Украински конфликт: Германија како идеален посредник
25 јануари 2022Загриженоста од нова војна во Европа расте, а вчера утрото (24.01.) доби и нова храна: и САД и Велика Британија наредија заминување на дел од персоналот во своите амбасади, како одговор на „растечките закани од Русија“, како што објасни лондонското Министерство за надворешни работи. Се мисли на трупањето на преку 100.000 руски војници вдолж украинската граница.
Ситуацијата е крајно сериозна: не само што оружените сили на земјите на НАТО се во подготвеност, како што тоа во Брисел го изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, туку тој најави и проширување на присуството на Алијансата во источна Европа со стационирање дополнителни воени бродови и борбени авиони.
Хојзген: Русија мора точно да знае што ја чека
Опасност од руска инвазија врз Украина гледа и германскиот амбасадор Хојзген. Во интервју за Дојче веле, долгогодишниот советник за безбедност на поранешната канцеларка Ангела Меркел и иден шеф на Минхенската безбедносна конференција испрати јасни сигнали кон Москва: „Овојпат сакаме во излогот да ставиме многу силна реакција.“
Според Хојзген, Русија мора точно да знае што ќе се случи, ако Путин навистина ја нападне Украина. Истовремено, Хојзген во разговорот повеќепати го нагласи единството на Западот во спротиставување кон рускиот „многу агресивен тон“.
Гас и нафта
Во Германија меѓутоа, уште се водат дебати околу позицијата во украинскиот конфликт. Не е ни чудо, со оглед на длабоките историски врски со Русија, во добро и зло, и одличните економски односи. Најважната ставка: испорака на руска енергија. Повеќе од 40 % од сировата нафта и над 50 % од природниот гас Германија ги увезува од Русија.
Тоа е една од причините поради која баварскиот покраински премиер Маркус Зедер за неделното издание на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ предупреди дека заканите и „сѐ построгите санкции" кон Русија „не можат да бидат единствено решение“. Санкциите против Русија веќе „подолго време речиси немаат ефект“, а нови санкции би „ни штетеле подеднакво и нам“.
Проширувањето на НАТО на исток, односно влегување на Украина во овој воен сојуз, една од централните спорни точки во актуелниот судир, за Зедер „долгорочно нема да биде на дневен ред.“
Отворени писма и апели
Се објавуваат отворени писма и апели – со контрадикторна содржина. Во средината на јануари, повеќе од 70 експерти за источна Европа и безбедност повикаа на запирање на „посебниот германски пат“ кон Русија.
Германија веќе не би требало да седи со скрстени раце гледајќи ги агресивните акции на Русија. Авторите ја гледаат Германија како клучна земја во ЕУ, НАТО и западната заедница на вредности со посебна одговорност, „како со цел на кочење и санкционирање на Русија, така и во врска со поддршката на државите кои Москва ги распарчува и малтретира.“
Наспроти тоа, уште на почетокот на декември група бивши германски дипломати и воени лица со искуство во Русија, објави апел под наслов „Излезете од спиралата на ескалација“ – вклучувајќи четири конкретни предлози за смирување на ситуацијата. Авторите се залагаат за создавање ситуација во која сите би биле добитници за надминување на актуелниот ќорсокак. Тоа исто така вклучува и „признавање на безбедносните интереси на двете страни“.
Седење на неколку столици
Авторите на тој апел исто така гледаат клучна улога на Германија. Еден од иницијаторите е бригадниот генерал Рајнер Швалб, бивш германски воен аташе во германската амбасада во Москва. „Германија игра многу важна улога, зашто Берлин има централна улога во Европа, а од американски аспект, Берлин е главен контакт меѓу Европа и Америка“, изјави Швалб за Дојче веле, додавајќи: „Истото важи и за Русија. А што се однесува на Русија: без оглед на нашата историја, германско-руските односи имаат извесна стабилност.“
Швалб во текот на своите раговори во Москва понесол впечаток дека Германија таму и натаму позитивно се доживува, без оглед на значителното влошување по 2014. година. „Луѓето (Русите) ја прифаќаат германската политика, вклучувајќи го нашиот фокус на човековите права и вредности. Но, тие едноставно не сакаат да им се зборува каков треба да биде нивниот систем“.
Се чини како Берлин да седи меѓу столици во украинската криза. Но, можеби е тоа вистинско место за посредник. Дипломатот Хојзген нагласи дека Германија има важна улога во кризата: „Тоа го направивме и минатиот пат, кога по руската воена инвазија врз Украина, канцеларката Меркел и францускиот претседател Оланд ги ставија на преговарачка маса Порошенко и Путин“. Тоа е познато како Нормандиски формат. Според зборовите на министерката за надворешни работи Аналена Бербок, владата во Берлин сега планирала нов посреднички состанок меѓу Германија, Франција, Украина и Русија.
Договорите од Минск- добра основа
Преговорите во Нормандискиот формат во 2015. година доведоа до спогодба позната како „Минск 2“. Вистина е дека имплементацијата не оди како што треба, меѓутоа тогаш донесените одлуки и оние од подоцнежнот договор можат да се надоградуваат, вели Томас Кунце. Тој е на чело на московската канцеларија на Фондацијата Конрад Аденауер, блиска до ЦДУ.
Во интервју за ДВ, Кунце објаснува дека „спогодбата од Минск е најмал заеднички именител“ и наведува што е сѐ договорено: „Од прекин на огнот, до повлекување на тешко вооружување, надгледување од страна на ОБСЕ, договорени се дијалог и модалитети за локални избори во Украина, размена на заробеници, хуманитарна помош и многу други нешта. Многу нешта на кои може натамошно да се работи – кога ќе дојде до деескалација.“
Русите, смета Кунце, веќе постигнаа нешто важно. „Успеаја рамноправно да преговараат со Американците. Успеаја повторно да проработи Советот НАТО-Русија, кого НАТО го суспендираше. И – Русите постигнаа да се разговара за сфери на влијание.“
Безбеден простор за сите во Европа
Притоа Кунце не верува дека поредокот во Европа повторно ќе се организира околу сферите на влијание на големите сили. „Напротив, мораме да размислуваме однапред, да дојдеме до поредок во Европа кој нуди заедничка област на безбедност, безбедност за сите“, инсистира Кунце.
За дипломатијата има многу работа. На прашањето што значи тоа, Рајнер Швалб сака да го цитира својот некогашен шеф, бившиот амбасадор во Москва, Ридигер фон Фрич. Дипломатијата, според Фрич, значи „искачување по истиот ѕид постојано одново – иако сте паднале 20 пати, ќе се обидете и 21. пат.“
Во секој случај, Германија моментно не размислува за повлекување на своите дипломати од Украина. Аналена Бербок во Брисел јасно стави до знаење дека моментно нема смисол повлекување на персоналот на германската амбасада.