Како би можеле да гласаат Турците во Германија?
7 јуни 2018Во кој временски период може да гласаат турците во Германија?
На 24 јуни во Турција се одржуваат предвремени парламентарни и претседателски избори, но турските државјани кои живеат во Германија може да гласаат веќе од денеска, па сѐ до 19 јуни.
На турските гранични премини Турците кои живеат во странство тоа може да го сторат до вечерта на 24 јуни. Ако за изборот на претседател на државата се оди во втор круг, во Германија тие ќе може да гласаат меѓу 30 јуни и 4 јули. Во Турција пак втор круг гласање би се одржал на 8 јули.
Во кои градови има изборни места за турски државјани?
Според одлуката на турскиот Висок изборен совет, можно е гласање во 60 земји во светот, во 123 претставништва. Во Германија гласачки места има во 13 градови, каде што живеат најмногу турски државјани. Во Берлин, Штутгарт, Франкфурт, Диселдорф, Келн, Минстер, Есен, Хановер, Карлсруе, Хамбург и Мајнц се гласа во конзуларните одделенија. Во Минхен и во Нирнберг пак само за гласањето се закупени специјални простории. Бројот на гласачки кутии се разликува од место до место.
Колку турски граѓани со право на глас има во Германија?
Според информации на претседателот на Високиот изборен совет, Сади Ѓувен, има 59,4 милиони турски гласачи. Повеќе од три милиони од нив живеат во странство, од кои, според податоци на конзулатот во Берлин - 1,45 милиони во Германија.
Повеќе: Моја Европа: Ердогановата игра со поделениот идентитет на германските Турци
Дали гласовите од Германија ќе влијаат на изборниот резултат?
Гласовите од Германија се околу 2 процента од вкупниот број гласови. Мурат Гезичи, претседател на „Гезичи институтот за истражување на јавно милење” е убеден дека гласовите на Турците од Германија може да влијаат на крајниот исход на изборите.
„Прогнозите за изборите во Турција се тесни, па претседателските избори може да имаат и втор круг гласање“, вели Гезичи. Од таа причина, според него, гласовите од Германија, иако се мал процент, може сепак да бидат значајни за исходот.
Каков беше резултатот на референдумот за промените на Уставот минатата година?
На референдумот за уставните промени на 16.4.2017 владеачката Партија за правда и напредок (АКП) се бореше гласачите да се изјаснат позитивно за промените. 51,4 проценти од населението се изјасни за промените, а процентот на гласачи од Германија беше уште повисок со 63 проценти „за“ и 37 проценти „против“.
Кого избираат германските Турци и зошто?
Мнозинството Турци во Германија гласаат за владеачката партија на Ердоган. На изборите на 1 ноември 2015. околу 54 проценти од турските гласачи во Германија гласаа за АКП. Прокурдската ХДП во Германија имаше17 проценти од гласовите, а социјалдемократската ЦХП - 16 проценти.
„Многу турски мигранти доаѓаат од руралните области на Турција, религиозни се и се чувствуваат обврзани на традиционалните вредности на Турците. Тие гласаат за АКП затоа што Германија не им го пренесува чувството дека се целосно добредојдени“, вели Ѓулај Кизилочак од Институтот за истражувања на Турција во Есен. Припадници на помладите генерации пак кои „во Германија не се чувствуваат сосема дома“, АКП ја гласаат како реакција на сопственото чувство на отфрленост.
Кои турски партие се активни во Германија?
Турските партии кои учествуваат на изборите имаат волонтери во Германија, кои во градовите во кои живеат многу Турци работат за нив. Најактивни се АКП, ЦХП и ХДП. Активностите на АКП во Германија ги организира Центарот за координација во странство, лоциран во Келн.
Работата на ЦХП во Германија ја организираат нејзини здруженија по градовите во кои живеат многу Турци. Кенан Колат, претседател на ЦХП во Берлин, нагласува дека нема правна поврзаност со ЦХП во Турција. Здруженија ја координираат и работата на ХДП, меѓу нив и демократскиот Конгрес на народите, организација во која се собрани опозициските партии и групи. ХДП планира во текот на наредните денови да отвори и официјално претставништво во Берлин.
Повеќе: Турција добива последна шанса за демократија
Како се превенира изборен фалсификат?
Гласањето го следат двајца набљудувачи од Високиот изборен совет, а покрај нив и претставници на партиите кои во изминатите години имале најмногу гласови, кои во случајов се владеачката АКП, ЦХП и Партијатана националистичкото движење (МХП). Дополнително има и т.н. набљудувачи на гласачки кутии.
По гласањето, гласачките ливчиња се бројат и се ставаат во вреќи кои се запечатуваат. Тие вреќи се чуваат во затворена просторија. За неа има 4 различни клучеви, а по еден од нив добива турскиот конзул и делегат од АКП, од ЦХП и од МХП. За да се отвори вратата потребни се сите 4 клуча.
Гласовите не се бројат во Германија. Кога ќе истече рокот за гласање, вреќите со гласачките ливчиња со посебен авион се праќаат во Турција, под надзор на делегати од партиите. Таму се чуваат во посебна просторија определна од страна на Високиот изборен совет, а по затворањето на гласачките кутии во Турција, под надзор на делагати од партиите, се пребројуваат.