1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хана Аренд и Доналд Трамп

Елизабет Грениер
3 февруари 2017

Доналд Трамп втемелува елементи на тоталитаризмот, иако барем засега не е тоталитарен владетел. Социјалното движење кое го покренува е многу опасно, смета Роџер Берковиц, ученик на прочуената филозофка Хана Аренд.

https://p.dw.com/p/2Wvgb
Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/Olivier Douliery/CNP/AdMedia

За време на целата предизборна кампања за претседателски избори во САД се посегнуваше по теоријата на еврејската филозофка Хана Аренд (1906-1975) за да можеше подобро да се разберат случувањата за време на кампањата.

Хана Арендт побегна од нацистичкиот режим во Германија најпрво во Франција, а потоа и во САД. Стана позната пред сѐ поради нејзиното присуство за време на судскиот процес против Адолф Ајхман во Ерусалим. Нејзините репортажи и подоцна книгата „Ајхман во Ерусалим- Извештај за баналноста на злото“, која ја напиша за процесот на Ајхман предизвика жестока дебата меѓу интелектуалците и преживеаните од холокаустот ширум светот. Аренд до крајот на својот живот се обидуваше на другите разумно да им објасни како можело да дојде до холокаустот. Напиша повеќе книги кои ја истражуваат врската меѓу човечкиот фактор и појавата на таквите трагедии.

Во книгата „Елементи и потекло на тоталитарното владеење“ Аренд се занимава со соучесништвото на обичните луѓе во ужасите. Роџер Берковиц, професор и шеф на „Центарот за политика и хуманост Хана Аренд“ на Бард колеџот во Њујорк, смета дека оваа книга, со оглед на моменталната политичка клима во САД, е поактуелна од кога било.

Hannah Arendt
Хана АрендФотографија: picture alliance/Keystone

ДВ: Господине Берковиц, како ни помага филозофката Хана Аренд да ја сфатиме актуелна политичка ситуација во САД?

Роџер Берковиц: Мислам дека делото на Хана Аренд ни нуди многу објаснувања кои можат да ни помогнат да ја разбереме личноста Доналд Трамп. Трамп, според нејзиното сфаќање, додуша не е тоталитарен владетел, но втемелува „елементи“ од тоталитаризмот. Таа била убедена дека еден од основните елементи на тоталитаризмот е да се базира на едно движење. Движењето притоа не тежи кон вистинска политичка цел. Бидејќи ако таа цел се постигне, ќе исчезнат причините за постоење на движењето и со тоа би била загубена вистинската мотивација и движењето би загубило во сила.

Трамп самиот себе си се нарече гласноговорник на едно движење. Тоа е многу опасна позиција за еден политичар. Бидејќи тоа значи дека нему му е поважна мобилизацијата на населението отколку постигнување на одредена цел. Јас не знам дали тој тоа го разбира и го смета за важно. Кој знае воопшто која политика тој сака да ја спроведе или постигне, тој своето мислење го менува секој ден. Неговиот интерес повеќе се состои во тоа да ги воодушеви луѓето и да ги мобилизира. Тој тоа го користи, а тоа е опасно бидејќи постојано мора да ги преминува границите. Секој пат кога нешто ќе постигне ќе мора да најде нешто ново што доволно ги преминува границите и што е доволно шокирачко за да може и натаму да воодушевува и мобилизира. Хана Аренд за тоа била целосно свесна и заклучила дека таквите движења се посебно атрактивни во современото време. Тие се важни за нашето општество бидејќи движењата им даваат смисол на луѓето и на нивните животи.

Roger Berkowitz, Leiter des Hannah Arendt Center Bard College
Роџер БерковицФотографија: P. Mauney

Како тоа во нејзино време го образложила Хана Аренд?

Арендт во книгата „Елементи и потекло на тоталитарното владеење“ има напишано детално за потеклото на тоталитаризмот во модерното општество: немање татковина, осаменост и губење на корените. Нејзината генерација е прва генерација во светската историја која израснала без цврста вера во традицијата, религијата или семејните вредности кои порано на луѓето им давале поддршка во животот, велеше Аренд.

Поради таа причина, како што смета Аренд, животот е болен и тежок. И така ние често бараме поглед кој на нашите страдања ќе им даде значење, се прашуваме зошто поминуваме низ тоа, зошто живееме?

Има еден познат цитат на Ниче во кој тој вели дека може да се издржи секој вид болка додека сметаме оти за тоа постои причина. Хана Арендт вели дека таа болка во животот и губењето на значењето, кои настануваат од губење на религијата, традицијата, семејството и припадноста кон некоја заедница, доведува до тоа да се приклучуваме кон движења. На тој начин ги пронаоѓаме значењето и смислата на животот.

USA Präsident Donald Trump Telefonat mit Australiens Premierminister Malcolm Turnbull
Фотографија: picture-alliance/dpa/Pete Marovich/CNP/AdMedia

На светот, кој се состои од лаги, и кој ја задоволува нашата потреба за смисла во животот, му даваме предност во однос на светот кој не ни дава смисла, пишуваше Аренд. Тоа не доведува до можноста да го разбереме Трамп: тој на луѓето им нуди стабилен свет на лаги. Луѓето повеќе сакаат да веруваат дека постои некој кој може да не спроведе низ тешки времиња отколку да се соочат со хаосот од лаги на Трамп, неговата превртливост и неговите проблеми со реалноста.

Опасноста со која сме соочени е целокупната рамнодушност на Трамп кон реалноста и значењето на зборовите. Тој денеска може да каже нешто сосема друго и истовремено да го оспори тоа што го кажал вчера. Така настанува ризик од циничен однос кон заедничкиот јавен свет. Така е сосема возможно по Трамп да се појави некој полош од него.

Целта на „Центарот Хана Аренд за политика и хуманост“ во Њујорк е да поттикне политички дискурс на бестрашен и провокативен начин, целосно во смисла на филозофката Хана Аренд.