1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористички чин насочен против членство на Хрватска во ЕУ

20 септември 2005

Хрватските власти засега не соопштуваат детали од истрагата за вчерашната експлозија во британската амбасада во Загреб, во која едно лице полесно беше повредено. Хрватскиот премиер Иво Санадер најостро го осуди нападот кој според него преставува атак врз политиката на приближување на Хрватска кон ЕУ

https://p.dw.com/p/AciP
Иво Санадер
Иво СанадерФотографија: AP

Според хрватскиот премиер нападот врз британската амбасада во Загреб преставува терористички чин, кој не е дел од меѓународниот тероризам. Санадер изрази жалење до британскиот амбасадор а на јавноста и порача дека Хрватска не е мета на терористите:

„ Иако во овој момент е тешко да се зборува за мотивите на сторителите, неможам да се откажам од впечатокот дека можно е да станува збор за акт насочен против политиката на приближување на Република Хрватска кон ЕУ„ рече Санадер додавајќи дека притоа никако не мисли на легитимниот евроскептицизам. Такво нешто според него постои во секоја држава и партија, па и во Хрватска.

Британскиот амбасадор Џон Рамсден одби да ги коментира претпоставките за можните причини за експлозијата. Тој замоли целиот случај да и се препушти на полицијата:

„ Хрватската полиција веднаш реагираше и пристигна на лице место. Сакам да се заблагодарам за помошта на министерството за внатрешни работи, премиерот Санадер и сите кои веднаш ни се јавија„

Експлозијата во британската амбасада која се случи во поштенскиот дел ја осуди и претседателот Стипе Месиќ. Инаку во последниве месеци неколку меѓународни институции и западноевропски амбасади во Загреб добија заканувачки писма, кои според мислења на дипломатите биле поврзани со одложувањето на почетокот на преговорите за членство на Хрватска во ЕУ заради случајот Анте Готовина.