Убијците на унгарските Роми не покажуваат каење
7 август 2013Јено Кока знаел за убиствата на Ромите кои се случија во 2008 година. Но, на својата сопруга и‘ кажал дека верува оти се работело за некоја криминална пресметка. Кока 28 години работел во фармацевтска компанија, никогаш не добил опомена, ниту користел боледување. Еден ден, враќајќи се од работа, бил застрелан директно во срцето. Починал на лице место. Убиецот бил сокриен во грмушка 20 метри подалеку и пукал без предупредување.
Јено Кока е една од шесте жртви на радикалните десничари кои во својот убиствен поход во текот на 2008 и 2009. година немаа милост ниту за едно 4-годишно дете. Во нападите беа повредени уште најмалку 55 луѓе, речиси сите Роми.
Во август 2009. четворица осомничени убијци беа откриени, по голем број грешки во истрагата. Судењето започна во пролетта 2011. Тројца од четворицата обвинети, браќата Арпад и Иштван Киш и Жолт Пето беа осудени на казна доживотен затвор, а четвртиот обвинет Иштван Чонтош доби 13 години затвор.
Обвинетите до крајот на процесот го негираа своето учество во убиствата, но од изведените докази остана многу малку сомнеж во нивната вина. Како што заклучи и судијата во пресудата, ДНК тестовите покажале дека тие биле на местото на убиствата и дека пукале во жртвите.
Семејствата на жртвите и активистите за човекови права се задоволни од пресудите, но не и од категоризацијата на делото. Тие бараа наместо за убиство, на обвинетите да им се суди за злосторства против човештвото и тероризам со геноцидни намери.
Во секој случај, четворицата осудени не беа осамени злосторници. Тие се одамна познати како членови на неонацистичката мрежа во источноунгарскиот град Дебрецин, каде што беа и уапсени. По апсењето изјавуваа дека тие се гледаат себеси како предводници на движењето кое има за цел да најде решение за „проблемот со циганите“.
Во селото Татаршентѓорѓи, каде беа убиени татко и неговиот 4-годишен син во февруари 2009. година и тоа додека се обидувале да ја напуштат својата запалена куќа, неколку дена пред убиството се одржа марш на неонацистите од „Унгарската гарда“ чија цел беше да се заплашат Ромите.
Незнаење или несакање?
Дилемата која ја отвори судењето е улогата на властите во убиствата на Ромите. Имено, сомневањата се дека дел од убиствата можеле да бидат спречени доколку се реагирало навреме на постојните укажувања. Двајца од четворицата осудени биле под постојан надзор на службите за безбедност сѐ до 2008 година, односно до почетокот на убиствата. Уште еден од обвинетите бил всушност информатор на службите.
Се покажа и дека самите истраги не биле добро водени. Сцените на злосторствата не биле добро обезбедени, бројни докази биле загубени, а ДНК анализите покажуваат дека најмалку уште едно лице директно учествувало во убиствата, и уште едно се јавува како помагач, но од нив нема ниту трага досега.
Поранешниот пратеник Јозеф Гулијаш, кој учествуваше во работата на парламентарната комисија за случајот, вели дека властите се покажале целосно некомпетентни, но не верува дека грешките биле намерно сторени.
Министерот за човечки ресурси, Жолтан Балог призна дека не е откриена целата вистина за убиствата, но за тоа ја обвинува претходната влада, во чие време се случиле убиствата.
Вдовицата на Јено Кока, Ева се надева дека неговите убијци ќе останат в затвор до крајот на нивните животи, но тоа и‘ е мала утеха за уништениот живот. По убиството на сопругот, Ева доживеала нервен слом и ја загубила својата работа. Во меѓувреме таа и нејзината ќерка живеат од државна помош од 100 евра месечно.
„Убијците не го убија само мојот сопруг. Тие ме уништија и мене“, вели Ева Кока.