕидот, или ќе се плашат од него. Тешко е да се остане паметен меѓу два огна.
Е, а бидејќи дури ни АВ не може сѐ сам, му асистираат итреци од типот на Ивица Дачиќ. Нив двајца ги поврзува заедничко минато, само што во деведесеттите Дачиќ беше поблиску до епицентарот на насилниот систем на Милошевиќ, додека АВ беше млад „четник-почетник“. Но, Дачиќ со вродениот политички инстинкт знае каде му е местото. Во 2008 година се фати за здолништето на Тадиќ, а од 2012 година се приклони кон старорежимското јато кое е преоблечено во европско руво.
„Србија не смее да им дозволи втора шанса на фронцлите (ресите, н.з.) на ДОС, кои овојпат би ја дотолчиле“, рече шефот на српските социјалисти на привремена работа како министер за надворешни работи.
Значи, иста приказна, иста закана со обновување на петтооктомвриската и транзициската траума. Само што Дачиќ во напад на амнезија заборава дека тој лично не беше само Милошевиќева ресичка, туку и Тадиќева реса.
Речникот на Дачиќ укажува на шармантната склоност кон германизми, зашто српскиот збор за „фронцла“ има корен во германскиот збор „franse“ - реса.
Ако Александар Вучиќ во момент на опуштање помисли дека отсега, па засекогаш, Дачиќ ќе биде негова лична реса, нека се замисли над фактот дека распеаниот национален социјалист политички надживеа неколку српски владетели кои мислеа дека ќе владеат вечно.
На крајот, АВ исто така би требало да има на ум дека константната манипулација со човечките стравови може да изроди само стравовладеење. А, тоа обично не завршува добро ниту за исплашениот народ, ниту пак за стравовладетелот.