1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Трамп им се заканува на Сирија и Русија, а цели на Иран“

Инес Ајзеле
11 април 2018

Американскиот претседател им порача на Русите да се подготват за американски ракети во Сирија. Целта на Трамп е сепак друга, вели во интервју за ДВ експертот Јозеф Брамл.

https://p.dw.com/p/2vryU
President Trump comments on Syria, FBI raid of Michael Cohen's office at White House
Фотографија: picture alliance / Newscom

Дојче веле: Американскиот претседател Доналд Трамп најавува непосредни воени напади на САД во Сирија, како реакција на наводната употреба на хемиско оружје во градот Дума во источна Гута. Кои опции доаѓаат во предвид?

Јозеф Брамл: Очекувам воздушни американски напади против Сирија. Но, за разлика од пред една година, кога САД исто така ја обвинија Сирија за користење хемиско оружје, тие нема да бидат само симболични. Тогаш Трамп сакаше да демонстрира дека не е руска марионета. Но, истовремено не сакаше да отиде предалеку и затоа претходно ги информираше Русите. Тие пак ја предупредија Сирија. Овојпат тоа нема да се случи.

Трамп се закани и со „високата цена која ќе ја платат“ сојузниците на сириската влада. Од што треба да стравуваат Русија и Иран?

Посебно Иран треба да биде на штрек, со оглед што веќе од други причини е во визирот на САД. Силите во Сирија, поддржувани од Иран, веројатно ќе бидат цел на воздушните напади и ќе бидат бомбардирани. И воздушниот мост на овие сили, кој делумно поминува низ ирачкиот воздушен простор, може да биде прекинат од страна на Америка.

Какви се изгледите за акции против Русија?

Тие ќе бидат минимални. Во поглед на Русија, Трамп има значително помалубројни опции и со економските санкции ќе одржува толкав размер, за да не се најде под внатрешнополитички притисок. Да не заборавиме, во САД специјалниот обвинител Роберт Милер и натаму врши истрага против Трамп.

Josef Braml
Д-р Јозеф Брамл е експерт за САД во Германското друштво за надворешна политика Фотографија: Privat

Зошто Иран треба да стравува од посилен удар?

Мислам дека Сирија за САД во суштина е само споредна воена арена за судир со Иран. Следното што претстои, е сторнирање на Нуклеарниот договор со Иран во мај и тогаш ќе се случи заострување на конфликтот. Вмешувањето на Иран во Сирија САД можат тогаш да го искористат за морално и геостратешко оправдување за нивната постапка. Не смееме да заборавиме дека неодамна Трамп го постави за национален безбедносен советник критичарот на Иран, Џон Болтон. Јас ова го сфаќам за многу сериозно.

Американскиот претседател неодамна навести намера за што е можно побрзо повлекување на американските трупи од Сирија, со оглед што терористичката милиција Исламска држава е речиси победена. Како сегашните закани со ракетни напади од страна на Трамп се вклопуваат во претходните планови?

Тука не гледам никаква противречност.  Копнените трупи,  кои инаку можат да бидат земени и за заложници, Трамп сака и натаму да ги повлече од Сирија. Во одмаздничките мерки поради нападите со хемиско оружје станува збор само за воздушни напади.

Препознавате ли долгорочна стратегија на американската влада во поглед на сирискиот конфликт? 

Да, во секој случај. Мојата хипотеза е дека на САД во суштина им е важен само Иран. А колку Трамп е попритеснет на домашен политички терен, дотолку за повисок го оценувам ризикот од војна против Иран. Не треба да испуштиме од вид дека во ноември се одржуваат избори за Конгресот. Најлошото сценарио за Трамп би било губење мнозинство во двата дома. Во случајов, војна против странски непријател би му помогнала во постигнување поголем натпартиски консензус. Соочени со закана по националната безбедност, гласачите во САД би можеле да се обединат патриотски под националното знаме зад врховниот заповедник на воените сили. Така се случи со Џорџ Буш по терористичките напади од 11. септември 2001. година.

Д-р Јозеф Брамл е експерт за САД во Германското друштво за надворешна политика и автор на книгата „Трамповата Америка - на сметка на слободата“.