1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трпението кон Грција е при крај

Кристоф Хаселбах/превод:БГ20 март 2015

Грчкиот премиер Алексис Ципрас се најде изолиран како никогаш досега на мини-самитот на ЕУ посветен на грчката финансиска криза, смета Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1EuQ7
Фотографија: Reuters/E. Dunand

Ципрас повторно се обиде да издејствува повеќе пари од меѓународните кредитори, ама по можност без услови. Но, повеќе од било кога тој загриза во гранит. Во неговата земја водата стигна до грло. Без нови кредити неликвидноста е само прашање на недели. Во својата неволја Ципрас се избори кај домаќинот, претседателот на Советот Доналд Туск, да организира посебен состанок со Меркел, Оланд и со главните претставници на ЕУ, на која, според неговите претстави, требаше да се најде „политичко“ решение. За Ципрас „политичко“ всушност значи: да се заобиколат постојните правила. А тие правила се потполно јасни и не се од вчера: Грција ќе добие помош, но затоа мора да штеди и да спроведува реформи, за еден убав ден повторно да застане на сопствени нозе.

Каде се плановите?

Тоа беа условите уште од првиот пакет со помош од 2010 година. На 20 февруари годинава министрите за финансии на еврозоната направија уште една отстапка: втората програма за помош, која всушност требаше да заврши, беше продолжена за уште четири месеци. Но еврогрупата сѐ до денес сѐ уште чека на конкретни предлози како грчката влада има намера да ја подобри својата финансиска состојба. Сосема спротивно од тоа, без договор со доверителите, Атина воведе нови социјални издатоци кои дополнително ќе го оптоварат буџетот. Паралелно со тоа, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис практично ги навреди сите оние кои и’ се потребни на Грција како сојузници, дури и Европската централна банка. Неговото преценување на сопствените вредности очигледно ги надминува сите граници.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Одлучува само еврогрупата

Всушност можеше и да се предвиди дека, под овие претпоставки, овој мини-состанок во Брисел нема да донесе никаков договор за новата итна помош за Грција. Уште еднаш е договорено, иако тоа беше само по себе разбирливо, дека Грција овојпат „во рок од неколку дена“ ќе претстави план за реформи.
Но, Ципрас не го стави на тежок тест трпението на своите европски партнери само затоа што „ништо не понуди“. Причината е и формата на овој состанок, имено, обидот да се заобиколат постоечките процедури. Особено малите земји од еврозоната, како Белгија и Холандија, воопшто не се задоволни што не беа поканети за овој состанок, иако и тие учествуваат во програмата за помош, токму како и оние од „тешка категорија“, како Франција и Германија. Единствениот форум каде што се одлучува за такви нешта е собирот на претставниците на сите земји од еврозоната.

Нова верност кон принципите

Грчката влада пред сопствената публика честопати така ги поставува работите, како во нејзината „борба“ против мерките за штедење да се бори само и исклучиво со Германија. Тоа, секако, никогаш не било така. Финска, Холандија или Австрија, се’ едно - и останатите веќе го губат трпението. А токму на овој состанок се виде колку е Атина осамена. Ципрас и неговите луѓе всушност успеаја да придонесат за нова верност кон начелата меѓу членките на заедничката валута. Франција, Италија или Шпанија порано се обидуваа заеднички да се спротивстават на, како што сметаа, едностраната политика на штедење. Денес веќе никој на ниво на европските влади не го брани Ципрас. Сите инсистираат на тоа, дека договорените правила мора да се почитуваат.
Не станува збор за изолација на Атина по нејзина сопствена волја. Но, Ципрас веројатно конечно сфати дека со својата досегашна тактика нема да помине. Доколку и сега ништо не испорача, тогаш се чини дека на Грција веќе не може да и’ се помогне.