1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со корона-тест на шопинг? (Не)функционира!

Сабине Кинкарц
17 април 2021

Во многу германски градови продавниците повторно се отворени. Радоста на сопствениците сепак е ограничена. Купувачите се двоумат – пред сѐ поради задолжителниот корона-тест

https://p.dw.com/p/3s9aX
Symbolbild I Corona-Testpflicht beim Shopping
Фотографија: Pressebildagentur ULMER/picture alliance

Слика од сабота во отворена шопинг зона на северозападот од главниот град: на едната страна од улицата е живо. Во големиот супермаркет голем број купувачи непречено влегуваат и излегуваат без никакви задршки. Задолжително е само носење медицинска или ФФП2 маска. На другата страна од улицата само неколку луѓе чекаат во ред за да влезат во огромна продавница за мебел. Тројца редари проверуваат дали тие имаат актуелен негативен корона-тест од официјално признаен центар за тестирање. Доколку имаат, ги упатуваат до пултовите каде треба да пополнат формулари и да се регистрираат за шопингот.

Голем број купувачи мора да бидат одбиени на влез, бидејќи не се тестирани. Тоа предизвикува фрустрација. „Тотална глупост е овде да ми бараат тест, а отспротива во преполниот супермаркет не", нервозно коментира една жена. Редарот само немоќно ги крева рамената. Вели не ги измислил тој правилата и покажува на големата табла на која стои насока до најблискиот корона-тест центар. Сепак, тој е оддалечен неколку километри одовде.

Berlin Wilmersdorfer Straße | Corona-Testpflicht
Има сѐ повеќе дигитални понуди за регистрација на муштериитеФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Критика од канцеларката Меркел

Негативен тест како „влезница“ за купување, но и за на фризер и слични услужни дејности повеќе од две недели е задолжителен во Берлин. Ова правило беше воведено откако бројот на новозаразени во главниот град, седум дена последователно ја надмина границата од 100 на 100.000 жители. Всушност Берлин тогаш требаше да ги укине сите олабавувања на мерките од 8 март. Така се договорија покраинските премиери и канцеларката на почетокот на март.

Berlin Wilmersdorfer Straße | Corona-Testpflicht
За во книжарница не е потребен тестФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Канцеларката Меркел реагираше луто на одлуката на берлинците. „Не знам дали тестирање и шопинг, како што се вели сега во Берлин, е вистинскиот одговор“, критикуваше канцеларката во едно интервју.

Регионална разноликост

Но, тоа не ги спречи останатите покраини исто така да го применат моделот на шопинг со тестови. Во меѓувреме тој важи во Мекленбург Предна Померанија, Хамбург, Саксонија, Сар и Баварија. Подготовките за оваа мерка се во тек во Долна Саксонија, Саксонија Анхалт и Тирингија, додека во Северна Рајна Вестфалија на локално ниво се одлучува дали ќе се примени овој модел.

Ова, пак, понекогаш води до апсурдни ситуации во оваа покраина. Во градот Ахен, на пример, на фризер може да се оди и без тест, но во 65 километри оддалечениот Келн ви треба негативен тест, или пак можете да направите брз тест директно во фризерницата. Триесет километри потаму, во Бон, ова не е доволно – таму за на фризер мора да приложите негативен тест од официјален тест-центар.

Berlin Wilmersdorfer Straße | Corona-Testzentrum
Понуда за тестирање во една берлинска шопинг-улица - но само со претходно закажан терминФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Многу откажани термини

Прометот кај фризерите и во некои продавници е опаднат како последица на оваа регулатива. „Горат телефоните во нашето советувалиште. Голем број фризери се жалат дека муштериите ги откажуваат термините поради задолжителното тестирање“, вели Хјалмар Штеман, претседател на здружението на занаетчии во Хамбург.

„Вака е подобро повторно да нѐ затворат и да нѐ испратат на принуден одмор“, негодува една фризерка во Берлин. Нејзиниот дуќан се наоѓа на една голема шопинг-улица во населбата Шарлотенбург. Веднаш до неа има продавница за порцелан, украси за дома и подароци – и таа зјае празна. „Ние живееме од случајните минувачи и спонтани купувачи," вели продавачката и додава: „Правилото за тестирање едноставно не функционира за нас“.

Според последната анкета на Германското здружение на ситни трговци, прометот во продавниците во кои смеат да влегуваат само муштерии со негативен тест е опаднат за 62% во споредба со времињата пред пандемијата. „Политичарите интервенираат на погрешни места“, критикува сопственикот на продавницата Штефан Гент.

Screenshot Rahaus.de Shoppen mit Corona-Schnelltest
Трговците се надеваат дека со понуди за тестирање ќе ги привлечат муштериитеФотографија: Rahaus.de

Чекање на термин за тестирање

Но, зошто не функционира моделот со задолжителен тест? Што е тешко да се направи брз тест кој дава резултат за 15 минути? Во Германија секој граѓанин има право на најмалку еден бесплатен тест неделно. Во Берлин во меѓувреме има голема мрежа на центри за тестирање. Во некои од овие 300 центри можете да дојдете и без закажување, а во други мора да имате термин.

Ова како понуда е доволно, но сепак не е сѐ така едноставно, бидејќи нема доволно термини за деновите кои се особено популарни, како на пример сабота наутро, кога би го искористиле цел ден за шопинг. Во овие периоди има голема гужва, особено во центрите во кои не мора да имате закажано термин. Често тоа значи еден час чекање во ред на студ, ветер и дожд надвор. Тоа пак ги одвраќа купувачите и ја гасне нивната жед за шопинг.

Повеќе:

Коронавирус: Навала во центрите за тестирање

Брзи корона-тестови во германските супермаркети

Тестови за корона: Хаос на границата помеѓу Германија и Полска

Поголемите трговски ланци се поинвентивни

Пред сѐ големите трговски куќи и ланци организираа мобилни тест-центри. Ова веќе го спроведува продавницата за опрема Хорнбах, во Северна Рајна Вестфалија, а тоа ќе следи и во нејзините 96 филијали низ Германија. „Се обративме до неколку општини и локални хуманитарни организации за да може на дел од големите паркинзи да поставиме тест-центри“, вели портпаролот на компанијата Флоријан Пројс.

Трговците, чии продавници се подалеку од центарот, поради што не може да се надеваат дека општините ќе им отворат мобилни тест-центри пред влезовите, ќе мора да смислат нешто друго. Така на пример, берлинска продавница за мебел за своите две филијали во градот ангажираше медицински персонал кој врши тестирање. Купувачите кои ќе се решат за ова треба да платат 20 евра за кои пак добиваат бон кој може да го искористат при купувањето.

Вакво нешто пак не им се исплати на помалите продавници. Нивните сопственици повторно ги затворија продавниците поради задолжителното тестирање. Во шопинг улицата во берлинскиот кварт Шарлотенбург речиси на секој втор дуќан има клуч на врата.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ