Трајанов: Една изборна единица да биде владин приоритет
9 декември 2021Темелна реформа на изборното законодавство да биде меѓу приоритетите на новата влада, кога пред пратениците ќе се презентира програмата за нејзината работа во периодот од 2022-2024 година, повикува лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
„При градењето на приоритетите, предлагам еден од врвните да биде и темелна реформа на изборното законодавство, при што да се подготви нов Изборен законик во кој ќе се дефинират основите за рамноправен политички натревар, да се елиминираат системските предности за четирите ‘големи партии’, потоа Македонија да биде една изборна единица, сo пропорционален модел и без изборен праг“, вели Трајанов.
Поддршка за ова ќе бара од пратеничките групи и независни пратеници. Барањето не го смета за притисок во време кога се прават контурите на новата влада, бидејќи уште од март годинава во парламентот чмае предлогот со кои се бараат измени и дополнувања на Изборниот законик.
Со оглед дека донесувањето на целосно нов Изборен законик е процес кој бара повеќе време, Трајанов смета дека сега интервентно треба да се донесат веќе предложените измени со кои се бара една изборна единица.
„Измените на Изборниот Законик кои се во собраниска постапка да се донесат до 15-ти јануари 2022 година“, повикува Трајанов.
Многу дебати, нула промени
Тој предлог пролетта беше поднесен од независни и од пратеници од ДС, ЛДП, Левица и ВМРО-НП.
„Со измените на Изборниот законик ќе се демонтира монополот на партиите кои 30 години владеат во државата, ќе се создадат услови за системски промени, за развој на демократијата, за реален одраз на волјата на граѓаните и ќе бидат основа за промени“, изјави тогаш Трајанов.
Покрај ова, тој денес повикува да бидат елиминирани и системските предности што ги добиваат четирите големи партии – и во однос на доминантната минутажа за нивно медиумско рекламирање и претставување, и во однос на средствата што ги добиваат за таа намена.
Иницијатива и дебата за промена на изборниот модел имаше и во 2019 година. И покрај ставовите дека со такви измени „највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата“, ништо конкретно се се измени, па и парламентарните избори во 2020 година се спроведоа без бараните измени. Иако тогаш на изборите учествуваа многу повеќе нови партии и коалиции, шансите за успех на новоформираните партии останаа симболични. Поддршката од големите партии за изборни измени остана само на декларативно ниво, и покрај тоа што работни групи претходно интензивно учествуваа во усогласување на ставовите по ова прашање.
Добитници и губитници
Со постојниот изборен модел со шест изборни единици и со распределбата на мандатите според Донтовата формула, на секој изборен циклус практично се губат околу 100 илјади гласови дадени за помалите партии. Во минатото имаше случаи кога некои партии освојуваа по 30 илјади гласови, но не добија ниту едно пратеничко место, бидејќи гласовите им беа расцепкани во повеќе изборни единици, а не сконцентрирани во една. Кога базата би била една изборна единица, тогаш би имале многу поголеми шанси.
Додека за помалите партии тоа е е причина „за“ измени, за големите партии тоа не е искрено посакуваната варијанта. И покрај декларативната поддршка на вакви инцијативи од нивна страна, практично тие не се заинтересирани да го прекинат монополот врз гласовите кој им го обезбедува досегашната распределба. Резултатот од тоа е помалку шаренолик парламент, помала инклузивност и доминантен бипартизам во македонскиот и албанскиот блок. Поради ваквиот редовен исход, помалите партии со години се принудени политички да „преживуваат“ преку учество во коалициските омнибуси на големите партии, наместо самостојно да се факторизираат, но во поинакви, рамноправни избори услови.