1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Танап - поголема независност од рускиот гас

Сенада Соколу/Ж. Ацеска2 април 2015

Турција сака да си овозможи поголем маневарски простор во енергетската политика преку Трансанадолскиот гасовод, Танап. Преку него и ЕУ може да ја намали својата зависност од рускиот гас.

https://p.dw.com/p/1F1fL
Фотографија: A. Burton/Getty Images

Барањето алтернативи на рускиот гас се врши со полна пареа. Притоа, шефовите на влади на западните држави во Турција открија нов партнер. Откако претседателите на Турција, Азербејџан и Грузија пред околу две недели го означија почетокот на 1850 километри долгиот гасовод, сега погледот се врти кон Босфорот. Трансанадолскиот гасовод, Танап, треба да чини над девет милијарди евра. Од 2018 година во Турција треба да стигнуваат 16 милијарди кубни метри гас годишно. Гасот стигнува од едно од најголемите наоѓалишта во светот, од Азербејџан. Во 2023 година низ гасоводот треба да стигнуваат 23 милијарди кубни метри гас, а три години подоцна се планирани 31 милијарда кубни метри гас.

Танап треба да биде поврзан со Трансјадранскиот гасовод. На овој начин во 2020 година гасот ќе стигне и до ЕУ. „Сакаме Турција да ја направиме регионална енергетска крстосница“, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Фактички, Танап е шанса за ЕУ да стане понезависна од рускиот гас. Уште на 11 март, кратко пред официјалниот почеток на изградбата на Танап, Европската комисија изрази желба да склучи енергетско-политичко партнерство со Турција.

Erdogan und die Präsidenten von Aserbaidschan und Georgien
Претседателите на Турција, Азербејџан и ГрузијаФотографија: picture alliance/Turkish Presidental Press Office

Гасовод со потенцијал

„Танап е перјаницата на меѓународните гасоводни проекти, зашто првпат од каспискиот регион преку Турција на пазарот на ЕУ ќе биде транспортирана поголемo количество гас“, вели Мехмет Огутку, претседател на Босфорскиот енергетски клуб. Самата ЕУ меѓутоа годишно има потреба од повеќе од 250 милијарди кубни метри гас. „Затоа, Танап може да покрива само мал дел од вкупните европски потреби од гас“, вели Огутку. Но, Танап може да биде можност во иднина да бидат приклучени други гасни резерви од Азербејџан, Иран, Туркменистан, автономната област Курдистан во Ирак и источниот Медитеран.

Русија останува значајна

Од турски и европски агол, Танап е проект кој навистина може да ја диверзифицира силната зависност од рускиот увоз на гас, истакнува Неџет Памир, кој во опозиционата Републиканска народна партија е одговорен за енергетски прашања. Освен тоа, цената на гасот од Азербејџан е поповолна отколку на рускиот гас, подвлекува Памир. „Во споредба со пропаднатиот проект Набуко, може да се каже дека Турција преку Танап ќе добие повеќе гас.“ Набуко треба да донесе гас од турската граница до Австрија. „Кај Танап се предвидени годишно шест милијарди кубни метри гас, додека кај Набуко беа планирани само 2,5. Тоа ќе ја намали турската зависност од рускиот гас“, вели Памир. Моментно Турција околу 60 проценти од своите потреби задоволува со увоз на руски гас.

Kaspisches Meer Satelittenbild
Во Каспиското Море се наоѓаат големи резерви земен гасФотографија: NASA/public domain

Но, Русија поседува 17 проценти од вкупните светски резерви на гас - во 2013 година земјата извезе над 160 милијарди кубни метри земен гас во ЕУ. „Тешко е азербејџанскиот гас да се споредува со вакви гигантски капацитети. И географските предности се на страната на Русија. Транспортните трошоци на гасот во правец на Европа се релативно високи. Значи, мора да си признаеме дека Русија ќе остане еден од важните извозници на земен гас за ЕУ.“

Само Танап не е доволен

Преку Танап Турција сака да израсне во важна енергетски транзитна земја. Но, со Трансанадолскиот гасовод и повеќе други инфраструктурни проекти тоа не е направено, вели енергетскиот експерт Огутку. „Турција вистина има растечко енергетско стопанство, но само една рака компетентни енергетски фирми.“ Земјата мора да развие стратегија за да создаде енергетски гиганти способни да се носат со меѓународната конкуренција. Освен тоа, важно е да се инвестира во технологии и ноу-хау за да стане еден од пионерите во зелената енергија добиена првенствено од ветер, но и соларна и геотермичка енергија, констатира Памир.