1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непопустливата канцеларка

Сабине Кинкарц/ Ж.А.26 јануари 2016

„Ќе успееме“, од пред шест месеци ова е мантрата на Ангела Меркел во поглед на справувањето со бегалската криза. Таа не сака да отстапи од ставот, без оглед на растечкиот притисок со кој се соочува.

https://p.dw.com/p/1HjYv
Фотографија: dpa/OLIVIER HOSLET

Ангела Меркел на канцеларската функција е преку десет години, а од пред 15 години е на чело на Христијанско-демократската унија. Таа пречека и беше во посета на бројни премиери во светот. Во мај лани магазинот „Форбес“ петти пат по ред ја прогласи за најмоќна жена во светот. Фактички, во економската криза во ЕУ и европскиот должнички покер кој следеше, германската канцеларка беше незаобиколна. А сега?

Ангела Меркел е тешко погодена, како внатрешнополитички, така и на европско рамниште. Како се случи тоа? Дали германската канцеларка едноставно изврши погрешна проценка? „Потребен е заеднички напор од цела Европа, државите мора заеднички да ја делат одговорноста за барателите на азил“, вака и понатаму гласи нејзиното барање. Но, мнозинството ЕУ-држави упорно го одбива апелот. Обидот за поделба на товарот на повеќе плеќи очигледно е неуспешен, а со тоа и политичкиот план на Ангела Меркел.

„Ќе успееме“

Шведска, Австрија и Германија беа државите кои донеодамна примија најголем дел од бегалците. Скандинавците, исто како и Австријците, во меѓувреме ја подигнаа кочницата и сакаат ограничување на надоаѓачкиот бран бегалци. А Германија? Канцеларката Ангела Меркел уште не сака да чуе за горна граница. Решението не е можно во рамки на една држава, аргументира таа и натаму, со поглед кон консеквенциите: дали на германските граници би требало да се постават тенкови, треба ли да се пука врз луѓето кои нема да се откажуваат од влез?

Ungarn Budapest Flüchtlinge mit Merkel Plakaten
Бегалците ја величаа МеркелФотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

Со својот трезвен, конкретен начин на пристап кон проблемите, нивно севкупно анализирање и наоѓање логични решенија, Меркел постојано имаше успех. Таа поаѓа од крајот, од епилогот на работите, често се вели за неа. Во светот на докторираната физичарка има малку место за емоции. Но, летоска, кога се‘ поголем број Германци се ангажираа во помошта на бегалците, кога се рашири дотогаш невидена „култура на добредојде“, таа очигледно како канцеларка беше заразена од неа.

„Германија е силна земја. Мотивот со кој пристапуваме кон работите мора да биде следниот: ќе успееме! Ќе успееме и таму каде наидуваме на пречки, тие мора да бидат надминати, на тоа треба да се работи“, рече Меркел на крајот на август 2015 година.

5. септември и последиците

За сојузната канцеларка ова беше невообичаено далекусежно обврзување, кое може да ја чини целосна веродостојност ако се откаже од него. Притоа, Меркел уште рано беше целосно свесна дека бегалската криза не може да се спореди со ниеден политички предизвик од поблиското минато, туку претставува историски прелом. Проценките летоска беа дека до крајот на годината во Германија ќе стигнат околу 800.000 бегалци. „Се наоѓаме пред голема национална задача, која се однесува на сите нас“, рече Меркел, прогнозирајќи: „Ова ќе биде централен предизвик, не само за одреден број денови или месеци, туку за подолг период.“

Дали канцеларката во тој момент веќе знаеше дека по пет дена ќе направи потег за кој до денес ја обвинуваат нејзините критичари? Таа ги отвори вратите за неконтролиран бран бегалци кон Германија, се вели за одлуката која ја донесе Меркел на 5. септември, по телефонскиот разговор со својот австриски колега Вернер Фајман и ги отвори границите за бегалците блокирани во Унгарија.

Deutschland Flüchtlinge willkommen Demo in Hamburg
Поддршка кон бегалците: митинг во Хамбург во октомвриФотографија: picture-alliance/dpa/D. Bockwoldt

Притисок од сопствените редови

Факт е дека германската влада и првенствено Ангела Меркел беа фалени и величани во социјалните мрежи со речиси религиозен призвук. „Меркел, мајка на сите верници“, беше нарекувана канцеларката поради тоа што ги „покани“ Сиријците а Германија ги дочека со отворени раце.

Навистина, на денот на одлуката имаше многумина Германци, на пример на железничката станица во Минхен, кои одушевено и подготвени за помош ги дочекаа бегалците. Фотографиите го обиколија светот, додека во Германија баварскиот покраински премиер Хорст Зехофер негодуваше поради одлуката на Меркел: „Тоа беше грешка“. И тоа таква која не смее да се повтори. „Зашто, бројката ќе достигне толку високо, што доаѓањето кое во моментив е убаво, ќе стане целосно неконтролирано“, дополни баварскиот министер за финансии, Маркус Зедер.

„Тогаш тоа не е мојата земја“

Позиционирањето на Зехофер беше почеток на интерен политички судир, кој се чини ја ослабе Меркел многу повеќе отколку ако зад себе имаше збиени редови на поддршка. Баварската Христијанско- социјална унија е сестринска партија на ЦДУ, на сојузно ниво двете настапуваат заеднички како „Унија“.

Колку многу беше погодена од непосредниот напад од сопствените редови, Меркел покажа со една јавна реакција, десет дена по отворањето на границата. „Морам искрено да кажам: ако мораме да се извинуваме поради тоа што во итни ситуации покажуваме пријателско лице, тогаш тоа не е мојата земја.“

Deutschland CDU Bundesparteitag in Karlsruhe Angela Merkel
Да се биде или не за Меркел?Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Пукнатина

Всушност, оттогаш фронтовите се зацврстени и речиси непридвижени. ЦСУ неуморно напаѓа. Кулминација беше партискиот собир во Минхен во ноември, на кој Ангела Меркел уште еднаш потенцираше: „Мораме сите сили да ги насочиме кон европско, меѓународно решение.“ По говорот на канцеларката, на подиумот застана Хорст Зехофер, но не за да ја придружи Меркел кон нејзиното место. Наместо тоа, тој ја остави да стои крај себе, додека тој пред делегатите цели петнаесет минути контрираше: „Цврсто сме убедени во неуспехот на задачата за интеграција на бегалците во нашата земја, доколку не се постави горна граница на доселувањето бегалци“, за што Зехофер собра аплаузи од делегатите.

Губење на власта или на образот

Во меѓувреме ЦСУ го конкретизираше барањето и сака во земјата да биде дозволен влез од 200.000 бегалци годишно. Воведувањето горна граница на бројот бегалци кои доаѓаат во Германија се дискутира се‘ пожестоко и во ЦДУ и наоѓа зголемен број приврзеници. Но, канцеларката не попушта. Нема „никаква трага од излегување во пресрет“, констатираше Зехофер по состанокот на покраинската пратеничка група во Кројт на 20. јануари, на кој учествуваше и Меркел. „За мене тоа беше разочарувачки и мислам дека влегуваме во политички тешки недели и месеци.“

ЦСУ се заканува со своја тужба пред Уставниот суд заради обезбедување на границите. Канцеларката има време да ја коригира својата грешка до март. Ако Меркел не попушти, ЦСУ би требало да ја напушти коалицијата со ЦДУ и да излезе од владата. Тоа секако би бил крај и на канцеларувањето на Ангела Меркел. Дали сега таа стои пред изборот: губење на власта или на образот? Или на крајот сепак ќе има европско решение? Засега никој нема одговори на овие прашања.