Трпеливиот Прибе на крај на баладата
16 февруари 2017Сред сета какофонија на политички имиња, партиски кратенки, платформи, обвинувања, збрки и спин-галами, една единствена реченица беше доволна за да ја разјасни смислата и логиката на хаосот во кој се наоѓаме. Куса и едноставно срочена, реченицата допира во сржта на проблемот, потсетувајќи ја јавноста дека нашиот „гнев треба да биде вперен во друг правец: кон длабоката, тајна држава која ја има искористено темата на корупцијата за расчистување сметки со нејзините непријатели, ги подрива основните права и ја институционализира злокобната врска помеѓу судството, тајната полиција и антикорупциските единици”. Во секој поглед, не верувам дека е можна поелегантна и поотрезителна дескрипција на состојбата кај нас.
Со таа разлика што цитираната реченица не се однесува на нас, туку е дел од коментарот на угледниот лондонски Тајмс за состојбата во Романија и тамошната побуна против обидите за институционализација на криминалот и корупцијата на власта, при што „борбата против корупцијата се смета како стратешка цел за задоволување на критичарите во ЕУ и САД”. За возврат, одговорот од ЕУ е во форма на „искажување солидарност преку затворање очи.” Како последица на таквиот приод од ЕУ, „Романија и Бугарија остануваат ранливи, додека пак Владимит Путин гледа отстрана со задоволство. Тоа е трагедијата на добронамерната политика на проширување на ЕУ - никогаш достаточна за реформа на општествата”, заклучува Тајмс.
Длабока, тајна држава
Сличностите помеѓу описот на состојбите во Романија и оние кај нас ниту се изненадувачки ниту пак случајни. Впрочем, колку и да е шокантна помислата дека терминот „длабока, тајна држава” (досега користена за арапски, африкански и јужноамерикански хунти) сѐ уште може да се употреби во денешното совремие и во контекст на земји членки на ЕУ, ние осудените на живеење во реалниот свет сме одамна навикнати да истата ја примиме со лефтерно спуштање раменици и лаконски одговор „е машала, Западот повторно открил топла вода”. Таа реалност на посткомунистичките општества е фактичка константа на политиката на паралелни светови – оној кој се случува во сивилото во кое сме оставени од оваа страна на стаклената (телевизиска) преграда низ која се џариме и ѕиркаме во другиот свет на западни и домашни дипломати додека се чукнуваат со кристални чаши на славење на „успешни реформи” и пофалби за „млади демократии”.
Радува, затоа, и дава мала надеж тоа што некој на Западот конечно се осмели болеста на Романија да ја дефинира со „политички унисекс” терминологија за суровите последици на феноменот „длабока држава” во посткомунистичките општества на Балканот, вклучително Македонија. И посебно Македонија, во која влијанието на длабоката, тајна држава како никогаш досега се препознава низ тековните бури во чаша вода.
На прво место според видливоста и бурноста во јавноста, тоа се однесува на дебатите за постоечките Платформи и оние во најава, проследени со жестоки дебати про и контра. Кои на крај се сведуваат на размена на перцепции и „начуени толкувања”, а притоа сосем мал е бројот кој истите ги имаат прочитано (и според напишаното, а не толкуваното) достојно промислено. Што пак сосема се вклопува во духот на времето денешно во кое мислењето е неспорно додека пак фактите се алтернативни. Во очекување на појавата на македонската Платформа како пандан или одговор на албанската, нејзината необјавеност очигледно (и апсурдно) не е доволна базично-логична пречка за автоматско отфрлање и од старт покопување како зло писание. Со што во основа се повторува истата состојба како и со албанската Платформа, која (претпоставувам) слично со најавената македонска, не боледува толку од напишаното, колку од сомнежот во мотивите на оние кои ја имаат составено. Накратко, да го повторам ставот изнесен по објавата на претходната платформа, очекуваната објава на македонската Платформа треба да се поздрави, но не може да се поддржи токму поради ликовите кои ја имаат составено. Сепак, во тој паритет помеѓу платформите, албанската Платформа се отсликува со тоа што ја потврдува тезата дека албанскиот политички фактор во земјата сѐ уште ја има моќта за предизвикување иницијална енергија на дебата и реформска промена, за разлика од најавениот статично-дефанзивен дух на македонскиот пандан.
СЈО во матни води
Вториот камен на сопнување во домашните дебати - судбината на СЈО - штотуку навлезе во уште поматни води, заматени по мерка на полит-партиските сомови. Вчерашната изјава на Катица Јанева со која потврдува дека целта на нејзината работа е криминалната врхушка во власта, секако не може да се смета како изненадувачка, но пак затоа со полно право заслужува да се оцени како несфатлива и збунувачка. Пред сѐ поради фактот што Јанева со сопствена уста го потврди обвинувањето на Никола Груевски во неговото последно интервју дека „СЈО ја гони само ВМРО-ДПМНЕ, но не и ДУИ и СДСМ”, и поради фактичката состојба што нејзиниот приод очигледно наликува како пандан на оној на Зврлевски чии обвинувања се со однапред отпечатени кратенки на СДСМ, но не и на ДУИ, а камоли за ВМРО-ДПМНЕ. По вина на Јанева, досегашното прашање дали СЈО е формирано единствено со цел за борба на криминалот во ВМРО-ДПМНЕ се заокружува со загрижувачка констатација дека наместо борба против криминалот и корупцијата како принцип на владеењето на правото, на сцена веќе имаме состојба на двотактна политичка мнозинска интерпретација на правото и законите и популистичка манипулација на санкциите за партиски цели.
Претходните два пасуса за природата на Платформите и поставеноста на СЈО би биле ништо повеќе од теориско „разглабање“, доколку не разјасниме дека во суштина станува збор за двата клучни столба на земјата: на внатрешен план отсликани врз меѓуетничките односи и владеењето на правото, додека на надворешен план задира во „пиле-или-кокошка“-дилемата за предност на стабилноста или демократијата. И додека Платформите се злоупотребени од страна на потписниците за сочувување на партиските доминации во власта, работата на СЈО сѐ повеќе станува заложник и жртва на судирот на концептот на САД во прилог на стабилноста по цена на демократијата, во контраст со приодот на Германија, според кој стабилноста е дологорочно невозможна без демократски стандарди и владеење на правото. И следствено, членство во ЕУ.
Таквото разјаснување на длабочинската смисла на тековните спорови не е само илустрација за домашните сличности со кризата во Романија, туку и потсетник за круцијалното влијание на "длабоката држава” врз сеопштите сегашни и идни состојби во земјата. Кои засигурно нема да бидат ниту надминати, ниту приближно разрешени доколку вниманието не се врати на самиот зачеток на обидите за реформа на земјата. И таму, на тој зачеток, во Платформата на Прибе ќе ја разбереме причината за манипулативната злоупотреба на Платформите, селективните правдини на Зврлевски и Јанева, како и разжестеноста на тајната длабока држава подготвена на сѐ – за да ја обезбеди сопствената доминација.
Враќање на фокусот кон Прибе
Пожелно е враќањето на фокусот на јавноста кон суштината на Платформата Прибе да започне со мала, но суштинска ревизија, така да редоследот на реформските приоритети се врати во првичната верзија на Извештајот, во кој реформата на тајните служби бил на врв на листата како клучен приоритет, за разлика од сегашната, во која реформата на судството е на челно место. Но колку што таквото барање е едноставно, дотолку е покомплицирано прашањето - кој би ја презел таквата обврска? Партизираноста на администрацијата секако ја исклучува можноста владините институции – вклучително и Претседателот - да побараат таква интервенција. Кус поглед врз поведенијата на големите партии потврдува дека е илузорно дека тие би презеле таков чекор со кој би се ставиле себеси на тапет. Единствена можност е влијателните членки преку ЕУ и НАТО да издејствуваат таквата рокада на приоритети да стане капитален и клучен предуслов за каква било натамошна соработка со земјата. Мал чекор, но во вистински правец.
Сумирано, атрактивноста на тековните дебати за Платформите, ЈО и СЈО е секако занимлива за следење и медиумско „разглабање“, но реално гледано, ниту сплотени ниту поединечно, тие не можат и не нудат излез од сегашната состојба. Напротив, парцијалните и еднодимензионални приоди гарантирано водат кон понатамошно комплицирање на состојбите. Токму затоа, Платформата Прибе ја дијагностицира заемната болка и воедно се нуди како заеднички именител за хируршкиот рез на кој, кога тогаш, ќе мора да се подложиме себеси. Важноста на искрената и отворена борба против криминалот и корупцијата, а пред сѐ спрегата помеѓу тајните служби, судството, полицијата и политиката е не само поголема од важноста на политичките партии, на Зврлевски и Јанева, туку и од самата држава. Се разбира, доколку навистина сакаме да ја спасиме земјата и иднината.