1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Ако немате за леб, јадете зеленчук

БГ /АП
23 февруари 2019

Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган постави десетици привремени тезги во најмалку шест градови за да им помогне на семејствата кои страдаат во економската криза. Но, мерката има бројни критичари.

https://p.dw.com/p/3Dr9B
Türkei - Gemeinden verkaufen Essen zu günstigen Preisen
Фотографија: DHA

Во долгата редица во една истанбулска населба купувачите уредно чекаат пред шатор на кој пишува: „Целосна битка против инфлацијата“.

Оружјето во таа битка се состои од: спанаќ, домати и пиперки кои турската влада ги продава на привремени тезги за речиси половина цена од онаа на регуларните пазари.

„Луѓето кои живеат со минимална плата не можат да одат на нормален пазар“, вели Рејхан Келечи, 38-годишник кој, како и многу други Турци, едвај го издржува растот на цените на храната и основните производи. „Овие регулирани шатори се многу добри за нас... Што да правиме? Да седиме дома и да чекаме да умреме?“

Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган постави десетици привремени тезги во најмалку шест градови за да им помогне на семејствата. Цените на прехранбените производи од лани досега пораснаа за најмалку една третина, откако финансиските пазари реагираа на политиките на Ердоган и падот на турската лира.

Изборна тактика?

На локалните избори закажани за 31 март, растот на цените и економскиот пад можат да го чинат Ердоган и неговата АКП клучни места во општините, а најпогодена од зголемувањето на цените е токму базата на неговата партија која ја сочинуваат луѓе со ниски приходи.
За време на кампањата, Ердоган го опишува економскиот пад како странски заговор против земјата, и ветува дека ќе се бори против тоа исто како што се борел и против заканата од тероризмот.

Türkei, Corum: Präsident Erdogan hält eine Rede
Растот на цените и инфлацијата го спуштаат рејтингот на партијата на претседателот ЕрдоганФотографија: picture-alliance/AA/M. Aktas

„Им поделивме лекција, и продолжуваме да им делиме лекции на сите оние кои нѐ тероризираат преку храната“, изјави Ердоган ветувајќи дека ќе ги зголеми владините тезги со зеленчук.

Додека владата ги обвинува трговците и странците, порастот на цените во најголем дел е причинет од големиот пад на вредноста на турската лира минатото лето, кога во само еден месец загуби речиси 30 отсто од вредноста во однос на американскиот долар. Инфлацијата во јануари годинава достигна 20 проценти.
Поради тоа, увозната храна е далеку поскапа. Но, проблемот е што расте цената и на домашните производи, затоа што поскапи се семињата, пестицидите и ѓубривата кои доаѓаат од увоз.

Штета за приватните бизниси

Професорката по економија на Универзитетот Коч во Истанбул, Селва Демирал вели дека состојбата е влошена поради фактори како временските прилики, во кои ги вбројува и поплавите во јужна Турција.
„Економските фактори имаат големо влијание врз изборниот настап на владата, а високата инфлација и влошувањето на распределбата на приходите нема да и помогнат на владата“.

Türkei - Gemeinden verkaufen Essen zu günstigen Preisen
Редовните пазарџии се жалат дека владините тезги им го уништуваат бизнисотФотографија: DHA

Економистката вели дека владините тезги им наштетуваат и на приватните бизниси кои поради тоа се принудени да ги намалуваат цените. Тоа е загрижувачко затоа што сѐ поголем број фирми прогласуваат стечај.
Еден продавач на пазар во Истанбул вели дека владините тезги му ги земаат редовните муштерии.

„Како да продаваме по таа цен?“, прашува Јасин Бајер, 33, кој пристигнува на пазарот пред изгрејсонце за да ја постави својата тезга.

Сепак, владините тезги решаваат една потреба на граѓаните. Многумина кои чекаат ред пред нив и даваат поддршка на владата, но има и критички гласови кои велат дека е тоа доказ колку лошо се води економијата.
Саваш Баг, еден од купувачите, вели дека едвај врзува крај со крај и покажува кон долгата редица: „Зарем ова не е сиромаштија?“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема