1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина сака во НАТО

ЕМФ/афп/дпа29 август 2014

Украинската влада стартува со нов обид за прием на земјата во НАТО со оглед на кризата на истокот. Во парламентот ќе биде поднесен предлог закон за таа цел.

https://p.dw.com/p/1D3jL
Фотографија: Reuters

Процесот на приклучување на Украина во НАТО треба да се обнови со оглед на руската „агресија“, оцени украинскиот премиер Арсениј Јацењук на седница на владата во Киев. За таа цел владата, како што вели Јацењук, во парламентот ќе поднесе предлог закон. Со него ќе биде предвидено „завршување на статусот на неврзана земја и враќање на патот кон приклучување во НАТО“.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Брисел изјави дека алијансата „сосема ќе почитува“ доколку украинскиот парламент одлучи да ја промени досегашната политика. „Зашто ние го следиме принципот дека секоја земја има право, без мешање однадвор, да донесе одлука и се надеваме дека и другите држави ќе го следат овој принцип“, објасни Расмусен.

NATO Generalsekretär Rasmussen 29.08.2014
Андерс Фог РасмусенФотографија: Reuters

Украина во 2008 година, и покрај поддршката од САД, не успеа во своето барање за приклучување кон НАТО и доби само симболична перспектива за приклучување во иднина, без датум. Со оглед на анексијата на Крим од страна на Русија, НАТО ја зајакна соработката со Киев. Русија стриктно се противи на приклучување на Украина во НАТО. На самитот на НАТО во Букурешт, во 2008 година, е донесена одлука Украина да стане членка на алијансата ако тоа го сака и ако ги исполнува условите, нагласува сега Расмусен.

НАТО на својот самит во Велс, наредната недела, ќе се занимава со конфликтот со Русија.

Путин ја критикува украинската армија и ја брани анексијата на Крим

Рускиот претседател Владимир Путин денеска (29.08) остро ги критикуваше украинските трупи. „Нивната тактика ме потсетува на фашистичките германски трупи во Советскиот сојуз во Втората светска војна. Големите градови се опколуваат и се уништуваат со целно стрелање, вклучувајќи ги и жителите“, изјави Путин, а пренесува агенцијата Интерфакс.

Путин уште вели дека има разбирање за однесувањето на сепаратистите. „Смислата на нивната воено-хуманитарна операција е да ја истераат од големите градови украинската артилерија и ракетните фрлачи за да не бидат веќе убивани мирни цивили“, нагласува Путин.

Präsident Vladimir Putin 29.8.2014
Владимир Путин има разбирање за сепаратиститеФотографија: Reuters

Рускиот претседател уште еднаш застана во одбрана на постапките на Москва во случајот на Крим. „Ние не го анектиравме, туку го заштитивме Крим, зашто во спротивно сега таму ќе изгледаше исто како во источна Украина“, вели Путин и бара од Западот да изврши поголем притисок врз раководството во Киев. Тој нагласува дека е неразбирливо зошто Западот не го критикува Киев, ако се има предвид дека, како што вели Путин, луѓето во источна Украина не се задоволни со промената на власта во Киев и за тоа се казнети со авиони ловци и артилерија.