1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиството на Немцов: Дали вистинските се зад решетки?

Роман Гончаренко | Маркиан Остапчук
13 јули 2017

Изречени се казните во процесот за убиството на рускиот опозициски водач Борис Немцов. Во затвор се пет лица. Но, ќерката и блиски соработници на Немцов го сметаат случајот за неразјаснет.

https://p.dw.com/p/2gTzH
Gedenken an den ermordeten Boris Nemzow
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обвинетите во случајот со убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов добија долгогодишни затворски казни. Напаѓачот, Заур Дадајев е осуден на 20 години казнен логор. Неговите четворица соучесници се осудени на затворски казни во траење меѓу 11 и 19 години. Освен тоа, судот на секого поединечно изрече и парични казни од 100.000 рубљи, односно околу 1.500 евра.

Поротниците на Воениот суд во Москва ги осудија петтемина мажи од Чеченија за убиство на Немцов уште на крајот на јуни. Немцов, поранешен заменик премиер во владата на Борис Јелцин, беше убиен на 27. февруари 2015. година кратко пред полноќ, во момент кога со пријателката бил во прошетка низ центарот на Москва. 55-годишниот Немцов беше застрелан на мостот во непосредна близина на Кремљ.

Немцов беше искусен и влијателен политичар во опозицијата, која не беше претставена во парламентот. По анексијата на Крим во 2014. година, тој беше еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин.

Stiftung verleiht Boris-Nemtsov-Preis Zhanna Nemzowa
Жана НемцоваФотографија: DW/S. Englert

„Политички мотивирано убиство“

Ќерката на убиениот Немцов смета дека овој случај останува нерешен. „Не се утврдени ни налогодавачот, ниту мотивите“, изјави Жана Немцова за Дојче веле. Налогодавач, според обвинението, би требало да биде Руслан Мухудинов, исто така Чеченец. Во тек е потрага по негои истрага во посебна постапка. Наводно, според обвинението, Мухудинов на извршителите на убиството им ветил 15 милиони рубљи.

Ќерката на Немцов е убедена дека убиството на нејзиниот татко е политички мотивирано и ги обвинува истражните органи и судот за неприфаќање на „овој очигледен факт“. По убиството на нејзиниот татко, Немцова од безбедносни причини ја напушти Русија и сега работи како новинар во Дојче веле.

И опозицискиот политичар и соработник на Немцов, Иља Јашин, убиството го смета за неразјаснето. Налогодавачите и натаму се на слобода. „Речиси сум сигурен дека во овој случај се инволвирани соработници на високи позиции во тајните служби“, изјави тој за Дојче веле.

Кадиров не е сослушан

Бризантниот случај се најде пред воен суд, бидејќи 35-годишниот Заур Дадајев бил офицер на т.н. интерни трупи на Министерството за внатрешни работи. Тој бил на служба во батаљонот „Север“ во Чеченија. Оваа единица е стационирана во главниот град Грозни и, според пишувањето на руските медиуми, била директно задолжена за обезбедување на Рамсан Кадиров, лидерот на руската република. Во истиот батаљон служел и осомничениот налогодавач, Мухудинов.

Жана Немцова официјално побарала сослушување на Кадиров пред суд. Чеченскиот лидер во едно интервју рече дека е подготвен да даде исказ, но судот одлучи да не го сослушува, што Немцова го критикува. 

Со убиството на Немцов наскоро ќе се зафати и Советот на Европа, кој најави своја истрага, најверојатно наесен.