Тензии на Косово- нема невини
24 ноември 2018Полициската акција во северна Митровица и апсењето на четворицата Срби е продолжение на низата тензии на Косово по драконското зголемување на царините за српски производи. Косовската полиција притоа трага по добро познатото лице- Милан Радончиќ, за кого се зборува дека е главен човек на Вучиќ на Косово како и оти управува со тамошното подземје.
Во петокот, според планот на Белград, Србите на Косово одржаа мирен протест, но е продолжена и вербална војна со КФОР и со Приштина. КФОР соопшти дека немало никакво движење на трупите и оти се' што се случило е само полициска акција поврзана со истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ. Официјален Белград негодуваше поради таквата верзија на случувањата, и нагласи дека веќе нема доверба во КФОР и во НАТО.
Заложници на политиката на СНС
Официјалната верзија која од венецот на Андриќ ја диригира Александар Вучиќ пропишува дека сите случувања се толкуваат само како обид да се заплашат Србите и како притисок да го напуштат Косово. Во Белград се смета оти се' што презема Приштина е направено со благосов на „некои повисоки сили“ и дека конечна цел е Србија да се доведе до свршен чин и да признае независност на Косово.
Но, колку заканувачки изгледа ситуацијата за српските власти покажуваат и последните настапи на Вучиќ кој главно беше посветен на анализата на опозициските изјави, и на инсистирање дека една од целните мерки на Приштина е да ја сруши власта во Белград. Во таа атмосфера- здружени сите против Вучиќ и напредокот на Србија- вчера вечер им беа дупнати главите и искршени забите на опозициските политичари од Левица на Србија во Крушевац.
Сепак, Соња Бисерко, претседателка на Хелсишкиот комитет за човекови права во Србија, и новата ескалација на Косово ја гледа како продолжение на договорот во сенка. „Се' што се случува оди кон остварување на планот за поделба на Косово. На сцена постојано имаме некој вид договорено однесување, за во одреден момент одделни меѓународни актери да се согласат за тој план. Постои сценарио, кое за жал, добива легитимитет и во одделни земји во меѓународната заедница“, вели Бисерко за ДВ.
Српската заедница страда поради таквите односи меѓу Белград и Приштина, додава таа, бидејќи нејзината егзистенција зависи од Белград. „Поголемиот број работи на Косово за Србите ги одредува Белград, преку Српската листа, со која управува Милан Радоичиќ. Особено е деликатно што во лошото сценарио ќе се случат поделби кај Србите јужно од Ибар, бидејќи тие северот на Косово и од Косовска Митровица ги гледаат како свој образовен, здравствен и секаков друг центар“, вели Бисерко.
Сомнителен тајминг
Апсењето на Србите само ден по воведувањето на таксите сепак остава сомнеж во објаснувањата кои се слушаат од Приштина. Убиството на Оливер Ивановиќ се случи пред речиси една година и практично до вчера не се знаеше дали косовските власти и полицијата воопшто спроведуваат каква било истрага. Поради тоа тешко е да се поверува дека е тоа само рутинска полициска акција, оценува за ДВ Филип Шварм, одговорен уредник на неделникот Време.
„Да работеа сериозно на решавање на убиството на Оливер Ивановиќ тоа можеше да се случи и многу порано. Секако може да се постави прашањето дали тоа се искористило како добар изговор, знаејќи оти никој не би можел да приговара за истрагата на едно политичко убиство. Тоа, значи, можело да се направи и пред овој момент кога тензиите дојдоа до точка на вриење“, смета Шварм.
Ескалацијата на конфликтот меѓу Белград и Приштина, барем засега, не ветува некаква пауза. Скалата на напнатост дополнително е подигната со изјавите од Приштина дека таксите ќе бидат укинати кога Белград ќе го признае Косово. Тоа е став кој го обесмислува дијалогот, забележува Шварм.
„Тоа може да трае некое време, но потоа веројатно ќе се бара некаков формат овој дијалог да продолжи. Во секој случај, станува збор за опасни потези поради некаква краткорочна полза на внатрешен план“, заклучува Шварм.