1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капитални инвестиции: тури-претури за спас на економијата

Костадин Делимитов
25 септември 2020

Недоволната институционална способност за реализација на капитални проекти ѝ овозможува на власта побезболно финансирање на антикризните мерки. Бизнисот апелира за рационално кратење а максимално реализирање на буџетот.

https://p.dw.com/p/3izRc
Global Ideas | Symbolbild Wirtschaftswachstum
Фотографија: Klaus Ohlenschläger/picture-alliance

Старата институционална болка на македонската економија станува нов лек за интервенција и санирање на последиците од кризата што ја предизвикува Ковид -19 пандемијата. Минусот во реализацијата на капиталните инвестиции годинава сепак ќе премине во плус, односно парите ќе се потрошат, но за директна помош на граѓаните и на стопанството.

Според досега потрошеното, или неискористеното, на власта ѝ стојат на располагање дури 192 милиони евра од планираните 318 милиони евра за капитални инвестиции. Оваа сума е повеќе од доволна за покривање на две третини од сумата колку што според пресметките би требало да тежи четвртиот пакет мерки. Но колку реално и ќе се пренаменат средства, ќе се знае откако ќе се финализира предлогот за ребаланс на буџетот. Од она што досега е познато, мерките ќе се финансираат преку пренамена на непотрошеното или неискористените пари за капитални проекти, неискористените средства од задолжувањето годинава, кое досега изнесува 1 милијарда евра, а можеби и преку дополнителен заем: 

„Ќе видиме за реалокација на средствата и евентуално дополнително финансирање, дали ќе биде од резервната база од буџетот или ќе има дополнителен заем. Тоа ќе се финализира последниот ден кога ќе знаеме колку можеме да кратиме од актуелниот буџет. Но, пакетот мора да има сигурно финансирање, макар и со јавен долг“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Помало зло

Додека власта пресметува, бизнисот преживува. За стопанствениците е клучно да се реагира брзо и ефикасно. Не се среќни што повторно страдаат капиталните проекти кои по правило треба да генерираат раст, но не гледаат ниту којзнае колкав простор за поефикасен маневар во моментов:

„Ова со капиталните инвестиции сигурно дека не е добро и сигурно дека е подобро тие да се реализираат. Но од друга страна пак на Владата ѝ фалат пари за помош на стопанството за покривање на штетите од Ковид- 19 и затоа во моментов ѝ е многу поедноставно да земе од тие ставки, да ги намали со ребаланс, затоа што е свесна дека во секој случај нема да може да се реализираат. Едноставно таа признава дека не може да се реализираат и во такви услови, сакале или не, подобро е тоа решение отколку парите да останат и да не се искористат, а да се земаат нови кредити за помош на стопанството. Така што ова е зло без кое не се може, еден вид помало зло кое се бира“, смета Ангел Димитров, претседател на организацијата на работодавачи.

Повеќе:

За успешен мултиетнички бизнис треба политика на интеграција, а не на популизам

Програма на Владата: План за рестарт

Несовесноста ќе ја дотепа и економијата!

Мартенс: Корона-кризата може да биде шанса и за земјата и за фирмите

Таргетирана или директна поддршка

Досегашните три пакети мерки за помош ја санираа состојбата но само делумно. Новиот сет мерки според Владата ќе биде таргетиран. Економските мерки што покажале резултат ќе продолжат, но ќе се редизајнираат за поголема ефикасност. Ќе се темелат на три столба, социјалниот и здравствениот аспект, на економијата и вработувањата и одржување на макроекономската и фискалната стабилност. Дел од стопанствениците сега бараат директна поддршка:

„Пораката на Сојузот е нашите 25 мерки за економски спас да се реализираат според утврдените приоритети со директна помош за претпријатијата, а не со социјални мерки бидејќи тој пристап е неодржлив, односно не создава нова додадена вредност. Приоритет треба да биде наменско и рационално искористување на буџетските средства, сѐ со цел да се обезбеди стабилност во економијата. Без очекуваната директна помош како фискален стимул, проекциите се лоши", предупредува Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори. 

Symbolbild Bilanz
Фотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

Лошо таргетирање

Дел од стопанствениците критикуваат и за лошо таргетирање на приоритетите. Овој проблем според дел од нив се влече со години и само дополнително го забавува реалниот капацитет за развој на економијата:

„Постојано велиме дека треба да се инвестира таму каде има можност за развој. А ние што правиме, местата со капацитет ги запустивме, посебно во западниот дел на државата и тоа од секаков аспект. Факт е дека досега на овој план повеќе се гледа популистички и се планираат инвестиции повеќе за добивање гласови. Затоа не треба да се чудиме кога се бараат и мултиетнички буџети за кои слушавме во минатото. Но тоа не треба да биде така, туку треба да сме сведоци на дистрибуција според приоритети, според визија, стратегија која за жал ја немаме“, реагира бизнисменот Мендерес Кучи.

Слаба администрација

Она што дополнително ги загрижува стопанствениците е недоволната ажурност во надминување на системските слабости. Предупредуваат дека фактот што Ковид -19 годинава ги јаде парите за капиталните проекти нималку не смее да биде оправдание за неажурноста со вирусот кој со години ја парализира економијата-слабата и неефикасна државна администрација:

„Очигледно е дека нашата администрација е далеку од професионална и обучена, таму седат многу неспособни партиски кадри и со промена на секоја влада доаѓаат нови кадри и се почнува од ново. Тоа е рак рана не само за капиталните инвестиции, туку и воопшто за услугите кои се неефикасни и се пречка за приватниот сектор. Сѐ додека се мисли повеќе на партијата, а помалку на бизнисот ќе имаме проблем, тоа мора да се смени оти вака повеќе не може“, предупредува Димитров.

И покрај сериозниот предизвик и проблеми, од Владата велат дека реализацијата на капиталните инвестиции ќе продолжи со сериозна динамика. Сепак, податоците од Министерството за финансии се депримирачки. Тие покажуваат дека заклучно со август, за капитални инвестиции се потрошени 126 милиони евра, или само 39,5 отсто од вкупниот износ предвиден за оваа година, кој изнесува 318,6 милиони евра. Ако се има предвид дека за осум месеци не се потрошени ниту половина од планираните пари, станува јасно дека планот за јавни инвестиции оваа година е невозможно да се исполни.