1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнителен економски бум на Турција

Јулија Хан
9 јануари 2018

Вонредна состојба, апсења, нестабилен регион - последните години беа турбулентни за Турција и за нејзината економија. Па сепак, владата се фали дека економијата расте со двоцифрени стапки. Што се крие за тоа?

https://p.dw.com/p/2qYYL
Türkei Istanbul modernes Geschäftszentrum Levent
Фотографија: picture alliance/blickwinkel/imagesandstories

Мурат Актепе внимателно балансира додека носи послужавник со чаши чај. Веќе 4 месеци работи како помошник келнер во едно кафуле во истанбулската населба Галата. Не можел ни да сонува оти некогаш ќе мора да услужува гости во туѓо кафуле. До летото 2017 година овој 43-годишен човек поседувал мал хотел. Но, погоден од економската криза, неговиот хотел банкротирал и морал да го продаде многу евтино.

„Многу е лошо чувството кога паднеш вака ниско. Ми изгледа дека цели светови го делат мојот поранешен и мојот сегашен живот“, вели Актепе. Ги загубил самодовербата и гордоста. „Во мојот хотел главно имав гости од Европа, но веќе 2 години ретко кој Европеец доаѓаше тука - во еден момент бев само во загуба.“

Повеќе на темата:

-Турската креативна статистика

-Турција: Лирата и берзите на удолница

-Туризмот во Турција само со гребнатинки

Türkei, Infaltion in Istanbul
Мурат АктепеФотографија: DW/J.Hahn

Несигурноста ја загрозува економијата

Многу мали турски претприемачи ја делат истата судбина. Во главната истанбулска трговска улица Истиклал, која е инаку полна со живот, може да се види дека продавниците едноставно исчезнуваат. „Киралик“- „се изнајмува“, пишува на излогот. Сега само големите модни куќи и синџирите на ресторани можат да опстанат тука.

Еден од основните проблеми е распространетата несигурност, вели економистот Атила Јешилада. „На луѓето им е преку глава од вонредната состојба, бидејќи тоа едноставно ги одбива инвестициите.“ Вонредната состојба е во сила од неуспешниот државен удар во јули 2016 година, за кој турската влада го обвинува проповедникот Фетула Ѓулен. Оттогаш односите со Вашингтон, но и со Европа, се затегнати, а инвеститорите се повлекуваат.

Освен тоа, тука е и мамутскиот процес поради незаконски трансакции меѓу Турција и Иран, поради кој судот во Њујорк прогласи за виновен еден турски банкар. Во овој политички чувствителен процес на неколку турски банки им се закануваат казни во милијарди долари. „Владеачката АКП некогаш за многу Турци претставуваше партија на надеж - имаше визија и за економската иднина на земјата“, вели Јешилада. „Сега тоа е партија на стравот. Она што ги обединува нејзините избирачи е стравот од Запад, од Ѓуленовите симпатизери и од Работничката партија на Курдистан. Сето тоа не е добра основа за напредок на земјата.“

Türkei, Infaltion in Istanbul
Фотографија: DW/J.Hahn

Лирата сѐ послаба, нервозата сѐ поголема

Инфлацијата во Турција е на највисоко ниво во последните 14 години, а вредноста на лирата е сѐ помала - иако Централната банка на Турција неодамна ја зголеми референтната каматна стапка. Едно евро сега чини 4,5 лири. Пред само една година тоа беше 3,7, а пред 10 години курсот беше 2 лири за 1 евро. Многу Турци поради тоа се фрустрирани.

„Неодамна можевме да купиме леб за половина лира, а во меѓувреме го плаќаме 2 лири“, се жали еден минувач во улицата Истиклал. „Секој ден во џебовите имаме сѐ помалку пари затоа што политиката веќе со години прави грешки. Обичните луѓе го плаќаат тоа“, се жали друг минувач. „Јас сум пензионер и сѐ уште морам да работам за да составам крај со крај“, негодува еден постар човек, додека една млада мајка вели: „Често одевме во ресторан, но сега тоа за нас е луксуз.“

Импозантни бројки, а зад нив ништо?

Парадоксално, според официјалните податоци, турската економија се држи многу добро. Во истанбулската финансиска населба, благодарејќи на државните инвестиции, постојано се градат облакодери. Поради слабата лира порасна извозот.

Во третиот квартал во 2017 година, во однос на истиот период од предходната година, економијата во Турција доживеа раст од 11 отсто, објави неодамна државниот Завод за статистика. Претседателот Ердоган зборува за економски раст од околу 7 насто во изминатата година. Тешко дека некоја земја во ЕУ може да се пофали со такви резултати.

„На силна економја ѝ е потребна силна држава“, рече Ердоган во ноември на состанокот на Економската комора на Анкара (АТО). „Ние растеме и покрај сите проблеми и наша цел е наскоро да станеме една од десетте најголеми светски економии“, рече тогаш турскиот претседател.

Türkei, Infaltion in Istanbul -  Atilla Yeşilada, Okönom und Analyst
Атила ЈешиладаФотографија: DW/J.Hahn

Економистот Атила Јешилада е скептичен. „На турската економија ѝ оди подобро отколку во 2016 година, но тоа ни одблизу не е она во што нѐ убедуваат статистичарите“, вели тој. Тој смета дека турското „економско чудо“ е како кула од песок. „Да, ние имаме градежен бум. Можете и самите да видите како никнуваат облакодери во Истанбул. Но, ова се мртви инвестиции. Тие не ја зголемуваат продуктивноста. Тоа не е одржливо.“

Таложење на долгот

Според Јешилада, државата итно мора да го забави растот и да започне да се занимава со инфлацијата и со надворешниот долг. Имено, тој долг надмина половина од брутодомашниот производ, беше соопштено во текот на есента од страна на министерството за финансии - и не бил толку висок уште од 2003 година.

„Некогаш имав целосна доверба во турската економија, кога во неа владееше духот на напредокот. Но сега многу луѓе не се осмелуваат да покренат некаков бизнис, зашто се плашат дека ќе ги загубат парите“, вели поранешниот хотелиер Мират Актепе. „Додека луѓето го имаат тој страв економијата нема да се опорави“.

По смената во кафулето, Актепе често шета покрај хотелот кој до неодамна беше негов. Тој веќе нема надеж дека некогаш повторно ќе може да си го откупи назад својот хотел.