Трамп користи стари трикови во преговорите за буџетот
3 јануари 2019Дали ви се случи „дежаву“ откако го изгледавте настапот на претседателот Доналд Трамп и неговата стратегија како да се стави крај на делумното замрзнување на буџетот во неговото прво соочување со поделениот Конгрес? Немојте да се плашите, не ви се случило поматување од алкохолот што сте го конзумирале на новогодишната ноќ. Тоа е - Трамп си е Трамп. На почетокот на преговорите со поделениот Конгрес, во кој повторно се вратија демократите, самопрогласениот главен преговарач Трамп се врати на своето испробано и тестирано сценарио.
На средбата на кабинетот, придружуван од в.д. министерот за одбрана и в.д. министерот за внатрешни работи, тој повторно се заложи за своето долготрајно барање за „голем, преубав ѕид“. А потоа го посрамоти потпретседателот Мајк Пенс инсистирајќи дека нема да прифати ништо помалку од 5,6 милијарди за изградба на ѕидот, иако Пенс – само неколку дена претходно испратен од Белата куќа да разговара со демократите, им рече дека Трамп ќе потпише закон кој вклучува половина од таа сума. На крајот Трамп заврши со тоа што ги обвини демократите за таканаречениот „шатдаун“.
Длабока црвена линија
Ставајќи ваква длабока црвена линија, Трамп го направи бескорисен претходно одржаниот состанок во Белата куќа, на кој се бараше решение со конгресните лидери. Затоа речиси и не беше изненадување што средбата заврши без јасен напредок и „шатдаунот“ (замрзнувањето на буџетот) ќе продолжи. Преговарачкиот стил на Трамп „по мое или никако поинаку" не поминуваше баш добро во Конгресот под контрола на неговата Републиканска партија, а сега уште помалку во Конгрес во кој демократите го контролираат Претставничкиот дом. Но, Трамп е непресметлив во тешкиот процес за она што е реално остварливо и во најдобар интерес на државата. Наместо тоа, главен репер за негово политичко одлучување е тоа што тој мисли дека го сака неговата база на поддржувачи. Тоа го објаснува ненадејниот пресврт на Трамп минатата година, кога одби да го поддржи двојниот пакет за трошење што го усвои Конгресот со очекување дека ќе го потпише. Конзервативните експерти остро го критикуваа договорот и Трамп брзо се откажа.
Спуштање на земја
Трамповата логика да прави сѐ што мисли дека ќе ја задоволи неговата база е објаснување зошто би ги намалил барањата кои тешко би ги постигнал. Зајакнатите демократи немаат намера да му дадат на Трамп пет милијарди долари за потписот со кој ќе си го оствари ветувањето од кампањата. На крајот на краиштата, противењето на ѕидот на Трамп беше клучен изборен двигател за новата класа на прогресивни демократи во Конгресот, кој вклучува многу членови со имигрантско потекло.
Покрај дебати, закани и обвинувања, Претседателот на крај ќе биде приморан да трепка и да се спушти на земја и да ги намали своите неостварливи барања за да се стави крај на делумното замрзнување на буџетот. Кога тоа ќе се случи сѐ уште не се знае. Но, понекогаш сѐ што е потребно за да се активира претседателската акција е прилог на Фокс њуз или повик од лидерот на Турција.