Убедлива изборна победа на Самоопределување во Косово
15 февруари 2021По пребројувањето на речиси сите гласови, реформското движење Самоопределување на поранешниот активист за човекови права Албин Курти е победник на изборите со освоени 48 проценти гласови. Долги години владејачката Демократска партија на Косово, ПДК, произлезена од УЧК, добила 17 % гласови, соопшти Централната изборна комисија, додека Демократската лига на Косово, ЛДК, која владееше досега, стигнала до 13 %. ПДК и ЛДК го признаа поразот, досегашниот премиер Авдула Хоти од ЛДК најави дека ќе бидат конструктивна опозиција во парламентот.
Во предизборната кампања, Курти на граѓаните им вети ставање крај на непотизмот и корупцијата. „Наши приоритети се праведност и работни места, патот пред нас е долг, и ние ќе правиме грешки, но нашите цели се достоинствени“, истакна тој.
Повеќе на темата:
Косово: Нови избори, стари партии
Вечниот опозиционер Албин Курти повторно на прагот на власта
Во партијата Самоопределување на Курти се собрани првенствено помлади и досега неекспонирани политичари, а неодамна и познатата политичарка Вјоса Османи премина од ЛДК во Самоопределување. Актуелната преодна претседателка и од претходно претседателка на парламентот беше кандидирана како втора на листата на Самоопределување, а може да се надева да биде избрана за претседател на државата.
45-годишниот Курти се вбројува во новата генерација политичари кои притискаат за растурање на старата гарда која доминираше со поранешната српска покраина од прогласувањето независност на земјата со околу 1,8 милиони жители во 2008 година.
Курти, кој се смета за харизmатичен политичар, уште како студент во 1990-те години предводеше демонстрации против тогашната српска власт во Косово. Од февруари до јуни 2020 година ја извршуваше премиерската функција, од која мораше да замине откако тогашниот партнер ЛДК ја напушти коалицијата и се поврза со други партии.
По изборната победа, Курти повторно стреми кон премиерското место. Централната изборна комисија меѓутоа го отстрани од кандидатската листа на неговата партија поради тоа што е осудуван – во 2018 година доби казна за напад со солзавец во парламентот. Курти смета дека новиот парламент може да го избере за шеф на владата иако нема пратенички мандат, што според уставот можеби не е јасно регулирано.