1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испит на зрелост за духот од Гези-паркот

Баха Гингер / З. Јордановски30 мај 2015

Протестните акции за зачувување на паркот Гези пред 2 години во Истанбул се развија во бран на отпор против претседателот Ердоган. „Духот од Гези“ би можел да игра важна улога на изборите на 7 јуни.

https://p.dw.com/p/1FZPe
Фотографија: Reuters

Паркот Гези на централниот плоштад Таксим во Истанбул засега е спасен од уништување. Тажната цена за тоа се осум мртви и стотици делумно и тешко повредени луѓе. Сликите за тешки судири меѓу демонстрантите и несразмерно острата интервенција на полицијата го обиколија светот. Протестите зафатија и други големи градови во Анадолија, каде полицијата, поддржана од приврзаниците на религиозно-конзервативната владеачка партија АКП (Партија за праведност и развој), исто така остро интервенираше.

Тогашниот премиер, а сегашен претседател Реџеп Таип Ердоган, го потцени „духот на Гези“, кој му одби послушност. На неговата градителска ревност, барем тука, и‘ беше ставена рампа. Утре се навршуваат две години од почетокот на големата полициска офанзива против кампот на млади еколошки и мировни активисти и против обичните граѓани од различна возраст во паркот Гези. Се закануваат ли нови судири?

Откажување од насилство

На Таксим и во пристапните улици врие од полицајци во униформа и во цивилна облека. Тие се очигледно подготвени повторно „да испишат легенда“, како што тоа тогаш во стил на тренер за мотивација го формулира Хусеин Авни Мутлу, во тоа време гувернер на провинцијата Истанбул, во говорот на благодарност за полицијата.

Една недела пред парламентарните избори, закажани за 7. јуни, иницијативата „Таксим солидарност“ не сака на полицијата „да и’ даде можност за тоа“, вели Џан Аталај, еден од повеќетемина адвокати на таа организација. Се’ ќе помине мирно, барем на другите јавни места и паркови во 20-милионската метропола на Босфор. „Гези придонесе за младата генерација повторно политички да се ангажира, за луѓето да си ги побараат правата што им следуваат“, укажува Аталај.

Откажувањето од секоја форма на насилство при одбележувањето на двегодишнината од настаните покажува дека „духот од Гези“ е пред испит на зрелоста. Но, зошто од движењето на отпорот не произлезе некаква политичка партија, како што порано од антиатомското и антивоеното движење во Германија настана партијата на Зелените?

Türkei Co-Vorsitzender der HDP Selahattin Demirtas
Движењето Гези се’ повеќе се ориентира кон Демократската партија на народите (ХДП) на курдскиот политичар Селахатин ДемирташФотографија: Picture-Alliance/DPA/U. Yunus Tosun

Движењето, кое на многу луѓе од пред две години повторно им овозможува идентификација со секуларните, модерните постигнувања на 92-годишната турска република, се’ уште го бара својот политички дом, некоја демократска, парламентарна платформа. „Младата генерација ја знае само АКП на Ердоган. Гези нејзе и’ ги отвори очите“, смета новинарот Исмаил Сајмаз од весникот „Хуриет“, кој учествуваше во протестите. Она што уште недостасува е политички терен за натамошен развој. Тоа би можела да биде социјалдемократската „Републиканска народна партија“ (ЦХП). Но таа не нуди јасна, современа харизма со дистанца во однос на национализмот во смисла на основачот на републиката Мустафа Кемал Ататурк. Поради тоа движењето Гези се’ повеќе се ориентира кон Демократската партија на народите (ХДП) на чело со курдскиот политичар Селахатин Демирташ.

„Благодарение на Гези луѓето се ослободија од синџирите“

Ако „духот од Гази“ навистина и’ помогне на ХДП на претстојните избори да ја совлада 10-процентната пречка за влез во парламентот, партијата на Ердоган АКП би можела да го загуби апсолутното мнозинство.

Ајхан Ердоган, еден од водечките адвокати на настраданите од Гези, предупредува дека претседателот на државата би можел да провоцира судири: „Инаку тој веќе не ќе може да ја обвинува ХДП како поддржувач на хаосот и на државните непријатели и со тоа да ја слабее“. Адвокатот укажува дека „насекаде има многу религиозно-фанатични тепачки групи како приврзаници на АКП, кои можат да ги напаѓаат мирољубивите демонстрации и да предизвикаат судири“. Но, тој верува дека луѓето можат и ненасилно да се бранат од Ердоган: „Благодарение на Гези луѓето се ослободија од синџирите“.

Навивачите на најстариот истанбулски фудбалски клуб Бешикташ, според зборовите на нивниот предводник Џем Јакишкан, „во никој случај не сакаат никакви судири“. Против него и уште 34 други членови на навивачката група се’ уште трае судската постапка поради наводен обид за пуч за соборување на демократски избраната влада, откако активно учествуваа во протестите во Гези-паркот и не избегнуваа притоа ни судири. Нему и на уште тројца други им се заканува „отежнат доживотен затвор“, што би значело најмалку 49 години зад решетки.

Сојуз на мирољубиви активисти од сите табори

„Чарши“, клубот на навивачите на Бешикташ, е движење основано во 1982 година и им помага на училишта во Анадолија со донаторски акции, се ангажира за заштита на животните, за помош при природни катастрофи, како и против расизмот. „Ние станавме политични, оти се бунтуваме против неправдата“, вели Јакишкан.

Инан Каја, еден од правните застапници на групата „Чарши“, го означува обвинителниот акт како фарса: „Обвинителниот акт содржи 38 страници, од кои 21 се полни со списоци со имиња и со наводи за 35-темина обвинети. Се бара казна од 49 години без да има 49 редови со конкретни обвинувања“.

Испитот на зрелоста за „духот од Гези“ зависи од тоа, дали ќе им се спротивстави на провокациите. Не е предвиден некој политички лидер, оти Гези не се сфаќа себе си како некаква политичка идеологија, туку како сојуз на мирољубиви активисти од сите политички табори. „Духот на 1968.“ ја промени Европа и на општествата им отвори нови политички перспективи. Такви аспирации имаат и претставниците на „духот од Гези“.