Туризмот - важен стопански фактор
11 март 2012Меѓународната туристичка берза (ИТБ) во Берлин (07-11.03.2012) е најголем саем за туризам во светот. Земја-партнер годинава е Египет. Министерот за туризам Мунир Факри Абдел Нур во Берлин агитира за својата држава - малку земји во светот, вели тој, можат да понудат 360 сончеви денови во годината и толку многу култура, плажи и авантури. „Повеќе од една деценија туризмот е еден од столбовите на египетската економија. Со прилив од 12,5 милијарди долари во 2010-та година туризмот беше втор најголем извор на девизи, а секое седмо работно место зависи од него“, вели Нур. Затоа развојот на туризмот ќе остане приоритет на политиката, независно од тоа кој е на власт, проценува министерот и нагласува дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за создавање соодветна инфраструктура, за во 2017-та година да биде достигната целта од 30 милиони туристи годишно. А тоа значи тројно зголемување во однос на бројот на туристи што лани го посетија Египет. Со оглед на конкуренцијата во всетот - амбициозна цел.
Германските туристи ќе ја одминат Грција?
Бројката од 10644 излагачи на саемот од 187 земји зборува дека браншата доживува бум. На ИТБ е забележително присуството на Грција. Со оглед на драматичната економска состојба, на земјата и’ се итно неопходни приходите од туризмот. Но, постојаните протести и безредија одвраќаат многумина потенцијални посетители. Германците, кои и годинава ќе бидат шампиони во патувањата во светот, на пример побргу ќе ги посетат Шпанија, Хрватска или Турција, отколку Грција. Но, Јирген Бихи, претседател на Германското туристичко здружение, сепак смета дека е прерано за проценки какво ќе испадне летото за таа земја: „Грција може да смета на верноста на многумина традиционални гости и на лето е една од десетте најомилени дестинации“. Бихи нагласува и дека на островите и на плажите на Пелопонез, каде што главно одат туристите, нема ни трага од протестите.
Лани туристите ја избегнуваа Северна Африка и Грција профитираше од тоа. Но, по изборите Тунис повторно станува привлечен, што се одразува и во многу добрите бројки на резервациите годинава.
Најомилена дестинација на Германците е - Германија!
Германците минатата година за патувања и одмор во странство потрошија околу 61 милијарда евра. Освен класичните европски дестинации, расте интересирањето и за Карибите, САД и многубројни туристички цели во Азија. Но, најомилена дестинација за нив беше и останува сопствената земја. Лани дома е зголемен бројот на ноќевањата за 4 проценти, што е нов рекорд. За тоа секако придонесоа и посетителите од странство, на кои отпаѓаат 16 насто од сите ноќевања. „Проценуваме дека во 2012-та година ќе биде пробиена границата од 400 милиони ноќевања. Соодветно на тоа, угостителската бранша прогнозира пораст на приходот од два до три проценти. Во воздухопловниот сообраќај сметаме дека ќе биде достигната бројка од 200 милиони патници на германските аеродроми“, потенцира Клаус Лепле, претседател на Сојузното здружение на германското туристичко стопанство.
Туризмот меѓу клучните бранши во германската економија
И покрај таквите факти и извонредните перспективи, туристичката бранша се чувствува оставена на цедило од страна на политиката. Воздухопловна такса помеѓу 8 и 45 евра по патник, комунални даноци за ноќевање по кревет, покачување на данокот за речни крстосувања со брод од 7 на 19 проценти - политиката како да е посебно настроена уште повеќе да ги оптоварува туристичката бранша и нејзините муштерии, а добивката и онака е минимална, вели Лепле. Со тоа е согласен и Јирген Бихи: „Оваа многу стабилна и токму во кризни времиња економски успешна бранша веќе не може да поднесе натамошни оптоварувања“. Според него, туристичката бранша во Германија придонесува повеќе во создавањето нова вредност отколку автомобилската индустрија и со тоа е една од клучните во германската економија. Во туризмот работат околу три милиони луѓе, односно седум проценти од сите вработени во Германија.
Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска