1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери ќе ги дисциплинира пратениците

ДТЗ
22 јули 2022

Дел од пратениците денеска се потпишаа, но не влегоа на седница. Доколку не се обезбеди кворум за работа, собранискиот спикер најави дека ќе свика седница за распуштање на Собранието.

https://p.dw.com/p/4EWSl
Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Претседателот на Собранието,Талат Џафери, ја прекина денешната собраниска седница и ги повика на итна средба лидерите на владејачките политички партии застапени во Собранието, откако не можеше да се обезбеди кворум за работа. Тој им наложи на пратениците да ги откажат сите службени и приватни патувања на пратениците, кои не се неопходни,  во текот на јули со цел непречено работење на Собранието. Доколку не се создадат услови за работа, тој најави дека ќе свика седница за распуштање на Собранието.

На денешната седница во парламентот на списокот за присутни пратеници беа потпишани 85 пратеници, а во салата беа присутни 58 пратеници. Претседателот Џафери од пленарната сала ги повика пратениците да влезат во сала, за да може пленумот да продолжи со работа, при што, поради немање кворум, мораше да ја прекине седницата. 

„Ова јасно ни кажува за пратениците и за ставот кој го имаат. Некои мислат дека ова е нивен имот и со нивниот имот можат да се однесуваат како сакаат, но ова не е наш имот како пратеници“, нагласи Џафери.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
На денешната седница во парламентот на списокот за присутни пратеници беа потпишани 85 пратеници, а во салата беа присутни 58.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според собранискиот спикер, би било коректно тие кои не сакаат да доаѓаат во Собранието и да бидат дел од работата на оваа институција, до него да поднесат барање за седница за распуштање на Собранието.

„Доколку тие не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието да се знае која е главната цел за нас, 120 пратеници. Во овие моменти Собранието треба да биде функционира без разлика дали му се допаѓа на некој тоа или не. Ова е демократија, а уцените не се дел од демократијата. Кој не сака да биде дел од мнозинството треба да каже дека од денеска не е мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака“, рече Џафери, повикувајќи ги на средба претседатели на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, и претставниците на помалите партии во парламентот.

На средбата, тој им порачал дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, тие треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала.