1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тенкот“ на Груевски ја чинеше Јанкулоска шест години затвор

БГ
8 октомври 2018

Поранешната министерка за внатрешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска е осудена на шест години затворска казна поради нејзината улога во набавката на „Мерцедес“ од над 600 илјади евра

https://p.dw.com/p/36ADb
Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Фотографија: MIA

Јанкулоска е третиот поранешен државен функционер осуден за спорната набавка на Мерцедесот во случајот кој Специјалното јавно обвинителство го водеше под името „Тенк“. Претходно, поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски доби затворска казна од 6,5 години, а експремиерот Никола Груевски е веќе правосилно осуден на две години затвор.

Јанкулоска денеска не се појави на соопштувањето на пресудата затоа што присуствуваше на рочиште за случајот на масовно прислушкување „Тврдина“, каде е исто така обвинета.
До правосилноста на пресудата Јанкулоска нема да смее ниту да го напушта своето престојувалиште. Судскиот совет по изрекувањето на пресудата го прифати барањето на специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи која бараше мерки на претпазливост поради опасноста Јанкулоска да избега од земјата.
Во пресудата за Јанкулоска, судијката Добрила Кацарска рече дека ексминистерката со умисла го поттикнала осудениот Поповски да го стори кривично дело. Таа е прогласена за виновна според членот 353, став 5 за злоупотреба на службената положба и овластување. Според судијката, возилото било набавено противзаконски со цел да го користи експремиерот Груевски по негова желба.

На последното рочиште пред пресудата, Јанкулоска рече дека не се чувствува виновна и дека кај неа „никогаш  не постоела умисла да поттикне некого за набавка на возило“.