Контроверзна илустрација на Шпигел
6 февруари 2017„Шпигел не сака да провоцира никого", изјави главниот и одговорен уредник на Шпигел, Клаус Бринкбојмер за новинската агенција Ројтерс, притоа додавајќи дека е изненаден од вниманието кое го предизвика илустрацијата.
На насловната страница во најновото издание на Шпигел, објавено во саботата е прикажана илустрација на претседателот на САД, Доналд Трамп со крвав нож во едната рака и со главата на Статуата на слободата во другата. Описот на илустрацијата гласи: „Прво Америка“.
Трамп беше соочен со критики и осуди поради потпишувањето на извршната наредба со која им се забранува влез во САД на бегалците од седум доминатно муслимански земји во наредните 90 дена.
„Ние сакаме да покажеме дека ова е за демократијата, за слободата, за слободата на медиумите, слободата на правдата и дека сето ова е сериозно загрозено", изјави Бринкбојмер. „Ние ја браниме демократијата... Дали се ова сериозни времиња? Да".
„На нашата насловна страница американскиот претседател го обезглавува симболот кој им посакува добредојде на мигрантите и бегалците во САД од 1886 година, со демократија и слобода“, изјави Бринкбојмер за германската новинска агенција ДПА.
Бринкбојмер не коментираше кога беше прашан до кој степен илустрацијата била замислена да наликува на обезглавувањата на терористичката група Исламска држава.
„Тоа е обезглавување на демократијата, обезглавување на свет симбол“, изјави авторот на карикатурата Едел Родригез за Вашингтон пост, додавајќи дека тој сакал да направи паралела меѓу исламистичките екстремистички идеи и радикалните политики на Трамп.
„И двете страни се екстремистички, јас само правам споредба помеѓу нив“, изјави тој.
Трамп не е среќен
Трамп ги напаѓа политиките на Берлин од самото стапување на функцијата во јануари.
Тој изјави дека Меркел направила „катастрофална грешка“ со нејзината политика на добредојде кон мигрантите, а неговиот главен советник за трговија во минатата недела ја обвини Германија дека го користи „потценетото“ евро за да оствари предност пред партнерите од САД и од Европа.
Германската канцеларака Ангела Меркел беше главен сојузник на САД во Европа за време на мандатот на Барак Обама.
Одговорот на германските медиуми
Весникот Ди Велт напиша дека насловната страница му „штети на новинарството", додека Франкфуртер Алегемајне цајтунг потенцира дека „токму тоа му треба на Трамп – искривена слика за него, која тој може да ја искористи да направи уште поискривена слика за медиумите“.
Таблоидот Билд направи паралела со Мухамед Емвази, Британецот познат како „Џихади Џон“, кој се појави во неколку видеа со обезглавување на заложниците на Исламска држава. „Насловната на Шпигел е токму тоа што му треба на Трамп – искривена слика за него која може да ја искористи за дополнително искривување на неговата слика за печатот“, додавајќи дека таквите слики може да го засилат верувањето на подрржувачите на Трамп дека медиумите се против него и дека „тие се дел од естаблишментот, против кој, тој, наводно се бори“
Конзервативниот дневен весник Ди Велт, кој исто како Билд – припаѓа на издавачката група Аксел Шпрингер го критикуваше Шпигел дека го „девалвира новинарството“.
Насловната страница предизвика реакции и на Твитер.