Топлото време донесе пожари и страв во Богданци
25 јули 2022Пожарите во општина Богданци донесоа немир и стравување кај мештаните, кои цела ноќ ги гледаа пламените јазицикако се приближуваат кон куќите во селото Ѓавато. Опожарена е една стара куќа на периферија на селото, по што со голем ангажман на пожарникарите и жителите, огнот е контролирано пресечен на 150 метри од селото и свртен во правец на црквата и гробиштата и не е навлезен во селото.
Пожарот започнал околу 13:30 часот, по што почнал да се доближува до црквата и до првите куќи од селото. Од Центарот за управување со кризи објавија дека се загрозени ветерници во околината, како и пумпната станица со која со вода се полни Дојранското езеро.
„Надмината е опасноста која цела ноќ му претстоеше на селото Ѓавато, пожарот е концентриран на сртот на ридот на месноста викана Погана. Дејствува и хеликоптер од Армијата, кој досега има направено шест прелети и истурени се шест ведра вода“, информираа од Центарот за управување со кризи.
Активни пожари
Сѐ уште е активен пожарот кај место викано Погана кој се движи од с. Ѓавато кон с. Грчиште. На терен за гаснење на пожарот моментално се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување од Валандово - тим за брз одговор со 13 вработени, комуналец од Богданци со 10 луѓе, како и екипи и пожарникари од Дојран и Струмица.
Пожари синоќа го зафатија и кумановскиот крај. Кумановската противпожарна единица по синоќешните силни електрични празнења имаше неколку интервенции на пожари на различни локации од градот. Надлежните претпоставуваат дека гром ги предизвикал двата пожара кои се случија по 20.15 часот во кругот на „Ловечки дом“ на запалена сува трева и бор и пожарот на висока сува трева во близина на градските гробишта кај „Стојан Арсов“ кои се случија по 20 часот вчера.