1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американското длабоко тонење

Чејс Џеферсон
14 август 2017

Голема Америка, како да не! Шарлотсвил покажа дека единственото во што Трамп ги направи САД големи е - омразата. Америкaнските ултрадесничари го валкаат демократското наследство на земјата, оценува Џеферсон Чејс.

https://p.dw.com/p/2iAPp
USA Charlottesville Virginia auto fährt in Menschenmenge bei Demonstration von Rechtsextremisten in USA
Фотографија: picture-alliance/dpa/The Daily Progress/AP/R.M. Kelly

Јас ја пишував својата докторска дисертација на Универзитетот Вирџинија. Онаму, каде во петокот луѓе со факели одржаа Кју Клукс Клан-марш и скандираа нацистички и расистички пароли, јас некогаш читав книги во библиотеката. А, сега: загинати и повредени на собир на ултрадесничари во Шарлотсвил.

Сцените се одигруваа во кампусот на Универзитетот Вирџинија кој студентите едноставно го нарекуваат „трева“. Основач на универзитетот е Томас Џеферсон, авторот на американската Декларација за независност и трет по ред претседател на САД.

„Мистер Џеферсон“, како што сѐ уште го нарекуваат жителите на Шарлотсвил таткото на градот и основачот на универзитетот, бил комплексна личност. Иако ропството го третирал како „привремено неопходно морално зло“ и и самиот имал робови, тој во декларацијата за независност напишал: „Сите луѓе се создадени еднакви.“

Кога ќе ги видам непристојните и духовно сиромашни луѓе кои го валкаат наследството на универзитетот на Томас Џеферсон, ми се превртува стомакот. Овие фанатици ги претвораат своите агресии, кои дури и самите не ги разбираат, во омраза кон оние за кои сметаат дека се туѓи и странци. Тоа кај мене ги буди сеќавањата на 11 септември 2001-ва.

vorläufig Kommentar-Foto Jefferson Chase
Џеферсон Чејс, автор на коментаротФотографија: privat

Одбрана на демократијата со нацистички знамиња?

„Ние во Америка немаме влада која го претставува мнозинството“, напишал Џеферсон. „Ние имаме влада која го застапува мнозинството на политички активните.“ Но, токму тоа сега го нема во САД.

Настаните од Шарлотсвил се уште еден пример за волјата на десниот политички табор да владее над мнозинството избирачи. Вистинската порака на движењето „Обедини ги десните“ гласи: „Ние сакаме да го смениме мнозинството.“ Кој е мотивот на луѓето кои не се од Шарлотсвил да дојдат во универзитетскиот град и да ја бранат демократијата со нацистички знамиња? И кој е мотивот на напаѓачот да влета со автомобил во група контрадемонстранти?

Одговорот гласи: одлуката  на демократски избраниот градски совет во Шарлотсвил да ја отстрани статуата на Роберт Ли, генерал во американската граѓанска војна кој се борел за Југот. Јужните сојузни држави тогаш се залагале за задржување на ропството.

Заглупавени и закоравени

И, уште едно прашање: Како можеа САД да паднат толку ниско? На човека не му е потребна диплома од Вирџинија или од кое било друго место за да одговори на ова прашање. Еден претседател кој во Белата куќа се всели наспроти волјата на најголемиот број избирачи за седум месеци успеа да ги создаде контурите на една заглупавена и закоравена Америка. Со редовни, одвратни и глупави изливи со обем од 140 знаци.

Не е изненадувачки што Претседателот, кој инаку реагира брзо со „бес и оган“, во случајот на Шарлотсвил толку долго чека со својот одговор до белите расисти. Трамп навистина ја направи Америка повторно голема - и тоа во делот на омразата!

Тажно е. Дури и докажани конзервативни политичари, како републиканците Пол Рајан и Орин Кеч го осудија одговорот на Трамп на настаните во Шарлотсвил.

Но, зборовите се едно, а делата друго. Еве го моето прашање до Пол Рајан, Орин Хеч и остатокот од републиканските пратеници: Што ќе сторите по Шарлотсвил? Ќе ги браните ли демократските традиции во Америка или кукавички ќе му служите на вашиот нов господар?

„Доколку Господ е праведен, тогаш се тресам за мојата земја“, признал Џеферсон. Тешко ми беше да не се сетам на овие зборови кога видов како полицајците во Шарлотсвил не мрдаат со прст, а на само неколку метри од еден од најугледните универзитети во светот избиваат улични борби.

Дотолку поголем ми е восхитот од контрадемонстрантите, градоначалникот Мајкл Сигнер од Шарлотсвил и гувернерот на Вирџинија, Тери Меколиф. Тие се спротивставија на маршот на белите расисти. Сите, на кои барем малку им е грижа за доброто на САД, би требало да го следат нивниот пример.