Трамп: Санкции за Турција, Наполеон Бонапарта за Курдите
14 октомври 2019Трамп најави дека ќе ги зголеми царините на увозот на челик од Турција за 50 проценти и ќе ги запре трговските преговори со Анкара поради турската офанзива во северо-источна Сирија. Претседателот на САД најави и дополнителни „моќни санкции“ врз актуелни и поранешни турски владини функционери.
„Турската воена офанзива ги загрозува цивилите и е закана за мирот, безбедноста и стабилност во регионот“, се наведува во изјава на Трамп.
„Јасно му кажав на претседателот Ердоган дека турските акции се вовед во хуманитарна криза и создаваат предуслови за можни воени злосторства“.
Претходно, токму одлуката на Трамп, по телефонски разговор со Ердоган, да ги повлече американските трупи од регионот, практично даде зелено светло за почеток на офанзивата против Курдите во Сирија.
Американските трупи кои се повлекуваат од Сирија ќе останат на Блискиот исток и ќе го следат развојот на ситуацијата и евентуалното реактивирање на Исламската држава.
Што се однесува до судбината на Курдите, кои беа главни сојузници на САД во борбата против Исламската држава, Трамп вечерва преку серија твитови им порача да си ја побараат среќата на друга страна.
„Секој кој сака да и помага на Сирија во заштита на Курдите е добар за мене, без разлика дали е Русија, Кина или Наполеон Бонапарта. Се надевам дека ќе успеат, ние сме 7,000 милји далеку од нив“, порача Трамп.