Трамп во контранапад: „Здодевна и невистинита книга“
6 јануари 2018Мајкл Волф е тотален губитник, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер. Новинарот „измислува приказни, за да може да ја продава својата во суштина здодевна и полна со лаги книга“. Трамп му подели уште една порција критики и на својот поранешен главен стратег, Стивен Бенон, што дозволил да биде уценуван од страна на Волф, нарекувајќи го „неуредниот Стив“. Трамп на Твитер денеска уште додаде дека не се смета само за вистински умен, туку за „гениј“.
Сопругата на Трамп, Меланија, преку својата портпаролка порача дека скандалозната книга претставува чиста фикција - жолт печат во формат на книга.
Хаос во Белата куќа
Авторот Мајкл Волф во својата книга „Оган и бес: Во Белата куќа на Трамп“ дава мрачна слика на Трамповото претседателство - хаос и интриги во Белата куќа и претседател кој поради своите лидерски слабости е изложен на подбив од сопствените соработници. Делото содржи бројни цитати на најважните соработници низ кои се гледа нивниот сомнеж во способностите на претседателот.
Волф тврди дека Трамп и неговото најблиско опкружување до последен момент не верувале во изборна победа. Во ноќта на одлуката на претседателските избори, по првите прогнози, Трамп изгледал како да видел дух пред себе, а Меланија плачела, но не од радост.
Тилерсон во заштита на Трамп
Американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон во интервју за СиЕнЕн се стави во заштита на Трамп и изјави дека не гледа причина за сомнеж во неговите претседателски квалитети. Тој ги демантираше и тврдењата за ограничена концентрација и ментални способности на Трамп, причина за тој понекогаш предвреме да ги напушти средбите со високорангирани странски политичари. Тилерсон рече - нешто такво од претседателот никогаш не доживеал. Министерот ги поби шпекулациите за своја скора оставка, најавувајќи останување на функцијата до крајот на годинава.
Веднаш бестселер
Книгата „Оган и бес“, по предвременото излегување на пазарот, во рекордно време стана бестселер, на листата на онлајн-книжарницата Амазон уште од вчера се наоѓа на прво место. Трамп до последен момент преку своите адвокати се обидуваше да го спречи излегувањето од печат на делото. Издавачката куќа Хенри Холт на тоа одговори со издавање на книгата четири дена пред планираниот рок.
Мајкл Волф верува дека неговата книга ќе предизвика крај на мандатот на американскиот претседател. Во изјава за БиБиСи тој вели дека негов заклучок е дека Трамп не е подобен за таа функција и оти тоа станува сѐ пораширено мислење.