Трамп го зголемува притисокот врз Иран
9 април 2019Иранскиот претседател, Хасан Рохани, денеска ги обвини САД дека се „на чело на меѓународниот тероризам“. Изјавата следеше по вчерашната одлука на САД да ја означат иранската Револуционерна гарда како „странска терористичка организација“.
Рохани рече дека Револуционерната гарда „од своето формирање е вклучена во борбата против тероризам“.
Иранските власти синоќа реагираа на одлуката на Вашингтон соопштувајќи дека ги сметаат САД за „земја спонзор на тероризмот“, а американските сили присутни на Блискиот исток за „терористички групи“, јави иранската агенција Ирна.
Одлуката на Врховниот совет за национална безбедност претставува реципрочна мерка поради одлуката на САД да ја означат Иранската гарда како странска терористичка група.
Иран ја оцени американската одлука како „незаконска и бесмислена“.
Шефот на иранската дипломатија, Мухамед Џавад Зариф, ја повика денеска својата земја да ги стави силите присутни на Блискиот Исток, централна Азија и на истокот на Африка на списокот на терористички организации.
Американскиот претседател, Доналд Трамп денеска изјави дека САД ја означиле иранската Револуционерна гарда како „странска терористичка организација“, во рамки на напорот да го зголемат меѓународниот притисок врз Техеран.
Таквиот потег на Вашингтон е без преседан, бидејќи САД никогаш досега не прогласиле официјален орган на некоја странска влада за терористички.
Револуционерната гарда е паравоена организација формирана за време на Исламската револуција во Иран во 1979 година да ја брани новата влада во земјата. Таа е одговорна единствено на врховниот лидер на Иран и делува независно од регуларната иранска војска.