1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешката борба на Франција против исламизмот

Барбара Везел
22 октомври 2020

По неодамнешното убиство на еден учител, француската влада презема остри мерки против насилните исламисти. Но, на претседателот Макрон покрај остриот став му се потребни и трпение и мудрост, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3kGlb
Frankreich | Paris | Macron bei der Gedenkzeremonie für den Lehrer Samuel Paty 21.10.2020
Фотографија: Francois Mori/Pool/Reuters

Кон крајот на септември се случи сериозен напад со нож врз случајни минувачи пред поранешната зграда на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во Париз. По неколку месеци мир, сеништето на насилниот исламизам повторно се врати. Кратко потоа претседателот Макрон во одамна планираниот говор најави како ќе се бори против исламистичкото насилство. Тоа беше нијансиран говор без десничарска ниту исламофобична реторика. Но, со 240 жртви во напади со исламистичка позадина во изминатите пет години, Макрон е сосем свесен дека мора да започне борба.

Владата под притисок да делува

Грозното убиство на наставникот Самуел Пати е доказ дека исламистичкото подземје во Франција се проширило. „Исламистички сепаратизам“ го нарече Макрон феноменот, кој се прошири на Блискиот Исток по нападите врз Светскиот трговски центар во 2001 година во Њујорк и со подемот на терористичката организација „Исламска држава“ и авторитарните исламистички влади. Египет е една од нив, турскиот претседател Ердоган, кој ја злоупотребува религијата како инструмент за угнетување и одржување на власт, и многу други. Со неговиот тврд став против агресивната акција на Ердоган во источниот Медитеран, претседателот Макрон покажува дека го гледа глобалниот контекст.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Но, сепак мора борбата да ја води на француско тло. И многу од постапките кои ги презема владата сега се исправни: да се регулира образованието на муслиманските верски лица во земјата, задолжително школување на муслиманските деца, протерување на тврдокорни исламисти и построга контрола на културни и други здруженија, кои толерираат проповедници на насилство во своите редови. Никој не треба сега во Франција да игра на исламофобичната карта, овие организации имаа години време да ја прекинат толеранцијата или поддршката на насилство во нивните редови.

Политичката острина е само едно средство

Но, политичката острина е само средство против исламистичкото паралелно општество со насилнички потенцијал кое се формираше во големите градови и меѓу некои од мигрантите. Може да забележи во најдобар случај краткорочни успеси и да ги смири гласачите.

Аналитичари, без разлика на политичките ставови, знаат дека проблемот лежи подлабоко. Претседателот отворено се осврна на две од причините: колонијалната историја на земјата со која се немаат соочено, особено војната во Алжир, како и социјалната и економска беда во предградијата. 

Повеќе:

Франција во шок: Што може да се стори против паралелните општества?

Франција: Обезглавен професор - Макрон: „Ова е терористички напад“

Франција - републиката да се одбрани од исламизмот

Самата француска држава ги создаде таквите гета и сноси одговорност за „сепаратизмот” кој е настанат таму. За да се отстрани ќе трае со генерации. И тоа не функционира со притисок, туку со пари, едукација, станови и инфраструктура - листата е бесконечна. Пред 25 години филмот „Ла Хен” во кој се тематизира животот на станарите на тие предградија привлече големо внимание. Годинава со „Ле Мизерабл” имаме негов наследник на големото платно и граѓанска Франција е шокирана што толку малку се има променето.

Ова е огромно „градилиште” за Емануел Макрон кој за една година треба да оди во изборна кампања. Би можел без одложување да пристапи кон искрено соочување со минатото. Тоа може да го чини гласови од десните, но би било историски важна задача за претседател со толку големи очекувања за себе во историски контекст. 

Трпение и моќ на убедување 

И ригидната секуларност на француската држава со тоталното исклучување на религијата во јавните функции придонесе за острината на актуелното соочување со прашањето.

Од една страна владата со право бара од муслиманското население да се адаптира на законите и правилата во земјата. Од друга страна речиси и не остава простор за верскиот живот. Можеби политиката во Франција треба да се запраша дали величањето на сопствената секуларна традиција е и натаму вистинската основа во една мултиетничка, мултирелигиозна сегашност. 

На другата страна е потфрлањето на исламот во Франција. Бројот на жртви од исламистички мотивиран терор во изминатите години не дозволува било какви изговори. Има верски лица во земјата достојни за восхит кои проповедаат и се борат за толеранција. Но, покрај нив цвета подземје на салафистички и други хардлајнери, кои и натаму пропагираат „насилство” врз неверниците. 

Поглед на профилите на социјалните мрежи на лицата поврзани со смртта на професорот Самуел Пати ти ја смрзнува крвта. На претседателот Макрон ќе му биде потребно трпение, моќ на убедување, и „морков и стап”, ако сака во оваа битка да добие тло под нозе. Нема вистински изгледи да излезе како победник бидејќи Франција предолго го занемаруваше тој дел од општеството. На крајот за тоа е потребно повеќе од само првиот човек. Потребно е граѓанството да се соочи со грешките од минатото.