1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Удавени во стогодишни води и заблуди

20 јули 2021

Ние во Македонија имаме една многу поголема стогодишна мака од стогодишните води и поплави. Тоа е незнаењето, примитивизмот и заостанатоста. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3whqW
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Застрашувачка е помислата што може кај нас да се случи ако паднат 500 литри дожд на еден квадратен метар како во Германија. Кога во една западноевропска држава, која се вбројува меѓу најбогатите во светот со извонредна инфраструктура и регулирани водотеци, гледаме трагични слики од разурнати куќи, мостови, пруги, стотици мртви и исчезнати луѓе, жртви на  природната стихија, во Македонија матната би не збришала како библиски потоп.

Во 2014 година кога падна дожд, помалку од 100 литри на квадратен метар во Скопје, животите ги загубија над 20 луѓе. По неколку дена ги заборавивме и починатите и причините на пустошот што го остави зад себе стихијата. Си најдовме оправдување во „виша сила“ и  непредвидливоста на природата. Власта си ги испра рацете со троа помош на настраданите и се така до следната катастрофа. Не слушнавмне дали некој нешто презема во државата откако облаците стасаа и на југ од западна Европа. Синоптичарите велат нема таква опасност, можеме да си ја накривиме капата. И онака е изгор лето. Не чека голема суша. Три дена дожд - поплава, два дена сонце - суша. Карактеристика  на сиромаштијата и незнаењето.

Три зла кои секогаш одат заедно

Кога сите водотеци во еден регион ќе достигнат највисок водостој во еден ист момент тоа науката го нарекува стогодишни води. Тоа не значи дека треба да поминат сто години па да се случат големи поплави. Секогаш кога во исто време сите реки и потоци ќе ја достигнат највисоката кота и ќе се излеат од коритата и нерегулираните долови и улици, без соодветни атмосферски канализации тоа се стогодишни води кои можат да се повторат повеќе пати и во текот на две- три години, или два- три дена. Природата одлучува за тоа, а луѓето со своето знаење и работа одлучуваат како да се заштитат и да ја направат природата сојузник и хранителка.

Ние во Македонија имаме една многу поголема стогодишна мака од стогодишните води и поплави. Тоа е незнаењето, примитивизмот и заостанатоста. Три зла кои секогаш одат заедно и кои не дават на суво со години и не ни даваат да се одлепиме од бедата и сиромаштијата и по џеп и по дух.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Неосвестени Бугари и одродени Македонци

-Јуначење под јорган- планина

-Кој треба да си оди Заев, или Мицкоски?

Најголемите профити од мацедонише цуштенде, замрсени состојби кои не можат да се одмрсат, повеќе од сто години, штедро ги бере политиката. Нема подобро тесто за месење од тоа стасано со децении и полно со страдања и  емоции. Ако пред еден век комшиските пропаганди го месеа живото тесто со нарачани меѓусебни убиства на македонските дејци и револуционери делејќи ги на патриоти и предавници, денес домашните пропаганди го месат истото тесто на патриоти и предавници се разбира без директни атентати и убиства, но убивајќи ја иднината на државата и на генерациите кои стасаа до 21 век и да имаат своја држава.

Што никогаш не ги прашавме нашите спасители

Како изгледа денес на конкретен пример поделбата на патриоти и предавници. Го гледаме филмот во живо 24/7 без прекин. Од сите страни ечи: готово е, изгубен е националниот идентитет, откорнат ни е јазикот насушен, сменето ни е името. Македонија е мртва.  Не сме повеќе Македонци, туку северномакедонци, северџани. Потпишани се предавнички договори со Грција и со Бугарија. Македонија е погребена, ламентираат со реквием за покојникот учени личности, научници, писатели, поети и заслужни дејци, а тестото со додадениот отровен квасец- кое секогаш подготвените политичари фурнаџии го печат пред секои избори- набабрува. Така утрешниот леб во Македонија станува се погорчлив полн со адитиви од историските читанки и преданија. Кога има малку знаење и многу емоции оркестрирани од учени луѓе, а сервирани од лажни патриоти, експлозијата во главите е неминовна. Така се стокми резолуцијата во научни кабинети и црквени олтари која треба да не спаси од предавствата на идентитетот од непријателите на Македонија.

Хероите и спасителите никој никогаш не ги праша: добро кога ќе дојдете на власт и ќе не спасите од предавствата дали ќе ги поништите договорите со Грција и со Бугарија, ќе го вратите ли назад уставното име, изгубениот идентитет, загрозениот од никого македонски јазик уредно запишан во ОН и во науката, ќе ни ја сочувате ли историјата од антиката до денес? Такво ветување нема ниту во една партиска програма, ниту пак јавно искажана од претендентите за освојување на власта. Дури и во жарот на изборните битки да се вети такво нешто ќе заврши во етерот како нешто што е дозволена лага со опашка во предизборните кампањи. Резолуцијата колку и да е стокмена умешно таа е само за домашна употреба без никаков придонес да ја подобри позицијата на Македонија да ги оствари своите национални стратегиски цели и приоритети. Напротив, како и што предвидуваме отвори нови меѓумакедонски и меѓуетнички поделби и тензии. Главна тема во комуналната предизборна кампања која уште од сега се гледа и слуша, не е изградбата на инфраструктурата, заштита на граѓаните и нивниот имот од суши и поплави, од пандемијата, од корумпираната администрација, за она што треба да им го олесни животот, туку за Резолуција која ќе не сочува од предавства.

Канцеларката на Германија Ангела Меркел кога замина во најзагрозеното подрачје од поплавите, каде што имаше најмногу жртви, ги посети настраданите жители фатена за рака со премиерката на покраината Рајнланд Фалц, социјалдемократката Малу Дрејер. Тоа беше силна порака како при несреќи политичката борба престанува и како Германија е единствена кога се во прашање националните интереси. Во моментот нема поголем интерес во Германија од помошта на настраданите и отстранување на сите причини кои доведоа до тешки разорувања од поплавите. Бидете уверени дека за кратко време тоа Германија ќе го постигне без оглед кој е на власт.

Дали можете да ги замислите Зоран Заев и Христијан Мицкоски да се фатат за рака и да одат заедно пред граѓаните да им кажат кој е најголемиот национален интерес од надојдените стогодишни буици од наши заблуди и незнаење кое не дава да ги препознаеме патиштата кон прогресот и подобар живот. Се разбира, тоа не може да се случи ни на сон. Останува заробениот ум во резолуциите и во патриотизмот како лажен патоказ на националистите.