Уапсен директор на италијански државен гигант
12 февруари 2013Извршниот директор на италијанскиот гигант Финмеканика Ѓузепе Орси (на фотографијата горе) е уапсен поради сомневања дека е вмешан во меѓународна корупциска афера. Полицијата го сомничи Орси дека дал мито при продажбата на 12 хеликоптери од марката „Агуста Вестланд“ на индиската влада.
Истрагата за случајот траела повеќе месеци, а полицијата денеска (12.02) ја претресува и куќата на Орси.
Претходно беше уапсен и Бруно Спањолини, прв човек на компанијата Агуста Вестланд, филијала на одбранбениот конгломерат Финмеканика. На Спањолини, кој е осомничен за корупција и проневера, му е одреден домашен притвор.
Орси е осомничен дека исплатил мито од речиси 500 милиони евра за продажбата на хеликоптерите на индиската влада.
Финмеканика, која е во 30 процентно сопствеништво на италијанската влада, веќе подолго време ја потресуваат крупни корупциски скандали. И претходникот на Орси на функцијата, Пиер Франческо Гуаргаљини, беше сменет од функцијата откако беше откриен корупциски скандал во 2011 година.
Премиерот Марио Монти најави дека неговата техничка влада ќе продолжи со истрагата за случувањата во Финмеканика, и дека ќе се зајакнат антикорупциските мерки на национално ниво.
Италија ја очекуваат парламентарни избори за две недели.