1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тркалезна маса во Укрина-втор обид

ЖА/ард/дпа/афп/ртре17 мај 2014

Во Харков денеска се одржува втора тркалезна маса за решавање на украинскиот конфликт. На неа повторно не се поканети проруските сепаратисти. Американскиот претседател се заканува со натамошни санкции кон Русија.

https://p.dw.com/p/1C1eJ
Фотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

На средбата во Харков треба да присуствуваат пратеници и владини политичари, како и претставници на верските заедници и цивилното општество, меѓу кои и поранешните украински претседатели Леонид Кравчук и Леонид Кучма. Разговорите ги води германскиот дипломат Волфганг Ишингер, на барање на ОБСЕ. И на втората рунда на разговорите не се поканети претставници на вооружените сепаратисти, како ни на првата.

Украинскиот министер за одбрана Андреј Дешчицја има образложение: „Нема да се разговара со вооружени лица кои се однесуваат како терористи“. На средбата не учествуваат ни претставници на Москва.

„Ова не е работа на Русија или други држави, се работи за внатрешни работи на Украина“, изјави министерот.

Олигархот воведува ред

Ситуацијата во источна Украина останува непрегледна. Во градот Мариупољ работниците од две фабрики за челик во градот се грижат за редот и ги протеруваат сепаратистите од улиците. Двете челичани му припаѓаат на олигархот Ринат Ахметов, кој очигледно наредил во градот да завладее мир.

Ostukraine Krise Slowjansk 15.05.2014
Фотографија: Vasily Maximov/AFP/Getty Images

Од Доњецк пак се јавува дека вооружени луѓе зазеле објект на украинското министерство за внатрешни работи, а украинските сили за безбедност не пружиле отпор.

Околу 250 жртви

Според проценките на ОН, од избувнувањето на украинскиот конфликт во ноември 2013 година, убиени се околу 250 луѓе. ОН и ОБСЕ обвинија за сериозни прекршувања на човековите права во Украина. Во нивните извештаи како посебно критична се оценува ситуацијата во источна Украина, како што вчера изјави Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај.

Во извештајот се набројуваат „конкретни примери на убиства, мачења, киднапирања, малтретирања и некои случаи на сексуални напади, извршувани од добро организирани и вооружени антивладини групи во источниот дел на земјата“. Во документот се осудува исто така „малтретирањето и прогонувањето“ на кримските Татари на Крим.

Обама се заканува со проширени санкции

Американскиот претседател Барак Обама ѝ се закани на Русија со дополнителни санкции ако не прекине со провокациите и дестабилизирачкото однесување во Украина. Тој за ова разговарал телефонски со францускиот претседател Франсоа Оланд. Обама истовремено ги пофалил напорите на привремената влада во Киев да ја обедини повторно земјата преку претседателските избори закажани за 25 мај.