Тунис „се сели“ во Италија!
14 февруари 2011Италија смета на уште поголем број бегалци од Тунис кои се надеваат на работа во Западна Европа. По соборувањето на власта во Тунис практично запре и контролата на морското крајбрежје и илегалните имигранти без поголеми проблеми успеваа во последниве денови со мали бродови да дојдат до италијанскиот остров во Средоземното Море, Лампедуза.
Поради големиот прилив на бегалци тамошните власти повторно го отворија бегалскиот камп на островот а италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони најави невообичаен чекор:
„ Ќе го замолам тунискиот министер за надворешни работи да даде дозвола во Тунис да испратиме италијански полициски сили. Тоа е единствен начин да го запреме бранот бегалци зашто таму владее целосен хаос, во моментов нема контроли и затоа е можно масовно бегство“ , рече Марони.
Владата на Тунис меѓутоа веднаш го одби ваквиот предлог на Италија . Тоа е неприфатливо и контролата на сопственото крајбрежје лежи во рацете на туниските власти, изјави портпаролот на владата во Тунис за телевизијата Ал Арабија.
Во потрага по работа
Бегалците пак кои од Тунис се обидуваат да стигнат до италијанскиот брег се главно млади мажи кои бараат работа. Еден од нив вели: „Јас сум од едно место на југот од Тунис. Тргнав во Европа да барам работа, во Италија, во Франција, каде било во Европа“.
Во изминатите пет денови на островот Лампедуза дојдоа најмалку 5000 бегалци од Тунис и нивната бројка постојано расте. Само во ноќта меѓу саботата и неделата туниската крајбрежна стража запре 1100 луѓе тргнати на пат кон Европа. Италија прогласи вонредна состојба на Лампедуза со оглед на хуманитарната катастрофа што се заканува. Министерот за внатрешни работи Марони најави дека сите бегалци ќе ги врати назад во Тунис.
ЕУ повикана на одговорност
Со оглед на драматичната ситуација на Лампедуза, италијанските власти но и хуманитарните организации сега ја повикуваат ЕУ да се вклучи во решавањето на проблемот:
„ И останатите италијански бегалски кампови во кои се пренесуваат бегалците од Лампедуза се полни. Важно е на вистински начин да му се пристапи на проблемот а притоа Европа би требало да игра голема улога“, вели Симона Москиарели од Меѓународната организација за миграција.
Во слична насока беше и апелот на министерот за внатрешни работи Марони:
„ Особено загрижувачки е тоа што има десетици илјади лица кои се подготвени да испловат од тунискиот брег. Владата во Тунис не е во состојба да ја контролира ситуацијата. Постои опасност од вистинска хуманитарна катастрофа, која би можела да го погоди италијанскиот брег во наредните денови“.
Автор: Штефан Трендле/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска