1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Турската улица“ не се плаши од неонацистите

20 ноември 2011

Поминаа седум години. Денес се знае дека експлозијата на бомба во Келн на Којпштрасе била организирана од неонацистичка терористичка група. Жителите на оваа улица не се изненадени.

https://p.dw.com/p/13Dtf
Келн, Којпштрасе 2004 годинаФотографија: AP

Сосeма вообичаено попладне на Којпштрасе. Продавниците се отворени, рестораните ги чекаат гостите на вечера. Насекаде се слуша и се зборува турски јазик. Оваа улица во Келн е позната и како „Турската улица“, а името доаѓа поради жителите во населбата. Деновиве тие се загрижени, меѓутоа со олеснување се прима сознанието дека бомбашкиот напад пред седум години го извела неонацистичка терористичка организација, а не Турци како што претпоставуваа некои. „Уште тогаш велевме дека позадината на нападот е ксенофобија, и ги повикавме властите истрагата да ја водат темелно“, велат жителите на улицата.

Нападот се случи на 9 јуни 2004 година, во фризерскиот салон „Куафер Езкан“. Тогаш се претпоставуваше дека нападот го извела курдската терористичка група ПКК или станувало збор за внатрешна пресметка меѓу турската мафија. Повредени беа 22 лица. Сите луѓе кои живееја на оваа улица беа во шок. 23-годишната Езнур Езкочачик добро се сеќава на овој ден. „Можеше само да се види како луѓето лежат на земја. Се слушаа врескотници. Многумина плачеа. Постоеше сомневање дека има уште една бомба и никој не можеше да си оди дома. Се’ беше заградено. На почетокот мислевме дека зад нападот стојат Курдите, оти имаа некои несогласувања, токму таму во фризерскиот салон. Меѓутоа, потоа ни‘ стана јасно дека нема никаква поврзаност со нив.“ Младата девојка која израснала на Којпштрасе, со олеснување ја прима информацијата кој стоел зад овој напад. Страв од неонацисити нема. На Којпштрасе се чувствува добро и безбедно. Единственото прашање кое се наметнува е: „Зошто мораа тоа да го сторат?“

Deutschland Türkei Keupstraße in Köln
Фризерскиот салон „Куафер Езкан“Фотографија: DW

Јакуп Арслан, златар од Којпштрасе е среќен што се докажа дека жителите се невини. Имено, тогаш и жителите на оваа улица беа осомничени. Тој се сеќава дека фризерот Езкан Јилдирим со денови бил испрашуван од полицијата. „Тогаш полицијата изврши голем притисок врз нашиот пријател. Тие сметаа дека зад овој случај стои турската мафија или ПКК. Меѓутоа, сега се дозна дека бил некој друг. Нас жителите и трговците од Којпштрасе ова многу не‘ радува. Имено, ни‘ пречеше што меѓу нас ги бааа одговорните за нападот.“

Одговорноста на властите

Многу жители на Којпштрасе сметаат дека властите не ја воделе истрагата темелно, за да ги пронајдат одговорните за нападот. Тие сметаат дека било незамисливо во земја како Германија сторителите да не бидат фатени. Оттука се наметнува прашањето: зошто трае толку долго да се расветлат девет убиства врз мигранти и експлозија со бомба, кога биле органзирани од иста група? Преведувачот Санчак Топал отворено вели: „Затоа што германските власти не сакаат. Главно, помалку странци. Тоа е вистината. Ако Германците сакаат да ги пронајдат ваквите убијци и атентатори, веднаш ќе го сторат тоа. Но, тие немаа интерес, не се ангжираа.“

Deutschland Türkei Keupstraße in Köln
Санчак ТопалФотографија: DW

Бахри Кајакиран, вработен во една златарница исто така изразува сомневање зошто истрагата траела толку долго: „Многу жители и трговци, две години по нападот велеа ’има луѓе кои не сакаат да се расветли нападот’“. Според негово мислење бил направен обид населбата да се означи како „криминално милје“. Страв од неонацисти нема ниту тој. Но непријателството против странците е факт во Германија и турската заедница е подготевна на напади. „Знаеме дека секој момент може нешто да се случи.“

Улица како во Турција

Во Којпштрсе се чувствувате како во Турција. Има продавници, ресторани, продавници за музика, кафулиња за мажи, деца на улиците и насекаде слики кои потсетуваат на Турција. Иако се зборува повеќе турски отколку германски и се дискутира повеќе турската политика, жителите на оваа улица бараат рамноправен третман со другите луѓе во Германија. Знаат дека само овие неколку денови ќе ги посетат политичари и новинари, а потоа повторно ќе паднат во заборав. Еден трговец, кој сака да остане анонимен вели: „Не сакаме да бидеме инструментализирани. Политичарите и новинарите ќе доаѓаат неколу денови и ќе исчезнат, а вистинските проблеми ќе останат нерешени. Протестирам против тоа“. Тој и многумина други жители бараат веродостоен ангажман, праведност и рамноправност. По седум години е јасно дека тие не се сторителите. Кои се вистинските сторители се’ уште не е утврдено со сигурност.

Deutschland Türkei Keupstraße in Köln
Жителка на „Турската улица“ во КелнФотографија: DW

Автор: Башак Езај / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска