1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: јавниот сервис цензурира музика

Бурку Каракаш
6 март 2018

Турскиот национален сервис ТРТ забрани повеќе од 200 песни. Музиката наводно „охрабрува алкохолизам“ или „пропагира тероризам“. Музичарите ги отфрлаат обвинувањата како апсурдни.

https://p.dw.com/p/2tke8
Straßenmusiker in der Türkei
Фотографија: DW/E. Mehtari

Во 2010 година, курдската пејачка Ројда беше осудена на една година и осум месеци затвор: нејзините песни беа прогласени за „терористичка пропаганда“ откако таа учествуваше на културен фестивал во градот Дијарбакир.
Осум години подоцна, на крајот на февруари 2018, пејачката дозна дека три нејзини нумери се повторно забранети затоа што наводно содржат терористичка пропаганда.
„Ова се случува и покрај тоа што сите песни се копнежи за мир“, вели Ројда.
Националниот сервис ТРТ веќе објави список на 208 забранети песни- 66 на курдски, останатите на турски- уште во 2016 година. Но јавноста дозна за одлуката дури откако претставници на опозициската партија ЦХП од Измир поднесоа претставка. Кога Ројда ја видела листата, воопшто не била изненадена.
„Тоа не е првпат и нема да биде последен“, вели таа за ДВ. 40-годишната пејачка се навикнала на сѐ, затоа што пее на курдски. Забраните и обвинувањата за неа се секојдневие. Нејзините песни кои беа забранети од ТРТ се од албум од 2007 години, а песните од него со години се емитуваа на телевизијата. Таа не добила никакво објаснување зошто се забрануваат токму сега.

Screenshot Youtube- "Le Buke" von Rojda Aykoç
Курдската пејачка Ројда е изненадена од цензуратаФотографија: Youtube

ТРТ се правда
Откако медиумите ја објавија листата на забранети песни, раководството на ТРТ ги отфрли критиките.
„Медиумските институции се должни според закон да спречуваат дистрибуција на содржини кои охрабруваат потрошувачка на цигари и алкохол, имаат негативно влијание врз развојот на децата и служат како терористичка пропаганда“, се наведува во изјавата. 

Повеќе на темата: 

Децата во улога на маченици - пропаганда на Ердоган

Турците „задолжени“ да ја фалат воената операција во Сирија?
На листата на ТРТ се вклучени и познати поп-нумери, како и алтернативна музика. Една од групите погодени од цензурата е и бендот Ески Бандо. Две нивни нумери се забранети. Пејачот и гитарист Ѓунеј Марлен ја нарекува одлуката „апсурдна“. Тој смета дека песните, во кои се пее за алкохол, се забранети поради стиховите.
„Додека светот се занимава со вештачка интелигенција, нашата земја троши време со вакви назадни акции“, вели Марлен.

Logo des Türkischen Staatssenders TRT
Турскиот национален сервис забранува музика која долго време беше дозволенаФотографија: Imago

Долга историја на цензура

Музичката цензура не е нов феномен во Турција. Дури и пред доаѓањето на власт на АКП на Реџеп Таип Ердоган, песните беа редовно цензурирани. Некои беа прогласувани за порнографски, други дека охрабруваат користење алкохол, идеализираат самоубиства или шират политичка пропаганда. Таквиот тренд започна уште со пучот во 1980 година.
Но, работите наскоро би можеле дополнително да се влошат. Нов закон предложен во парламентот од владејачката АКП предвидува ставање на музиката и фотографиите кои се објавуваат под контрола на  телото за радиодифузна дејност. Критичарите ја обвинуваат АКП дека на овој начин сака целосно да ја преземе контролата и врз содржините кои се објавуваат на интернет.
„Радиодифузерите имаат огромна моќ“, вели Јаман Акдениз, професор на Универзитетот Билги во Истанбул. „Доколку ја употребат, тие ќе можат да наметнат забрани и на интернет“.
Тоа ќе значи дека сета музика и видеа онлајн ќе бидат контролирани од владата.
„Со моќта над овие содржини, процесот на демократизација на Турција ќе стане далечен сон“, предупредува Акдениз.

Турција: полицијата не дозволи одржување Геј парада

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид