Танго на македонски начин
12 август 2020Македонија отсекогаш играла своевидно танго со напредните и прогресивни општествени вредности. Чекор напред, назад два. Ќе се доближиме до еманципација, па ќе отстапиме. Ќе напредуваме кон некои реформи, па ќе ги избербатиме. Ќе направиме исчекор кон вистинска интегрирана мултикултурна политичка сцена, па ќе се вратиме назад.
Во таа смисла, можеби најголем грев од овој циклус избори е враќањето назад во етно-националистичкиот наратив кој сметавме дека сме го победиле во последните неколку години. Ваквиот пристап, кој веќе сега произведува националистички ретроградни позиции кај поголем дел од партиите на политичката сцена, доколку продолжи, се заканува да не врати назад барем две децении во политичкиот дискурс.
Имено, во напредокот на политичката интеграција на етничките партии во Македонија, препознаваме три фази, односно циклуси на интеграција. Првата фаза е фаза на заштита од мајоризација. Во неа, се етаблира политичка пракса, дека ниту една влада не може да се состави без претставници на етничките заедници, иако формално, тоа Уставот го дозволува. Таквата пракса е потоа дополнително засилена со т.н. Бадентерово мнозинство, според кое има закони кои не можат да се донесат без повеќекратно мнозинство, односно покрај мнозинската поддршка кај најголемата етничка заедница, мораат—за да бидат усвоени—да имаат мнозинство од пратениците од етничките заедници кои имаат извесен процент во населението. Според овој принцип, дури и кога би се составила моноетничка власт, таа нема да може да носи закони за кои е потребно вакво мнозинство, па постои двојна заштита од мајоризација. Ние оваа политичка пракса сме ја апсолвирале, и сега секоја партија од македонскиот блок смета дека се подразбира коалиција со легитимен претставник на албанскиот блок.
Други колумни од авторот:
Втората фаза е фаза на постепена замена на етнократијата со идеократија. Во оваа фаза, имајќи предвид дека веќе е етаблирана пракса дека власта оди во македонско-албански пакет, логичен еволутивен чекор е предизборно усогласување на политичките платформи за владеење, односно предизборни македонско албански коалиции како заедничка изборна понуда. Ова е фаза во која политичките партии од етничките блокови, настапуваат заедно на изборите, со усогласени програми, платформи, и кадровска понуда, обединувајќи се околу некоја политичка идеологија. Зачетоци на оваа фаза гледаме во нашиот политички живот, со усогласувањето на претседателскиот кандидат, со предизборни коалиции, итн. Во Македонија, оваа фаза дополнително катализира со Преспанскиот договор, кој претставува силна оска на поделби од една страна, но истовремено на обединување околу идеологија која ги надминува етничките линии. И така, претходно тајно на локалните, а сега и јавно на парламентарните избори, имавме предизборни коалиции на партии од двата етникума, кои се обединија околу иста политичка идеологија.
Третата фаза е фаза на замена на идеократијата со меритократија. Тоа е чекор на целосна граѓанска интеграција во мултиетнички партии, каде престанува да биде важно кој од која етничка заедница доаѓа, туку е примарно кој колку вреди, и колку може да придонесе за подобар живот на граѓаните. Тоа е фаза на целосна етничка еманципација и еднаквост, каде всушност нема потреба од етнички табори, бидејќи сите еднакво настапуваат на политичкиот пазар. Зачетоци на оваа фаза се исто така присутни во политичкиот амбиент, преку фактот што и македонски партии во своето раководство интегрираат албански функционери, како и преку фактот што албански партии се натпреваруваат во традиционално македонски средини. Така, од двете страни на етничките табори се појавуваат обиди за повлекување крос-етнички гласови, како чекор кон целосна политичка интеграција. Референдумот за Преспанскиот договор беше такво обединување, како и меѓуетничката поддршка на претседателските избори и на последните парламентарни избори.
Токму затоа, имајќи ги предвид напредните чекори кои беа направени во последните години, а кои водат кон целосна етничка еднаквост и меритократија наместо етнички и идеолошки поделби, како големо разочарување доаѓа повторното појавување на атавистичкиот контрастен чисто етнички наратив кој се појави на последните избори. Тој доаѓа од центри на политичка идеологија кои сметаат дека заматувањето на етничките граници во политичките приказни на поголемите партии им штети на нивните изборни интереси. Во основа, етничкиот популизам, персонифициран преку етничката мобилизација на платформа на ксенофобија, каде силните и ексклузивни етнички партии се обединети во „одбрана“ од „другите“ секако е полесен, позаводлив, наратив, но тој истовремено се заканува вкупниот политички амбиент да го уназади во голема мерка. На пример, од третата фаза, во која зборуваме за целосна интеграција на етникумите во граѓански политички партии, да не врати назад во првата фаза, во која дебатираме дали воопшто треба во мнозинството да се најдат албански претставници. Што ќе се случи, на пример, доколку на повикот на албанските лидери за етничко обединување околу една етничка платформа, со иста мерка одговорат и македонските политички лидери. Каде ќе завршиме, ако, на наративот за албанска координација, двајцата македонски лидери почнат да праќаат пораки за меѓусебна коалиција (за што веќе има повици), и почнеме да дебатираме дали е тоа добра варијанта? Тоа би не вратило две децении наназад, на полето на етничка мобилизација, што би претставувало суштински пораз на македонскиот мултикултурен демократски модел. На страна што таквиот наратив не дефокусира од реалните и сериозни предизвици кои ни престојат. Ние постигнавме квантен скок во националните приоритети, членка сме на НАТО, чекаме преговори со ЕУ, ни престои борба со пандемијата, борба за економијата, за правда, за неопходни суштински структурни реформи, а ние сега, фативме да се расправаме на етничка основа.
Во тангото кое во моментов го играме, секако правиме два чекори назад, и сокриено од погледите на судиите, се газиме по прсти и нозе, и се „муваме“ со лактови. Се плашам, одеднаш, сосе нозе, лактови и во ек на танго чекорот, да не се струполиме колку што сме долги и широки.